Јехова го собира и опремува својот народ за дело
Низ вековите, отпадништвото се раширило по светот. Многу црковни деноминации (вероисповеди) имале некакви библиски учења, но воглавно следеле човечки традиции и многу обичаи со паганско потекло. Очекувањата за Христовото враќање биле потиснати во заднина (Спореди Матеј 13:24-30, 37-43).
Меѓутоа, Исус рекол дека треба будно (како на стража) да се очекува неговото враќање! Тоа го правела една група луѓе во Алегени, Пенсилванија, САД. Во почетокот на 1870-тите, Чарлс Тејз Расел и некои негови пријатели започнале исцрпно, независно од која и да е црковна деноминација, да ја проучуваат Библијата посебно во поглед на Христовото враќање. Исто така почнале да ја бараат библиската вистина и за многу други темелни науки. Тоа бил почетокот на активноста на денешните Јеховини сведоци (Матеј 24:42).
Таа група сфатила дека учењето за тројството не е библиско, туку дека Јехова самиот е семоќниот Бог и Творец, Исус Христос е Негова прва творба и негов единороден Син, а светиот дух не е личност, туку Божја невидлива активна сила. Увиделе дека душата не е бесмртна туку смртна, дека надежта за мртвите е воскресение и дека казната за непокајничко зло постапување не е вечен оган, туку уништување.
Се увидело дека Исусовото полагање на животот како откуп за човештвото е темелно библиско учење. Најпрвин 144000 мажи и жени, избирани од првиот век па сѐ до денес, ќе бидат откупени од Земјата за да бидат сонаследници со Христос во небесното Царство. Потоа преку Исусовиот откуп, милијарди луѓе, вклучувајќи ги и воскреснатите, ќе постигнат човечко совршенство со изглед за вечен живот на Земјата под управата на Царството.
Расел и неговите другари исто така увиделе дека Христовото присуство треба да биде невидливо, во дух. Времињата на паганите, во текот на кои Божјата сувереност не била изразена преку ниедна влада на Земјата, требало да завршат во 1914 г. Тогаш на небото требало да биде воспоставено Божјето Царство. Овие учења се карактеристични за Јеховините сведоци денес.
Расел и неговите соработници овие учења ги објавиле надалеку и нашироко преку говори и печатен материјал. Во јули 1879, Расел почнал да ја издава Сионска стражарска кула (сега Стражарска кула). Тој одредил дека проповедничката активност на Истражувачите на Библијата во потполност мора да зависи од доброволни прилози и дека не треба да се врши собирање на пари. Исто така, пораката требало да се пренесува по пат на неплатена, доброволна работа на оние кои веруваат. Расел и самиот дал придонес во средства кои ги собрал во својата работа дотогаш.
Истражувачите на Библијата се собирале во класови, како што тогаш се нарекувале нивните собранија. Се состанувале три пати седмично, заради разговор, проучување на Библијата и состаноци за сведочење. Редовно избирале одговорни мажи за старешини, за да ги надгледуваат духовните активности на секој клас.
Во 1884 г. во сојузната држава Пенсилванија било основано Zion’s Watch Tower Tract Society (Трактатно друштво на Сионска стражарска кула) како непрофитна корпорација. Претседателот на корпорацијата се избирал секоја година. Со тоа било овозможено правно средство, независно од животот на кој и да е поединец, за спроведување на делото на библиско образование. Чарлс Т. Расел бил избран за претседател, а неговата канцеларија била сметана за главно седиште, централа.
Биле направени големи напори за да делото се прошири и во други земји. Во раните 1880-ти години тоа ги достигнало Канада и Англија. Во 1891 г. Расел презел патување низ Европа и Средниот Исток за да разгледа што би можело да се направи за да таму се унапреди ширењето на вистината. Во раните 1900-ти години биле основани подружници на Друштвото во Велика Британија, Германија и Австралија.
