2. поглавје
Непријател на вечниот живот
1. Кои прашања се поставуваат со оглед на тоа што мирот и среќата се ретки појави?
РЕЧИСИ секој сака да живее во мир и среќа на Земјата. Но зошто има толку многу несреќни? Во што е проблемот? Зошто народите војуваат и зошто луѓето меѓусебно се мразат, кога секој сака мир? Дали постои некоја сила која ги тера да постапуваат лошо? Можно ли е некоја невидлива сила да управува со народите?
2. Кои злосторства ги навеле многумина да се запрашаат дали со луѓето управува некоја зла, невидлива сила?
2 Многумина размислувале за страшните злосторства кои ги направиле луѓето, употребата на смртоносните хемиски средства во војната, употребата на напалм и атомските бомби. Кога ќе се сетиме само на пламенофрлачот, концентрационите логори и милионите убиени беспомошни луѓе како оние во Камбоџа во последните години. Дали веруваш дека тоа е само случајност? Факт е дека човекот е способен да направи ужасни дела. Но, кога ќе се сетиме на стравотиите од тие дела, зарем не се добива впечаток дека со тие луѓе управува некоја зла, невидлива сила?
3. Според Библијата, кој владее со светот?
3 Тука не е потребно да се погаѓа. Библијата јасно покажува дека невидлива интелигентна личност управува со поединци и со народи. Исус го означил ова моќно суштество како ”владетел на овој свет“ (Јован 12:31; 14:30; 16:11, ДК). Кој е тој владетел?
4. Што му покажал Ѓаволот на Исус и што му понудил?
4 За да сознаеш кој е тој, сети се што се случило на почетокот од Исусовата служба на Земјата. Библијата известува дека откако Исус се крстил, отишол во пустината каде што бил искушуван од едно невидливо суштество наречено Сатана, Ѓаволот. Едно од тие искушенија е опишано на следниов начин: ”Повторно Ѓаволот го одведе на една необично висока планина и му ги покажа сите царства на светот и нивната слава, и му рече: ’Сево ова ќе ти го дадам ако паднеш и извршиш пред мене акт на обожавање‘“ (Матеј 4:8, 9, NW).
5. а) Што покажува дека сите светски царства му припаѓаат на Сатана? б) Кој, според Библијата, е ”бог на овој систем“?
5 Забележи дека Ѓаволот му ги понудил на Исус Христос ”сите царства на светот“. Дали навистина на Ѓаволот му припаѓале сите тие светски владетелства? Да, инаку како би можел да му ги понуди на Исус? Исус тоа не го негирал, што секако би го сторил ако не би му припаѓале на Сатана. Сатана навистина е невидливиот владетел на сите народи во светот! Во Библијата сосем јасно пишува: ”Целиот свет лежи во моќта на оној којшто е злобен“ (1. Јованово 5:19, NW). Божјата реч, всушност, го нарекува Сатана ”бог на овој свет“ (2. Коринтјаните 4:4, ДК).
6. а) Како овие информации ни помагаат подобро да го разбереме владетелството на Сатана? б) На што сака Сатана да нѐ наведе и затоа што мора да правиме?
6 Оваа информација ни помага да разбереме зошто Исус рекол: ”Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36, NW). Исто така ни помага да разбереме зошто народите се мразат и се обидуваат да се уништат едни со други, иако сите нормални луѓе сакаат да живеат во мир. Да, ”Сатана (...) ја заведува целата населена Земја“ (Откровение 12:9, NW). Тој би сакал и нас да нѐ заведе. Не сака да добиеме вечен живот од Бог. Затоа мораме да се бориме против неговото лошо влијание (Ефесјаните 6:12). Мораме повеќе да сознаеме за Сатана и за тоа како тој дејствува за да можеме да се спротивставиме на неговите напори да нѐ заведе.
КОЈ Е ЃАВОЛОТ?
7. Зошто не можеме да го видиме Ѓаволот?
7 Сатана, Ѓаволот, е вистинска личност. Тој не е само злото во сите луѓе како што некои веруваат. Секако, луѓето не можат да го видат Ѓаволот, од истата причина поради која не можат да го видат ни Бог. И Бог и Ѓаволот се духовни личности, форми на живот кои се на повисок степен од човекот и се невидливи за нашите очи (Јован 4:24).
8. Зошто многумина веруваат дека Бог го создал Ѓаволот?
