Божјето име — Неговото значење и изговор
ЕДЕН библиски писател прашал: „Кој собрал ветар во пазувата своја? Кој врзал вода на наметката своја? Кој ги поставил сите краишта на земјата? Како му е името? И кое е името на синот негов? Знаеш ли?“ (Изреки 30:4). Како можеме ние да дознаеме кое е Божјето име? Тоа е важно прашање. Творештвото претставува силен доказ дека мора да постои Бог, но тоа не ни го кажува неговото име (Римјаните 1:20). Всушност, никогаш не би можеле да го знаеме Божјето име доколку самиот Творец не ни го кажал. А тој го сторил тоа во својата Книга — Светото писмо.
Во една свечена прилика, Бог го објавил своето лично име, и го повторил во присуство на Мојсеј. Мојсеј напишал извештај за тој настан, кој е зачуван во Библијата до ден-денеска (2. Мојсеева 34:5). Бог дури и го напишал своето име со сопствениот „прст“. Кога му ги дал на Мојсеј таканаречените Десет заповеди, Бог ги запишал на чудесен начин. Извештајот вели: „И кога престана да зборува со Мојсеја на планината Синајска, му даде две плочи на сведоштвото, плочи камени, напишани со прст Божји“ (2. Мојсеева 31:18). Во оригиналните Десет заповеди, Божјето име се појавува осум пати (2. Мојсеева 20:1-17). На тој начин, Бог самиот му го открил своето име на човекот, и усно и писмено. Тогаш, кое е тоа име?
На хебрејски јазик името се пишува יהוה. Овие четири букви, наречени тетраграматон, на хебрејски се читаат оддесно налево, и во голем број современи јазици се претставуваат како ЈХВХ. Во оригиналниот „Стар завет“, односно Хебрејските списи, Божјето име, претставено со овие четири согласки, се појавува скоро 7.000 пати.
Името претставува облик на еден хебрејски глагол хава́х (הוה), кој значи „да настане“ и всушност означува „Тој предизвикува да настане“.a На тој начин, Божјето име го идентификува него како Оној кој напредно ги исполнува своите ветувања и кој непогрешливо ги остварува своите намери. Само вистинитиот Бог може да носи едно такво значајно име.
Се сеќаваш ли на различните начини на коишто Божјето име се појавуваше во Псалм 82:18, како што беше изложено во претходниот дел (страница 5)? Два од тие преводи беа само титули („ГОСПОД“, „Вечен“), како замени за Божјето име. Но, кај два од нив, Јахве и Јехова, можеш да ги видиш четирите букви од Божјето име. Меѓутоа, изговорот е различен. Зошто?
Како се изговара Божјето име?
Точно е дека никој не знае со сигурност како првобитно се изговарало Божјето име. Зошто не? Па, првиот јазик што се користел при пишувањето на Библијата бил хебрејскиот и кога се пишувал, писателите ги пишувале само согласките — без самогласки. Затоа, кога инспирираните писатели го пишувале Божјето име, се разбира, тие го правеле истото и ги пишувале само согласките.
Во времето кога стариот хебрејски јазик се користел во секојдневниот говор, ова не претставувало проблем. На Израелците им бил познат изговорот на Името и кога ќе го виделе напишано, тие ги додавале самогласките без размислување (исто како што за еден македонски читател скратеницата „дкг“ претставува „декаграм“, а „Згб“ — „Загреб“).
Се случиле две работи кои ја промениле оваа ситуација. Како прво, меѓу Евреите се појавила празноверната идеја дека е погрешно да се изговори наглас божественото име; така, кога при читањето во своите Библии ќе наишле на него, го изговарале хебрејскиот збор Адона́ј („Суверен Господ“). Понатаму, како што времето одминувало, самиот стар хебрејски јазик престанал да се користи во секојдневното комуницирање и, како резултат на тоа, оригиналниот хебрејски изговор на Божјето име конечно бил заборавен.
