Прашања од читателите
Дали ковчегот на заветот ги содржел само двете камени плочи или, пак, во него имало и други предмети?
Во времето на посветувањето на Соломоновиот храм, во 1026 година пр.н.е., „во Ковчегот немаше ништо друго освен двете плочи кои ги стави Мојсеј на Хорив, каде Господ склучи Завет со Израелците откако излегоа од Египет“ (2. Летописи 5:10). Меѓутоа, не било секогаш така.
„Три месеци по излезот од Египетската Земја“, Израелците влегле во Синајската Пустина (Излез 19:1, 2). Потоа, Мојсеј се искачил на планината Синај и ги добил двете камени плочи од Законот. Тој кажува: „Се свртив и слегов од гората. Ги положив плочите во ковчегот што го направив. И останаа таму, како што Господ ми нареди“ (Второзаконие 10:5). Ова бил привремен ковчег, кој Јехова му наредил на Мојсеј да го направи за во него да стојат плочите на Законот (Второзаконие 10:1). Ковчегот на сојузот не бил спремен за употреба сѐ до крајот на 1513 година пр.н.е.
Кратко по нивното ослободување од Египет, Израелците почнале да мрморат околу храната. Затоа Јехова им обезбедил мана (Излез 12:17, 18; 16:1-5). Во тоа време, Мојсеј му рекол на Арон: „Земи еден сад; стави во него цел гомор мана, а потоа положи го пред Господа, да се пази за вашите потомци“. Извештајот вели: „Како што Господ му нареди на Мојсеја, Арон ја сложи пред Сведоштвото [една архива за чување на важни документи] на чување“ (Излез 16:33, 34). Арон сигурно веднаш наполнил еден ќуп со мана, но тој бил ставен во Сведоштвото дури откако Мојсеј го направил ковчегот и откако ги ставил плочите во него.
Како што беше спомнато, ковчегот на сојузот бил направен кон крајот на 1513 година пр.н.е. Ароновиот стап бил ставен во ковчегот многу подоцна, по побуната на Кореј и другите. Апостол Павле го спомнува ‚ковчегот на сојузот, во кој се наоѓал златниот ќуп со мана и Ароновиот расцутен стап и плочите на сојузот‘ (Евреите 9:4).
Бог им давал мана на Израелците во текот на 40-те години додека тие престојувале во пустината. Кога почнале ‚да јадат од плодот на онаа земја‘, повеќе не добивале мана (Исус Навин 5:11, 12). Ароновиот стап бил ставен во ковчегот на сојузот со јасно одредена цел — да служи како знак или како доказ против бунтовната генерација. Ова наведува на заклучокот дека стапот останал таму најмалку до крајот на патувањето низ пустината. Тогаш, би било логично да се заклучи дека, во периодот откако Израел влегол во Ветената земја па до пред посветувањето на Соломоновиот храм, Ароновиот стап и златниот ќуп со мана повеќе не биле во ковчегот на сојузот.