8 Некој може да праша: ”Ако Бог е љубов, зошто го создал Ѓаволот?“ (1. Јованово 4:8, ДК). Факт е дека Бог не го создал Ѓаволот. Некој може да рече: ”Сепак, Бог создал сѐ, тогаш мора да го создал и Ѓаволот. Инаку, кој друг би го создал? Од каде потекнува Ѓаволот?“
9. а) Какви личности се ангелите? б) Што значат зборовите ”ѓавол“ и ”сатана“?
9 Библијата објаснува дека Бог создал многу, многу духовни личности слични на него. Во Библијата тие духови се наречени ангели. Исто така, тие се наречени ”Божји синови“ (Јов 38:7; Псалми 104:4; Евреите 1:7, 13, 14). Бог ги создал сите совршени. Ниеден од нив не бил Ѓавол или Сатана. Зборот ”Ѓавол“ значи клеветник, а ”Сатана“ противник.
10. а) Кој го направил Сатаната Ѓавол? б) Како може некој добар човек самиот да се направи криминалец?
10 Меѓутоа, еден ден, еден духовен Божји син самиот се направил Ѓавол, односно лажливец полн со омраза, кој говори лошо за некој друг. Самиот се направил и Сатана, Божји противник. Тој не бил создаден како таков, туку подоцна станал таков. На пример: крадецот не се родил како крадец. Тој може да потекнува од добро семејство, да има чесни родители, и браќа и сестри кои го почитуваат законот. Но, поради својата желба по работите кои можат да се купат со пари, може да стане крадец. Но, како еден духовен Божји син станал Сатана, Ѓавол?
11. а) За која Божја намера знаел бунтовничкиот ангел? б) Каква желба имал тој ангел и на што го навело тоа?
11 Ангелот, кој подоцна станал Ѓавол, бил присутен кога Бог ја создал Земјата, а подоцна и првите луѓе, Адам и Ева (Јов 38:4, 7). Значи, мора да слушнал кога Бог им рекол да раѓаат деца (1. Мојсеева 1:27, 28, ДК). Знаел дека после некое време целата Земја ќе биде полна со праведни луѓе кои ќе го обожаваат Бог. Тоа било Божја намера. Меѓутоа, тој ангел бил мошне вообразен поради својата убавина и интелигенција и сакал да биде обожаван како Бог (Езекиел 28:13–15; Матеј 4:10). Наместо да ја отфрли таа неисправна желба од мислите, постојано размислувал за тоа. Така конечно презел чекори да се здобие со чест и важност кои ги посакувал. Што сторил? (Јаков 1:14, 15).
12. а) Како тој ангел разговарал со Ева и што ѝ рекол? б) Како тој ангел станал Сатана, Ѓавол? в) Кое е погрешното гледиште за изгледот на Ѓаволот?
12 Бунтовниот ангел ја употребил змијата за да зборува со првата жена, Ева. Притоа постапил како човек кој зборува од стомак а остава впечаток дека зборува животно или кукла. Но, всушност, со Ева разговарал тој бунтовен ангел кој во Библијата е наречен ”празмија“ (Откровение 12:9, NW). Рекол дека Бог не ја зборува вистината и дека ѝ го забранил сознанието на кое таа имала право (1. Мојсеева 3:1–5). Ова било злобна лага која го направила Ѓавол. На тој начин станал Божји противник, или Сатана. Како што можеш да видиш, погрешно е ако Ѓаволот си го претставуваме како суштество со рогови и вила кое управува со подземно мачилиште. Всушност, тој е мошне силен, но зол ангел.
ПРИЧИНА ЗА СВЕТСКИТЕ НЕВОЛЈИ
13. а) Како Ева реагирала на Ѓаволската лага? б) Што тврдел Ѓаволот?
13 Ѓаволот со својата лага кај Ева го постигнал токму она што го сакал. Таа поверувала во оваа лага и му станала непослушна на Бог. Дури успеала и својот маж да го наведе да го прекрши Божјиот закон (1. Мојсеева 3:6). Ѓаволот тврдел дека луѓето можат без Бог и дека можат успешно да владеат со себеси без Божја помош. Исто така, Ѓаволот тврдел дека сите потомци на Адам и Ева може да ги одврати од Бог.
14. Зошто Бог веднаш не го уништил Сатана?
14 Секако, Бог можел веднаш да го уништи Сатана. Но, тогаш не би се одговорило на прашањата кои што Сатана ги поставил; прашања кои можеле да останат во мислите на ангелите кои сето тоа го набљудувале. Затоа Бог му дал на Сатана време да ги докаже своите тврдења. Со каков резултат?
