Приказна 104
Исус се враќа на небото
КАКО што минувале деновите така Исус им се појавувал на своите следбеници многу пати. Еднаш го виделе околу 500 ученици. Кога Исус им се појавил, знаеш ли за што им зборувал? За Божјето Царство. Јехова го испратил Исус на Земјата за да поучува за Царството. И тој продолжил да го прави тоа дури и откако бил воскреснат од мртвите.
Се сеќаваш ли што е Божјето Царство? Да, Царството е една вистинска влада од Бог која се наоѓа на небото, а Исус е Тој кого Бог го избрал да биде цар. Како што научивме, Исус покажал колку прекрасен цар ќе биде, хранејќи ги гладните, лекувајќи ги болните, па дури и враќајќи мртви во живот!
Според тоа, кога Исус ќе владее илјада години како цар на небото, како ќе биде на Земјата? Да, целата Земја ќе биде претворена во еден преубав рај. Таму ќе нема повеќе војни, криминал, болести, па дури ќе нема ни смрт. Ние знаеме дека ова е вистина бидејќи Бог ја создал Земјата да биде рај во кој луѓето ќе живеат среќно. Затоа на почетокот ја направил и градината Еден. А Исус ќе се погрижи конечно да се исполни Божјата волја.
Дошло време Исус да се врати на небото. Четириесет дена Исус им се појавувал на своите ученици. Затоа биле сигурни дека тој е повторно жив. Но, пред да ги напушти своите ученици, тој им рекол: ‚Останете во Ерусалим сѐ додека не добиете свет дух‘. Светиот дух е силата што ја користи Бог, која е слична на ветар. Таа сила требало да им помогне на неговите ученици да ја вршат Божјата волја. На крајот Исус рекол: ‚Вие треба да проповедате за мене до најоддалечените места на земјата‘.
Откако Исус го кажал тоа, се случило нешто чудно. Тој почнал да се подига кон небото, како што можеш да видиш на сликата. Тогаш го скрил еден облак, и учениците не можеле повеќе да го видат. Исус отишол на небото и оттогаш почнал да владее над своите следбеници на Земјата.
1. Коринќаните 15:3-8; Откровение 21:3, 4; Дела 1:1-11.