Владетели во духовното подрачје
КОЈ владее со светот? Дали постои некаков вид на натчовечко надгледување? Или Бог ги оставил луѓето да се грижат сами за себе? Во потрага по одговорот на овие прашања, да разгледаме најпрво еден настан кој се случил за време на земската служба на Исус Христос.
Кратко по неговото крштевање, Исус бил искушуван од едно невидливо духовно суштество наречено Сатана Ѓавол. Цитирајќи едно од искушенијата, Библијата вели: „Го одведе ѓаволот потоа на многу висока планина, и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава“ (Матеј 4:8). Потоа Сатана му рекол на Исус: „Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт, и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам. Ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое“ (Лука 4:6, 7).
Сатана тврдел дека ја има власта над сите царства, односно влади на овој свет. Дали Исус го негирал ова тврдење? Не. Всушност, тој го потврдил тоа во една друга прилика, осврнувајќи се на Сатана како на ‚кнез [владетел, НС] од овој свет‘ (Јован 14:30).
Според Библијата, Сатана е еден зол ангел кој поседува голема моќ. Христијанскиот апостол Павле го поврзува Сатана со ‚духовите на злобата‘ и за нив зборува како за ‚светски управители на темнината‘ (Ефесјаните 6:11, 12). Освен тоа, апостолот Јован рекол дека „целиот свет лежи во зло [во власта на злобниот, НС]“ (1. Јованово 5:19). Библиската книга Откровение наведува дека Сатана ја „мами целата вселена [населена Земја, НС]“ (Откровение 12:9). На симболичен начин, Откровение го опишува Сатана како змев кој на световниот политички систем му ја дава ‚својата сила и својот престол и голема власт‘ (Откровение 13:2).
Светските настани исто така сведочат дека има една активна злобна сила, која манипулира со луѓето на нивна штета. Од кои други причини човечките влади промашиле да унапредуваат мир? Што друго би ги предизвикало луѓето меѓусебно да се мразат и масакрираат? Вџашена од колежот и убиствата во една цивилна војна, некоја жена очевидец рекла: „Не знам како можеше да се случи ова ѕверство. Тоа е повеќе од омраза. Тоа е еден зол дух кој ги користи овие човечки суштества меѓусебно да се уништат“.
Една вистинска духовна личност која му се противставува на Бог
Денес, многумина не веруваат дека постои Сатана Ѓаволот. Па сепак, тој не е само природното зло во човечкиот род, како што некои веруваат. Како Библијата така и светските настани покажуваат дека тој е вистинска личност. Освен тоа, Сатана е во тотална опозиција на Јехова Бог. Се разбира, Сатана не е еднаков на Бог. Бидејќи Јехова е семоќниот Творец, тој е законскиот Владетел над сето творештво (Откровение 4:11).
Бог не создал некое злобно суштество кое ќе му се противи. Не, туку еден од ангелските „Божји синови“ развил себична желба обожавањето, кое законски му припаѓало на Јехова, да си го присвои за себе (Јов 38:7; Јаков 1:14, 15). Оваа желба го водела кон тоа да се побуни против Бог. Со тоа што се противело, ова духовно суштество се направило себеси Сатана (што значи „противник“) и Ѓавол (што значи „клеветник“). Со оглед на сето ова, можеби се прашуваш зошто му било дозволено на Сатана да владее со светот.
Зошто му било дозволено на Сатана да владее
Се сеќаваш ли што му рекол Сатана на Исус во врска со владеењето над Земјата? „Тебе ќе ти ја дадам сета оваа власт . . . зашто мене ми е предадена“, рекол Сатана (Лука 4:6). Оваа изјава покажува дека Сатана Ѓаволот спроведува власт само со Божја дозвола. Но, зошто Бог го толерира Сатана?
Одговорот на ова прашање е во поврзаност со настаните во градината Едем, каде што Сатана ја започнал својата кариера како светски владетел. Таму тој сугерирал дека Бог владеел на еден лош начин, криејќи нешто добро од првиот човек и жена, Адам и Ева. Според Сатана, ако јаделе од плодот што Бог го забранил, тие би биле ослободени. Адам и Ева би биле слободни и независни од Јехова. Тие би биле како самиот Бог (1. Мојсеева 2:16, 17; 3:1-5).
Со ваквата лага и заведувањето на Ева, а преку неа наговорувајќи го и Адам да го прекрши Божјиот закон, Сатана го ставил првиот човечки пар под свое водство и контрола. Така, Ѓаволот станал нивни бог, оној кој се противел на Јехова. Меѓутоа, наместо ослободување, Адам и Ева искусиле ропство на Сатаната, на гревот и на смртта (Римјаните 6:16; Евреите 2:14, 15).
Во склад со својата совршена правда, Јехова можел моментално да ги погуби Сатана и неговите двајца нови следбеници (5. Мојсеева 32:4). Но, овде се работело за еден морален проблем. Сатана ја ставил во прашање законитоста на Јеховиниот начин на владеење. Во својата мудрост, Бог допуштил да помине извесно време за да може да се докаже дека независноста од него донесува несреќа. Јехова им дозволил на бунтовниците да живеат извесно време, допуштајќи им на Адам и Ева да имаат потомство (1. Мојсеева 3:14-19).
Иако повеќето од Адамовите потомци не биле подложни на Јеховиното владеење, Божјиот начин на постапување со своите обожаватели ја покажал неговата владејачка супериорност. Исправното признавање на Јеховиниот авторитет донесува среќа и вистинска сигурност. Од друга страна, бедата и несигурноста се појавиле како резултат на човечката власт под Сатановото влијание. Да, „човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 8:9). Луѓето не нашле вистинска сигурност и трајна среќа под човечката власт во овој свет кој лежи во Сатановата моќ. Меѓутоа, постои јака причина за оптимизам.