15, 16. а) Што покажало времето за Сатанските тврдења? б) Кој настан наскоро претстои?
15 Времето покажало дека луѓето не можат успешно да владеат со себеси без Божја помош. Нивните обиди потфрлиле во целост. Луѓето ужасно страдале под човечките влади, со кои, како што покажува Библијата, зад кулисите управува Ѓаволот. Исто така, времето кое Бог го допуштил покажува јасно дека на Сатана не му успеало да ги одврати сите луѓе од обожавањето на Бог. Секогаш имало некој кој останал верен на Божјето владетелство. На пример, Сатана безуспешно се обидел да го одврати Јов од служењето на Бог (Јов 1:6–12).
16 На тој начин, тврдењата на Ѓаволот се покажале како лажни. Ѓаволот заслужува уништување, затоа што кренал зол бунт против Бог. За среќа, Бог наскоро ќе стави крај на Сатанското владеење. Првиот чекор во тој правец, според Библијата, била една важна битка на небото, секако, невидлива или нечујна за луѓето на Земјата. Внимателно прочитај го следниот библиски извештај:
17. а) Како во Библијата се опишува војната на небото? б) Какви последици предизвикала за жителите на небото и за жителите на Земјата?
17 ”Избувна војна на небото: Михаел [воскреснатиот Исус Христос] и неговите ангели се бореа со змејот, и змејот и неговите ангели се бореа, но не надвладеа ниту се најде повеќе место за нив на небото. И беше исфрлен големиот змеј — празмијата — кој е наречен Ѓавол и Сатана, кој ја заведува целата населена Земја; беше фрлен на Земјата и неговите ангели беа фрлени со него. ’Затоа, веселете се вие небеса и вие кои живеете на нив! Тешко на Земјата и морето зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, зашто знае дека има уште само малку време‘“ (Откровение 12:7–9, 12, NW).
18. а) Кога започнала војната на небото? б) Што се случува на Земјата откога Сатана е ’исфрлен‘?
18 Кога започнала оваа војна на небото? Фактите покажуваат дека тоа се случило за време на Првата светска војна која избувнала во 1914. Според Откровение, во тоа време Сатана бил исфрлен од небото, а тоа значи дека оттогаш живееме во она ”малку време“. Значи, ова се ’последните денови‘ на сатанскиот свет. Тоа го докажуваат растечкото беззаконие, стравот, војните, гладот, епидемиите и другите страшни настани кои ги доживуваме (Матеј 24:3–12; Лука 21:26; 2. Тимотеј 3:1–5).
19. а) Што се обидува Сатана да прави сега? б) Што треба затоа да правиме ние?
19 Сатана знае дека неговото ’малку време‘ истекло, затоа повеќе од било кога порано се труди да ги одврати луѓето да не му служат на Бог. Тој сака што е можно повеќе луѓе да повлече со себе во уништување. Со добра причина Библијата го опишува како лав кој рика, кој бара некого да проголта (1. Петрово 5:8, 9). Ако не сакаме да нѐ фати и нас, мораме да го запознаеме неговиот начин на напаѓање и заведување на луѓето (2. Коринтјаните 2:11).
КАКО САТАНА ГИ ЗАВЕДУВА ЛУЃЕТО?
20. а) Колку бил успешен Сатанскиот напад? б) Зошто можеме да очекуваме неговите методи често пати да изгледаат наивни или дури и корисни?
20 Немој да мислиш дека сатанските методи со кои ги наведува луѓето да го следат се секогаш лесно препознатливи. Тој е мајстор на измамата. Методите кои ги применувал во текот на илјади години, се толку препредени што денес многу луѓе дури не веруваат дека тој постои. За нив злото е нешто сосема нормално, нешто што секогаш ќе постои. Сатана постапува слично како водачите на подземјето кои во јавноста изгледаат како чесни граѓани, а зад кулисите прават злодела. Библијата објаснува: ”Самиот Сатана (...) постојано се претвора во ангел на светлината“ (2. Коринтјаните 11:14, NW). Затоа можеме да очекуваме дека неговите методи за заведување на луѓето често пати изгледаат наивни, дури и корисни.
21. Која е една од методите кои Сатана ги применува?