Во 1909 година, централата на Друштвото Стражарска кула била преместена во Бруклин, Њујорк, за да се подобри делото на проповедање на меѓународен план. Било потребно да се основа една здружена корпорација според законот на државата Њујорк, која сега е позната како Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. Во 1914 г. во Лондон, Англија, е основано Меѓународно здружение на Истражувачите на Библијата (International Bible Students Association), за да се унапреди активноста на Истражувачите на Библијата во земјите на британскиот Комонвелт. Во овој момент околу 70 законски основани корпорации и здруженија во многу земји ширум светот служат за целта на Друштвото Стражарска кула. Сите здруженија се филантропски (засновани на љубовта спрема човекот), поддржувани со доброволни прилози и доброволна работа.
Во 1916 Чарлс Тејз Расел умрел, а претседател станал Џозеф Френклин Ратерфорд. Во последните години од Првата светска војна, Истражувачите на Библијата биле изложени на жестоко искушение од прогонства, кои достигнале кулминација со неправедно затварање на осуммина браќа кои служеле на одговорни места во централата на Друштвото во Америка. Се чинело дека работата на Истражувачите на Библијата е загрозена. Меѓутоа, во 1919 година, овие браќа биле ослободени и рехабилитирани. Оттогаш започнало уште поголемо ширење на делото на проповедање.
Преку централата на Друштвото, обединетото тело од помазани христијански Истражувачи на Библијата продолжило да им дава духовна храна во вистинско време на сите поединци здружени со организацијата. Токму како што собранието на помазани христијани во првиот век го сочинувало ”верниот и разумен роб“ кого Исус го споменал, така и помазаната група од предадени Истражувачи на Библијата, вработена на делото за Царството, ја сочинува класата на ”верниот и разумен роб“ во денешно време. Кога дошол да го прегледа делото на собранието, Исус ја нашол оваа класа како ги снабдува своите домашни со храна; тогаш ги поставил над целиот имот на господарот (Матеј 24:45-47; Лука 12:42).
Набрзо после Првата светска војна било јасно дека Божјето Царство под Исус Христос навистина е воспоставено на небото во 1914. На тој начин Исусовите зборови денес во потполност се исполнуваат: ”Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по сета населена земја за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“ Џозеф Ратерфорд презел иницијатива таа порака за Царството да се направи достапна за уште поголем број луѓе (Матеј 24:14, NW).
Затоа, Друштвото донело одлука самото да ја печати литературата користејќи доброволни работници кои биле предадени луѓе, за да се осигура константно производство на библиска литература по најниска можна цена. Сите Истражувачи на Библијата биле охрабрени редовно да учествуваат во проповедањето на добрата вест за Царството. Во многу земји била користена радио програма преку која биле одржувани библиски говори.
Пред 1918 година, Истражувачите на Библијата разбрале дека целта на нивното проповедање е да се соберат преостанатите од избраните кои треба да бидат со Христос на небото, и да го предупредат светот на идниот Божји суд. Малку се размислувало за собирањето на оние кои ќе го преживеат крајот на сегашниот зол систем за да живеат на Земјата. А тогаш од 1918 година насекаде бил одржуван говорот ”Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат!“
Во 1923 година проучувањето на Исусовата споредба за овците и јарците од Матеј 25:31-46 покажало дека пред Армагедон праведни луѓе кои немаат надеж за небесното Царство исто така ќе добијат Божје признание и ќе го преживеат Армагедон. Во 1935 г. натамошното проучување покажало дека овие луѓе слични на овци се идентични со големото, неброено мноштво од луѓе, опишани во Откровение 7:9-17. Тие треба да бидат собрани од сите народи, за да ја преживеат големата неволја и да добијат вечен живот на Земјата. Ова разбирање му дало голем поттик на делото на проповедање (Јован 10:16).
Во 1931 година Истражувачите на Библијата го усвоиле називот Јеховини сведоци. Пред тоа биле познати како Истражувачи на Библијата, Меѓународни истражувачи на Библијата, луѓе на Илјадагодишната зора и луѓе на Стражарска кула. Дури биле нарекувани Раселовци или Ратерфордовци. Било јасно дека ниту едно од тие имиња не ги претставува во исправна светлина. Иако можел да се примени и називот христијани, даден на Исусовите ученици со божествено провидение во првиот век, него го користеле и многу групи кои следеле лажни учења. За да се разликуваат од милионите номинални христијани, требало да постои име со кое јасно би се препознавале денешните Христови вистински следбеници.
