Приказна 37
Светиот шатор
ЗНАЕШ ЛИ каква е оваа градба? Тоа е еден посебен шатор каде што се вршела служба за Јехова. Бил наречен и свет шатор. Народот завршил со неговата изградба една година откако излегле од Египет. Знаеш ли кој рекол да се изгради?
Тоа бил Јехова. Додека Мојсеј бил на планината Синај, Јехова му кажал како да го изгради. Му рекол да го направи на таков начин што ќе може лесно да се расклопи. Така деловите можеле да се пренесуваат од едно место на друго и повторно да се склопат. Затоа, кога се селеле од едно на друго место во пустината, Израелците со себе го носеле и шаторот.
Ако погледнеш во малата соба на крајот од шаторот, можеш да видиш една кутија, односно сандак. Тој бил наречен ковчег на сојузот. На него имало два ангели, односно херувими од злато по еден на секој крај. Бог повторно ги напишал Десетте заповеди на две камени плочи бидејќи Мојсеј ги скршил првите. Овие плочи биле чувани во ковчегот на сојузот. Исто така, внатре стоел и еден сад со мана. Се сеќаваш ли што била маната?
Јехова го избрал Мојсеевиот брат Арон да биде првосвештеник. Арон го предводел народот во службата за Јехова. И неговите синови биле свештеници.
Сега погледни во поголемата соба на шаторот. Таа е двапати поголема од малата соба. Дали ја гледаш кутијата, односно сандачето од кое се подига чад? Тоа е жртвеникот каде што свештениците палеле една мирислива смеса, наречена темјан. Таму е и светилникот со седум светилки. А третиот предмет во собата е една маса. На неа стоеле 12 леба.
Во дворот на светиот шатор имало голем сад, односно мијалник полн со вода. Свештениците се миеле со таа вода. Имало и еден голем жртвеник. На него ги гореле мртвите животни што му биле принесувани на Јехова. Светиот шатор бил во самиот центар на логорот, а Израелците живееле во своите шатори околу него.
2. Мојсеева 25:8-40; 26:1-37; 27:1-8; 28:1; 30:1-10, 17-21; 34:1, 2; Евреите 9:1-5.