21 Сети се дека Сатана настапил како пријател на Ева. Потоа подмолно ја натерал да направи нешто што мислела дека ќе биде за нејзино добро (1. Мојсеева 3:4–6). Така е и денес. На пример, преку своите човечки застапници, Сатана лукаво ги храбри луѓето да ги стават интересите на човечките влади пред службата на Бог. Така бил негуван националистичкиот дух, кој довел до страшни војни. Во поново време Сатана ги навел луѓето да формираат различни институции за мир и безбедност. Една од тие е Организацијата на обединетите нации. Но, дали таа организација создала мирољубив свет? Никако! Наместо тоа, ги одвратила луѓето од средството кое Бог го создал за да им донесе мир на луѓето. Тоа е неговото царство под Исус Христос, ’кнезот на мирот‘ (Исаија 9:6; Матеј 6:9, 10).
22. До кое сознание Сатана не сака да дојдеме?
22 Ако сакаме да добиеме вечен живот, потребно ни е точно спознание за Бог, неговиот Син и Цар, и за неговото Царство (Јован 17:3). Биди сигурен дека Сатана Ѓаволот не сака да го стекнеш тоа спознание, и ќе направи сѐ што е во негова моќ да те запре во тоа. Како ќе го стори тоа? Еден начин е да се погрижи другите да ти се противат, можеби така што ќе те исмејуваат. Библијата вели: ”Сите кои сакаат да живеат во оддаденост на Бог во заедница со Христос Исус, исто така ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеево 3:12, NW).
23. а) Како Сатана може да нѐ обесхрабри преку пријателите или роднините? б) Зошто не треба никогаш да му попуштиш на противењето?
23 Можеби блиските пријатели или роднини ќе ти речат дека не им се допаѓа тоа што ја проучуваш Библијата. Дури и самиот Исус Христос предупредил: ”Непријатели на човекот ќе бидат неговите домашни. Кој има поголема наклоност спрема таткото или спрема мајката, отколку спрема мене, не е достоен за мене; и кој има поголема наклоност спрема синот или ќерката, отколку спрема мене, не е достоен за мене“ (Матеј 10:36, 37, NW). Роднините можат да се обидат да те обесхрабрат, правејќи го тоа со сета искреност затоа што не ги познаваат прекрасните вистини на Библијата. Но, што Бог ќе мисли за тебе ако заради противење престанеш да ја проучуваш неговата Реч? И ако ти се откажеш, како можеш да им помогнеш на твоите роднини и пријатели да сфатат дека точното спознание на Библијата е решавачко за живот или смрт? Напротив, ако останеш во она што си го научил од Божјата реч, можеби со текот на времето ќе влијаеш на нив и тие да ја запознаат вистината.
24. а) На кои уште начини Сатана се обидува да ги одврати луѓето од здобивање на животоважното спознание? б) Колку е важно, според твоето мислење, проучувањето на Божјата реч?
24 Исто така, Сатана може да те наведе на неморално постапување, кое не му се допаѓа на Бог (1. Коринтјаните 6:9–11). Или може да те наведе да помислиш дека немаш време за проучување на Библијата. Но, дали можеш да замислиш нешто поважно од здобивањето со овој вид спознание? Немој да дозволиш што и да е да те спречи да го стекнеш спознанието кое води во вечен живот на рајската Земја!
25. На што Сатана не може да нѐ наведе додека му се спротивставуваме?
25 Библијата нѐ опоменува: ”Спротивставете му се на Ѓаволот.“ Ако постапиме така, ’ќе побегне од нас‘ (Јаков 4:7, NW). Дали ова значи дека Сатана ќе престане да ти прави проблеми ако му се спротивставуваш? Не, тој ќе се обидува секогаш одново да те наведе да го правиш она што тој сака. Но сѐ додека му се спротивставуваш не може да те наведе да направиш нешто спротивно на Божјата волја. Затоа, совесно труди се да се здобиеш со толку важното библиско спознание и да го применуваш она што го учиш. Тоа е безусловно потребно ако не сакаш да бидеш измамен со другото средство кое го користи Сатана за да ги заведе луѓето, имено, со лажната религија.
[Слика на страници 16 и 17]
Дали Сатана би можел да му ги понуди на Христос сите тие светски влади, ако тие не му припаѓале?
[Слика на страница 19]
Овој крадец не се родил како крадец, исто како што Ѓаволот не бил создаден како ”ѓавол“
[Слика на страници 20 и 21]
Војната на небото завршила со фрлањето на Сатана и неговите демони на Земјата. Денес ги чувствуваш последиците од тоа
[Слика на страница 24]
Некои можеби ќе се противат и понатаму да ја проучуваш Библијата