Со проучувањето на Библијата разјаснето е дека, бидејќи самиот Јехова својот народ Израел ги нарекол сведоци, така и неговиот народ при крајот на системот, посветен да го носи неговото име и да ја објави неговата намера, исто така со право треба да биде наречен Јеховини сведоци. Тоа име на соодветен начин ги разликувало Јеховините вистински христијански обожаватели од сите други кои денес тврдат дека се христијани (Псалми 83:18; Исаија 43:10-12).
Во 1942 година, во текот на Втората светска војна, Џозеф Ф. Ратерфорд умрел, а претседател на Друштвото Стражарска кула станал Натан Х. Нор. Тогаш се увидело дека пророштвата јасно укажуваат оти ќе настапи повоен период на релативен мир и слобода кои ќе овозможат голема експанзија (ширење) на делото на проповедање пред крајот на овој систем. Во февруари 1943 година основана е Библиската школа Гилеад (Watchtower Bible School of Gilead) за да оспособи полновремени слуги-министри за мисионерска работа во странски земји. Подоцна истата година на неделниот распоред на состаноци на Јеховините сведоци е придодаден еден посебен курс за служба на проповедање.
Во 1950 г., Друштвото почнало да издава делови од Нов свет преводот на Библијата (New World Translation of the Holy Scriptures), превод на современ англиски јазик направен според текстовите на изворниот јазик. Оваа исправно преведена и лесно разбирлива Библија, печатена по ниска цена во печатниците на Друштвото, била голема помош во делото на проповедање. До денес се отпечетени преку 40 милиони примероци на 11 јазици.
Кон крајот на 1985 година повеќе од три милиони Јеховини сведоци учествувале во делото на проповедање во над 200 земји и острови. На Спомен-свеченоста за одбележување на Христовата смрт, состанок со најголема посета кој бил одржан во текот на 1985 во сите (49716) собранија, бил присутен вкупен број од 7792109 лица.
Дека Бог навистина ги употребува Јеховините сведоци се гледа по тоа што тие и понатаму активно истрајуваат во својата служба, во своето светско единство, во ревноста за возвишување на Јеховиното име и проповедање на неговото Царство, во своите чисти морални мерила, во прифаќањето на целата Библија како Божја непогрешива и сигурна Реч, и во својата слобода од суеверието и спиритизмот.
Следните статии покажуваат како можете и вие да извлечете полза од оваа обнова на вистинското обожавање на Бог.
● Кои основни библиски учења ги разликувале Истражувачите на Библијата од црковните деноминации?
● Каков организациски развој доживеале Истажувачите на Библијата до 1918 г.?
● Зошто може да се каже дека помазаните Истражувачи на Библијата го сочинувале ”верниот и разумен роб“ од Матеј 24:45-47?
● Кое разбирање на Божјата намера му дало голем поттик на делото на проповедање кое се ширело?
● За каква цел служи името Јеховини сведоци?
● Кои се доказите дека Бог навистина ги употребува Јеховините сведоци?
[Слики на страница 8]
Ч. Т. Расел, 1879 г.
Издание од јули 1879 г.
Една од првите групи на Истражувачите на Библијата, Питсбург, Пенсилванија
[Слики на страница 9]
Централата, 1889-1909, Питсбург, Пенсилванија
Главните канцеларии, 1909-1918, Бруклин, Њујорк
Седиштето на централата од 1909 до 1926, Бруклин, Њујорк
[Слики на страница 10]
Светската централа на Јеховините сведоци, Бруклин, Њујорк
Горе лево: Комплекс од канцеларии
Горе десно: Згради за живеење
Долу лево: Комплекс фабрики
Долу десно: Транспортен центар
[Слики на страница 11]
Џ. Ф. Ратерфорд во една радио емисија
Првата ротациона машина на Друштвото Стражарска кула опслужувана од доброволни работници
Нов свет преводот на Библијата, сега објавен на 11 јазици