Нивниот современ развој и раст
СОВРЕМЕНАТА историја на Јеховините сведоци започна пред повеќе од 100 години. Во почетокот на 1870-тите, во Алегени (Пенсилванија, САД), кој денес е дел од Питсбург, започна да функционира една неупадлива група за проучување на Библијата. Движечка сила на таа група беше Чарлс Тејз Расел. Во јули 1879 година излезе првото издание на списанието Zion’s Watch Tower and Herald of Christ’s Presence (Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност). До 1880, од таа мала група за проучување на Библијата се раширија многу собранија во околните држави. Во 1881 година беше формирано Zion’s Watch Tower Tract Society, а во 1884 тоа стана законска корпорација, чиј претседател беше Расел. Подоцна, името беше променето во Watch Tower Bible and Tract Society. Многумина сведочеа од куќа до куќа нудејќи библиска литература. Во 1888, 50 лица го правеа тоа полновремено — сега просечниот број на таквите лица ширум светот е околу 700.000.
До 1909 година делото доби меѓународен карактер, а светската централа на Заедницата беше преместена на нејзината сегашна локација во Бруклин (Њујорк). Во весници беа истовремено објавувани проповеди, а во 1913 тие излегуваа на четири јазици во илјади весници во Соединетите Држави, Канада и Европа. Беа дистрибуирани стотици милиони книги, брошури и трактати.
Во 1912 година почна да се работи на Photo-Drama of Creation (Фото-драмата за создавањето). Со дијапозитиви и кинематографија беше опфатен периодот од создавањето на Земјата па сѐ до крајот на Христовото илјадагодишно владеење. Прикажувањето започна во 1914, а ја гледаа по 35.000 луѓе секој ден. Тоа беше пионерска работа на полето на кинематографијата.
1914 ГОДИНА
Наближуваше пресудно време. Во 1876 година, Библискиот студент Чарлс Тејз Расел ја приложи статијата „Времињата на не-Евреите — кога завршуваат?“ за Bible Examiner, издадено во Бруклин (Њујорк), каде на 27. страница од октомвриското издание стоеше: „Седумте времиња ќе завршат во 1914 А.Д“. Времињата на не-Евреите се периодот на кој укажувал еден друг библиски превод како на „одредените времиња на нациите“ (Лука 21:24). Во 1914 година не се случи сѐ што се очекуваше, но таа година го означи крајот на времињата на не-Евреите и беше посебно значајна година. Многу историчари и коментатори се согласуваат дека 1914 беше пресвртница во човечката историја. Тоа го илустрираат следниве цитати:
„Последната потполно ‚нормална‘ година во историјата беше 1913, годината пред да започне I светска војна“ (Уводна статија во Times-Herald, Вашингтон, Д.К., 13 март 1949).
„На 75-годишниот период од 1914 до 1989, кој ги опфаќа двете светски војни и студената војна, историчарите сѐ повеќе гледаат како на единствена, одвоена епоха, посебно време во кое голем дел од светот се борел во војна, закрепнувал од војна или се подготвувал за војна“ (The New York Times, 7 мај 1995).
„Со I светска војна всушност експлодира целиот свет, а ние сѐ уште не знаеме зошто. Пред тоа луѓето мислеа дека на повидок е утопија. Владееше мир и просперитет. А потоа сѐ експлодира. Оттогаш се наоѓаме во состојба на замреност . . . Во овој век се убиени повеќе луѓе отколку во текот на целата историја“ (д-р Волкер Перси, American Medical News, 21 ноември 1977).
Повеќе од 50 години после 1914 година, германскиот државник Конрад Аденауер напишал: „Од 1914 безбедноста и спокојството исчезнаа од животот на луѓето“ (The West Parker, Кливленд, Охајо, 20 јануари 1966).
Првиот претседател на Заедницата, Ч. Т. Расел, умре во 1916 година, и следната година на негово место дојде Џозеф Ф. Ратерфорд. Се случија многу промени. Почна да излегува придружното списание на Стражарска кула, наречено Златен век. (Сега е познато како Разбудете се! и има тираж од над 20.000.000 примероци на повеќе од 80 јазици.) Сѐ повеќе почна да се нагласува сведочењето од врата до врата. За да се разликуваат од деноминациите на христијанскиот свет, во 1931 овие христијани го прифатија името Јеховини сведоци. Ова име се темели на Исаија 43:10—12.
