Приказна 80
Божјиот народ го напушта Вавилон
ПОМИНАЛЕ скоро две години откако Вавилон бил освоен од страна на Медијците и Персијците. А гледај што се случило! Да, Израелците го напуштиле Вавилон. Како се ослободиле? Кој ги пуштил да си одат?
Ги пуштил Кир, царот на Персија. Долго пред да се роди Кир, Јехова му заповедал на својот пророк Исаија да запише за Кир: ‚Ти ќе го направиш токму тоа што сакам да го направиш. Портите ќе бидат оставени отворени за тебе за да го освоиш градот‘. И Кир навистина го предводел освојувањето на Вавилон. Медијците и Персијците влегле ноќе во градот низ портите кои биле оставени отворени.
Но, Јеховиниот пророк Исаија исто така рекол дека Кир ќе даде заповед да бидат повторно изградени Ерусалим и неговиот храм. Дали Кир ја издал оваа заповед? Да, ја издал. Еве што им рекол Кир на Израелците: ‚Одете во Ерусалим и изградете го храмот на Јехова, вашиот Бог‘. И токму тоа имале намера да го направат Израелците.
Но не можеле сите Израелци што биле во Вавилон да тргнат на тој долг пат до Ерусалим. Тие требало долго, долго да патуваат за да поминат околу 800 километри, а многумина биле престари или премногу болни за да патуваат толку далеку. А имало и други причини за некои да не одат. Но, Кир им рекол на тие што не оделе: ‚Дајте им сребро и злато и други подароци на луѓето кои ќе се вратат за да ги изградат Ерусалим и неговиот храм‘.
Затоа, им дале многу подароци на овие Израелци кои тргнале на пат за Ерусалим. Исто така, Кир им ги дал чашите и садовите кои цар Навуходоносор ги зел од Јеховиниот храм кога го уништил Ерусалим. Народот имал многу работи да носи со себе.
По околу четири месеци патување, Израелците се вратиле во Ерусалим токму навреме. Тоа било точно по 70 години откако градот бил уништен, а земјата била оставена потполно пуста. Но, иако се вратиле во својата земја, Израелците имале некои тешкотии, како што ќе дознаеме понатаму.
Исаија 44:28; 45:1-4; Езра 1:1-11.