Приказна 64
Соломон го гради храмот
ПРЕД да умре, Давид му ги дал на Соломон плановите за градење на Јеховиниот храм, кои ги добил од Бог. Во четвртата година од своето владеење, Соломон почнал да го гради храмот, а за да се заврши, биле потребни седум и пол години. Десетици илјади луѓе работеле на храмот, а изградбата чинела многу, многу пари. Тоа е затоа што било употребено многу злато и сребро.
Храмот имал две главни простории, исто како што имал светиот шатор. Но овие соби биле двапати поголеми од оние во шаторот. Соломон го ставил ковчегот на сојузот во внатрешната соба на храмот, а другите работи што биле чувани во светиот шатор ги ставил во другата соба.
Кога храмот бил завршен, имало голема прослава. Соломон паднал на колена пред храмот и се молел, како што можеш да видиш на сликата. ‚Ниту целото небо не е доволно големо да те собере‘, му рекол Соломон на Јехова, ‚тогаш колку помалку може овој храм. Но, те молам, о Боже мој, услиши го својот народ кога се моли свртен кон ова место.‘
Кога Соломон ја завршил својата молитва, оган паднал од небото и ги изгорел животинските жртви што биле принесени. И блескава светлина од Јехова го исполнила храмот. Ова покажува дека Јехова слушал и дека бил задоволен со храмот и со молитвата на Соломон. Наместо светиот шатор, храмот станал местото каде што народот доаѓал за да му се поклони на Бог.
Долго време Соломон владеел на мудар начин, и народот бил среќен. Но, Соломон се оженил со многу жени од други земји, кои не му служеле на Јехова. Можеш ли да видиш една од нив како го обожава идолот? На крајот, неговите жени го навеле и Соломон да им служи на други богови. Знаеш ли што се случило кога Соломон го сторил ова? Тој повеќе не постапувал љубезно со народот. Станал суров и луѓето повеќе не биле среќни.
Јехова му се налутил на Соломон поради тоа, па му рекол: ‚Ќе ти го одземам царството и ќе го дадам на друг човек. Тоа нема да го направам додека си жив, туку за време на владеењето на твојот син. Но, на твојот син нема да му го одземам целиот народ‘. Да видиме како се случило тоа.
1. Летописи 28:9-21; 29:1-9; 1. Царевите 5:1-18; 2. Летописи 6:12-42; 7:1-5; 1. Царевите 11:9-13.