Во 1920-тите и 1930-тите години во голема мера се користеше радиото. До 1933, за емитување на библиски предавања Заедницата користеше 403 радиостаници. Подоцна, наместо да се користи радио, Сведоците сѐ повеќе одеа од куќа до куќа со портабл фонографи и снимки од библиски предавања. Со секој што покажуваше интерес за библиската вистина, се започнуваше домашна библиска студија.
СУДСКИ ПОБЕДИ
Во текот на 1930-тите и 1940-тите многу Сведоци беа апсени заради вршењето на ова дело, и се водеа судски парници во интерес на слободата на говорот, печатот, собирањето и обожавањето. Резултат од жалбите на одлуките од нижите судови во Соединетите Држави беше тоа што Сведоците добија 43 парници пред Врховниот суд на Соединетите Држави. На сличен начин, поволни пресуди донесоа и вишите судови во други земји. Во врска со тие судски победи, во својата книга These Also Believe (И овие веруваат), професор Ч. С. Брејден за Сведоците рекол: „Борејќи се за своите граѓански права, тие ѝ направија голема услуга на демократијата, бидејќи со својата борба постигнаа многу во обезбедувањето на тие права за секоја малцинска група во Америка“.
СПЕЦИЈАЛНИ ПРОГРАМИ ЗА ОБУКА
Во 1942 година умре Џ. Ф. Ратерфорд, а местото претседател го наследи Н. Х. Нор. Тогаш се започна со една здружена програма на обука. Во 1943 беше основана една специјална школа за обучување мисионери, наречена Библиска школа Гилеад на Watchtower. Оттогаш наваму дипломците на оваа школа беа испраќани во земји низ целата Земјина топка. Никнаа нови собранија во земји каде дотогаш ги немаше, и на меѓународно ниво беа основани подружници чија бројка сега изнесува над 100. Одвреме навреме се одржуваат специјални курсеви за обучување на собраниски старешини, на доброволни работници во подружниците и на лицата кои полновремено учествуваат (како пионери) во делото на сведочење. Извесен број од тие специјализирани видови школување на слуги се вршат во еден образовен центар кој функционира во Патерсон (Њујорк).
Н. Х. Нор умре во 1977. Една од последните организациони промени во кои учествуваше тој пред својата смрт беше проширувањето на Водечкото тело, сместено во светската централа во Бруклин. Во 1976 административните одговорности беа поделени и доделени на различни одбори составени од членови на Водечкото тело. Секој од нив има повеќе децении искуство како министер.
ПРОШИРУВАЊЕ НА ПЕЧАТНИЦИТЕ
Современата историја на Јеховините сведоци е полна со драматични настани. Од една мала група за проучување на Библијата во Пенсилванија во 1870, до 2000 година Сведоците пораснаа на 90.000 собранија ширум светот. Во почетокот целата литература ја печатеа комерцијални фирми; потоа, во 1920, дел од литературата Сведоците произведуваа во најмени фабрички згради. Но, од 1927 многу повеќе литература се печати во осумкатната фабричка зграда во Бруклин (Њујорк), сопственост на Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. Таа сега е проширена во други фабрички згради и во еден комплекс канцеларии. Во близина на Бруклин има и други згради во кои се сместени слугите кои доброволно работат во овие објекти за издавање литература. Освен тоа, во близина на Волкил, на периферијата на Њујорк, има фарма и печатница. Таму се печатат списанијата Стражарска кула и Разбудете се! и се произведува храна за слугите кои служат на различните локации. Секој доброволен работник добива мал месечен надомест за своите споредни потреби.
МЕЃУНАРОДНИ КОНГРЕСИ
Во 1893 година беше одржан првиот поголем конгрес во Чикаго (Илиноис, САД). На него присуствуваа 360 лица, а се крстија 70 нови. Последниот голем меѓународен конгрес одржан на едно место за сите беше во 1958 во Њујорк Сити. За него беа користени Јенки стадионот и тогашниот Поло Граундз. Најголемиот број присутни изнесуваше 253.922 лица; а бројот на крстени беше 7.136 лица. Оттогаш меѓународните конгреси се одржуваат во серии, и тоа во повеќе земји. Таквите серии можат да вклучуваат по илјада конгреси во земји ширум Земјината топка.
[Истакната мисла на страница 8]
Голема услуга за граѓанските слободи
[Слика на страница 6]
„Стражарска кула“ од 6.000 примероци на еден јазик на повеќе од 22.000.000 примероци на над 132 јазика
[Слика на страница 7]
Пресвртница во човечката историја
[Слика на целата страница 10]