Со цел да се осигураат да не се изгуби во потполност изговорот на хебрејскиот јазик, еврејските научници од втората половина на првиот милениум од н. е. измислиле систем од точки кои ги претставувале испуштените самогласки и нив ги ставале околу согласките во хебрејската Библија. На тој начин, заедно со согласките биле запишувани и самогласките, а изговорот бил зачуван онаков каков што бил во тоа време.
Кога се работело за Божјето име, наместо да ги ставаат околу него исправните ознаки за самогласки, во повеќето случаи тие ставале други ознаки за самогласки за да го потсетат читателот дека треба да прочита Адона́ј. Оттука дошло до изговорот Иехоуах и, конечно, Јехова станал прифатениот изговор на божественото име на македонски. Во него се задржани основните составни делови на Божјето име од хебрејскиот оригинал.
Кој изговор ќе го употребуваш?
Но, од каде потекнуваат изговорите како што е Јахве? Тоа се облици што ги предложиле современите научници, обидувајќи се да го изведат оригиналниот изговор на Божјето име. Некои — иако не сите — мислат дека Израелците пред Христово време веројатно го изговарале Божјето име како Јахве. Но, никој не може да биде сигурен во тоа. Можеби го изговарале така, а можеби и не.
Меѓутоа, многумина го претпочитаат изговорот Јехова. Зошто? Затоа што тој е пораширен и попознат отколку Јахве. Но, зарем не би било подобро да се употребува оној облик што изгледа дека е поблизок до оригиналниот изговор? Не баш, бидејќи тоа не е обичај кај библиските имиња.
Како најистакнат пример, да го земеме името на Исус. Дали ти знаеш како го ословувало неговото семејство и пријателите во секојдневната комуникација додека растел во Назарет? Вистина е дека ниеден човек не знае со сигурност, иако можеби било нешто слично како Јешуа (или можеби Јехошуа). Сигурно не било Исус.
Меѓутоа, кога биле запишувани извештаите за неговиот живот на грчки јазик, инспирираните писатели не се обидувале да го зачуваат тој оригинален хебрејски изговор. Напротив, тие го преведувале името на грчки — Иесу́с. Денес, тоа се преведува различно, сообразно со јазикот на библискиот читател. Шпанските читатели на Библијата се среќаваат со Jesús (се изговара Хесу́с), Италијанците го пишуваат Gesù (се изговара Џезу́), а Германците го пишуваат Jesus (се изговара Је́зус).
Дали мораме да престанеме да го употребуваме Исусовото име затоа што повеќето од нас, ако не и сите, не го знаеме навистина неговиот оригинален изговор? Досега ниеден преведувач не го предложил тоа. Ние сакаме да го употребуваме името, бидејќи тоа го идентификува саканиот Син Божји, Исус Христос, кој ја дал својата животна крв за нас. Дали би претставувало оддавање чест на Исус ако го отстраниме од Библијата секое споменување на неговото име и го замениме со некоја обична титула, како „Учител“ или „Посредник“? Секако дека не! Можеме да се осврнеме на Исус кога го употребуваме неговото име онака како што тоа вообичаено се изговара на нашиот јазик.
Слични коментари може да се дадат и во поглед на сите имиња за кои читаме во Библијата. Нив ги изговараме на нашиот јазик и не се обидуваме да го имитираме оригиналниот изговор. На пример, велиме „Јеремија“, а не Јирмеја́ху. Исто така, велиме Исаија, иако во негово време овој пророк веројатно бил познат како Јешаја́ху. Дури и научниците кои се свесни за оригиналниот изговор на овие имиња, кога зборуваат за нив, го употребуваат современиот изговор, а не стариот.
Истото важи и за името Јехова. Иако современиот изговор Јехова можеби не е сосема онаков каков што првобитно се изговарал, тоа воопшто не ја намалува важноста на името. Тоа име го идентификува Творецот, живиот Бог, Највишиот, за кого Исус рекол: „Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое“ (Матеј 6:9).
