Приказна 74
Човек кој не се плашел
ВИДИ ГО народот кој го исмејува овој млад човек. Дали знаеш кој е тој? Тоа е Еремија. Тој бил многу важен Божји пророк.
Набрзо откако цар Јосија почнал да ги уништува идолите во земјата, Јехова му рекол на Еремија да биде Негов пророк. Меѓутоа, Еремија мислел дека е премлад за да биде пророк. Но, Јехова му рекол дека Тој лично ќе му помогне.
Еремија им рекол на Израелците да престанат да прават лоши работи. ‚Боговите на кои им се поклонуваат луѓето од другите народи се лажни‘, рекол тој. Но многу Израелци повеќе сакале да им служат на идоли отколку вистинскиот Бог Јехова. Кога Еремија му кажал на народот дека Бог ќе ги казни поради нивната лошотија, тие само му се смееле.
Поминале многу години. Јосија умрел и, три месеци подоцна, цар станал неговиот син Јоаким. Еремија продолжил да му кажува на народот: ‚Ерусалим ќе биде уништен ако не го промените својот лош начин на постапување‘. Свештениците го зграпчиле Еремија и му викнале: ‚Ти треба да бидеш убиен затоа што ни зборуваш вакви работи!‘ Потоа, им рекле на кнезовите на Израел: ‚Еремија треба да биде убиен затоа што зборува против нашиот град!‘
Што направил Еремија? Тој не се плашел, туку им рекол на сите нив: ‚Јехова ме испрати да ви ги кажам овие работи. Ако не го промените својот лош начин на живот, Јехова ќе го уништи Ерусалим. Но бидете сигурни: ако ме убиете, ќе убиете човек кој не направил ништо лошо‘.
Кнезовите го оставиле Еремија да живее, но Израелците не ги смениле своите лоши постапки. Подоцна Навуходоносор, царот на Вавилон, дошол и се борел против Ерусалим. На крајот, Навуходоносор ги заробил Израелците за да му бидат слуги. Тој одвел во Вавилон илјадници од нив. Само помисли како би ти било кога некои непознати луѓе би те одвеле од дома во некоја странска земја!
Еремија 1:1-8; 10:1-5; 26:1-16; 2. Царевите 24:1-17.