‚Не може да се истисне‘
Иако мнозина преведувачи го претпочитаат изговорот Јахве, New World Translation (Нов Свет преводот), како и бројни други преводи, и понатаму го употребуваат обликот Јехова, затоа што луѓето со векови знаат за него. Освен тоа, исто како и другите облици, тоа име ги задржува четирите букви на тетраграматонот ЈХВХ.b
Порано, германскиот професор Густав Фридрих Елер донел слична одлука од речиси истата причина. Тој разгледал различни изговори и заклучил: „Отсега па натаму, јас ќе го користам само зборот Јехова, затоа што, всушност, ова име сега уште повеќе се одомаќило во нашиот речник и не може да се истисне“ (Theologie des Alten Testaments — Теологија на Стариот завет, второ издание, објавено во 1882, страница 143).
Слично на тоа, во својата Grammaire de l’hébreu biblique (Граматика на библискиот хебрејски), издание од 1923 година, во една фуснота на страница 49, језуитскиот научник Пол Жуон наведува: „Во нашите преводи, наместо (хипотетскиот) облик Јахве, го употребувавме обликот Жеова . . . кој е повообичаен дословен облик што се употребува во Франција“. Во многу други јазици, преведувачите на Библијата употребуваат сличен облик, како што е покажано на страница 8.
Тогаш, дали е погрешно да се употребува обликот Јахве? Никако. Се работи само за тоа дека обликот Јехова наидува на поголем одѕив кај читателите, бидејќи тој облик се „одомаќил“ во повеќето јазици. Најважното е да го употребуваме името и да им го објавуваме на другите. „Славете Го Господа [Јехова, НС], повикувајте Го името Негово; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови; напомнувајте дека името Негово е големо“ (Исаија 12:4).
Да видиме како постапувале Божјите слуги низ вековите во склад со таа заповед.
[Фусноти]
a Види Додаток 1А во New World Translation of the Holy Scriptures, издание од 1984.
b Види Додаток 1А од New World Translation of the Holy Scriptures, издание од 1984 година.
[Рамка на страница 7]
Различни научници имаат различни идеи во врска со тоа како се изговарало првобитно името ЈХВХ.
Во делото The Mysterious Name of Y.H.W.H. (Мистериозното име Ј.Х.В.Х.), страница 74, д-р М. Рајзел рекол дека „вокализацијата на тетраграматонот првобитно мора да била ЈеХуа́Х или ЈаХуа́Х“.
Каноникот Д. Д. Вилијамс од Кембриџ сметал дека „доказите покажуваат, па дури и докажуваат, дека Јахве́ не бил правилниот изговор на Тетраграматонот . . . Самото име веројатно било ЈАХО̂Х“ (Zeitschrift für die alttestamentliche Wissenschaft — Списание за старозаветната наука, 1936, том 54, страница 269).
Во речникот на францускиот Revised Segond Version (Ревидиран Сегонд превод), на страница 9 е даден следниот коментар: „Изговорот Јахве́ што се употребува во некои понови преводи, се темели на неколку древни сведоци, но тие не се убедливи. Ако се земат предвид личните имиња кои го содржат божественото име, како што е хебрејското име на пророкот Илија (Елијаху), изговорот би можел да биде и Јахо или Јахоу“.
Во 1749 година, германскиот библичар Телер го кажал следново во врска со некои различни изговори на Божјето име кои ги прочитал: „Диодор од Сицилија, Макробиј, Климент Александриски, Свети Ероним и Ориген пишувале Јао; Самарјаните, Епифаниј, Теодорет: Јахе или Јаве; Лудвиг Капел вели Јавох; Друзиј: Јахве; Хотингер: Јехва; Марцер: Јехова; Кастелио: Јовах и ле Клерк: Јавох“.
Според тоа, очигледно е дека првобитниот изговор на Божјето име повеќе не се знае. А, всушност, не е ни толку важен. Кога би бил важен, тогаш Бог самиот би се погрижил да се зачува за да го употребуваме. Најважно е да го употребуваме Божјето име сообразно со неговиот вообичаен изговор во нашиот јазик.
[Рамка на страница 8]
Облици на божественото име во различни јазици, кои покажуваат дека обликот Јехова е меѓународно прифатен
Авабакал — Јехо́а
Англиски — Џехова
Буготу — Џихова
Венда — Јехова
Германски — Јехова
Дански — Јехова
Ефик — Јехова
Зулу — уЈехова
Игбо — Јехова
Италијански — Џеова
Јапонски — Ехоба
Јоруба — Јехофах
Кантонски — Јехвова
Маори — Ихова
Мвала-Малу — Јихова
Моту — Иехова
Нарињери — Јехова
Нембе — Јихова
Петатс — Јихоува
Полски — Јехова
Португалски — Жеова́
Романски — Јехова
Самоански — Иеова
Свахили — Јехова
Сото — Јехова
Тагалог — Јехова
Тахиќански — Иехова
Тонгоански — Џихова
Унгарски — Јехова
Фински — Јехова
Фиџиски — Џиова
Француски — Жеова
Футуна — Ихова
Холандски — Јехова
Хоса — уЈехова
Шведски — Јехова
Шпански — Хеова́
[Рамка на страница 11]
„Јехова“ станало нашироко познато како Божје име дури и во небиблиски контексти.
Франц Шуберт компонирал музика за една лирска песна со наслов „Семоќ“, напишана од Јохан Ладислав Пиркер, во која името Јехова се појавува двапати. Употребено е и на крајот од последната сцена во Вердиевата опера „Набуко“.
Освен тоа, и ораториумот „Цар Давид“ од францускиот композитор Артур Хонегер, го истакнува името Јехова, а прославениот француски автор Виктор Иго го употребил во преку 30 свои дела. И тој и Ламартин напишале поеми со наслов „Јехова“.
Во книгата Deutsche Taler (Германски талири), издадена во 1967 година од Германската Бундесбанка, се наоѓа слика на една од најстарите монети која го носи името „Јехова“ — царски талир од 1634 година од војводството Шлезија. За сликата од другата страна се вели: „Под сјајното име ЈЕХОВА, кое се крева од облаците, е крунисаниот штит со шлескиот грб“.
Во еден музеј во Рудолштат (Источна Германија), на јаката од панцирот што некогаш го носел шведскиот крал Густав II Адолф од XVII век, можеш да го видиш името ЈЕХОВА испишано со големи букви.
Според тоа, обликот Јехова со векови бил меѓународно признат начин на изговарање на Божјето име, а луѓето кои ќе го слушнат, веднаш сфаќаат за кого станува збор. Како што рекол професор Елер: „Ова име сега уште повеќе се одомаќило во нашиот речник и не може да се истисне“ (Theologie des Alten Testaments — Теологија на Стариот завет).
[Слика на страница 6]
Детаљ на еден ангел на кој е испишано Божјето име, што се наоѓа на гробот на папата Клемент XIII во базиликата на Св. Петар (Ватикан)
[Слика на страница 7]
Биле исковани многу монети кои го носат Божјето име. Оваа монета која датира од 1661 година, е од Нирнберг (Германија). Латинскиот текст гласи: „Под сенката на твоите крилја“
[Слики на страница 9]
Во минатото, Божјето име во облик на тетраграматон било дел од декорацијата на бројни религиозни градби
Католичка базилика Фурвие, Лион (Франција)
Катедралата Бурже (Франција)
Црква во Ласел Дунуа (Франција)
Црква во Дињ (јужна Франција)
Црква во Сан Паоло (Бразил)
Катедралата во Страсбур, (Франција)
Катедралата Сан Марко, Венеција (Италија)
[Слики на страница 10]
Јеховиното име во еден манастир во Бордесхолм (Германија);
на една германска монета од 1635 година;
над една црквена врата во Фемарн (Германија)
и на еден надгробен споменик од 1845 година во Хармансшлаг (Долна Австрија)