Сатановото време е кратко!
Сатановото влијание на Земјата е привремено. Јехова нема повеќе да ја толерира сатанската власт! Наскоро, Ѓаволот ќе биде исфрлен од акција. Еден нов владетел ќе ја преземе контролата со Земјата, еден праведен цар кој е избран од самиот Бог. Тој Цар е Исус Христос. Во врска со неговото востоличување на небото, Откровение вели: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ [Јехова] и на Неговиот Христос“ (Откровение 11:15). Библиската хронологија, заедно со исполнувањето на пророштвото од Писмото, докажуваат дека овој настан се случил во 1914 година (Матеј 24:3, 6, 7).
Библијата исто така опишува што се случило кратко по Исусовото востоличување. Таа вели: „И настана војна на небото: Михаил [Исус Христос] и неговите ангели војуваа против змевот [Сатана Ѓаволот], а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но не устојаа, и за нив веќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змев — старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборен на земјата, и заедно со него и ангелите негови беа исфрлени“ (Откровение 12:7-9).
Каков бил резултатот од Сатановото истерување од небото? Оние на небото можеле да се радуваат, но што е со жителите на Земјата? „Тешко вам, кои живеете на земјата и морето“, вели Откровение 12:12, „зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ Навистина, исфрлањето на Сатана од небото донело тешкотија за Земјата. The Columbia History of the World наведува: „Големата катастрофа на четиригодишната војна, од 1914-1918, . . . му покажа на Западниот свет дека не може да ја заштити цивилизацијата од нејзината сопствена глупост, односно злобен порив. Духот на Западниот свет никогаш вистински не закрепна од тоа уништување“.
Тешкотиите на оваа генерација се одбележани со многу повеќе нешта отколку само со овој дух на уништување. Исус прорекол: „Зашто ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; и на места ќе има глад, помор и потреси“. Тој исто така прорекол и заразни болести (Матеј 24:7, 8; Лука 21:11). Освен тоа, Библијата вели дека во „последните денови“ на Сатановиот систем на ствари, многумина ќе станат „саможиви, среброљупци, . . . непокорни спрема родителите, . . . клеветници“. Луѓето ќе бидат исто така „повеќе сластољупци отколку богољупци“ (2. Тимотеј 3:1-5).
Војни, заразни болести, недостиг на храна, земјотреси и пад на моралните вредности — сите овие работи, од 1914 па наваму, почнале да се случуваат во невидени размери, токму како што прорекла Библијата. Тие покажуваат дека разбеснетиот непријател на Бог и на човекот — Сатана Ѓаволот — бил протеран од небото и сега мора да го ограничи својот гнев на подрачјето на Земјата. Но, Библијата исто така покажува дека на Сатана нема да му биде дозволено да делува уште многу долго. Нему му преостанало само уште „малку време“ до Армагедон, кога Бог ќе го уништи светскиот систем кој е под контрола на Сатана.
Што ќе се случи со Сатана? Апостолот Јован напишал: „Видов како од небото слегуваше ангел, кој што го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја: го фати змевот, древната змија, која што е ѓаволот и сатаната — и го врза за илјада години; потоа го фрли во бездната и го заклучи, ставајќи печат врз него“ (Откровение 20:1-3). Какво само олеснување ќе биде тоа за човештвото кое пати!
Радување под царската власт
Кога Сатана ќе биде онеспособен да делува, Божјето Царство под Исус Христос ќе преземе целосна контрола над човечките работи. Наместо да има многу влади на Земјата, ќе има само една небесна влада која ќе остане да владее над целата планета. Војната ќе биде само минато, а насекаде ќе владее мир. Под власта на Божјето Царство, сите ќе живеат заедно во едно љубезно братство (Псалм 71:7, 8; 132:1; Даниил 2:44).
Каков владетел ќе биде Исус? Кога бил на Земјата, тој покажал длабока љубов кон луѓето. Сочувствително им давал храна на гладните. Ги лечел болните и им го враќал видот на слепите, говорот на немите и јакоста на нозете на куците. Исус ги враќал дури и мртвите во живот! (Матеј 15:30-38; Марко 1:34; Лука 7:11-17). Тие чуда биле отсјај на прекрасните работи што допрва ќе ги стори како Цар. Колку прекрасно ќе биде да се има еден таков добродетелен владетел!
Оние кои се потчинуваат на Јеховината сувереност ќе доживеат бескрајни благослови. Писмото ветува: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се отнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее“ (Исаија 35:5, 6). Укажувајќи на тој величествен ден, апостолот Јован напишал: „И чув висок глас од небото како зборува: ‚Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина‘“ (Откровение 21:3, 4).
Радостите подарени од Јеховиното владеење преку неговиот Син, Исус Христос, обилно ќе ги надоместат сите страдања што можеби сме ги доживеале во сегашниов систем на ствари, со кој владее Сатана Ѓаволот. Во Божјиот ветен нов свет, луѓето нема да се прашуваат: ‚Кој всушност владее?‘ (2. Петрово 3:13). Послушното човештво ќе биде радосно и сигурно во земското подрачје на владетелите од духовното подрачје, кои се исполнети со љубов — Јехова и Христос. Зошто да не ја прифатиш надежта да се биде еден од нивните поданици?
[Слика на страница 7]
Човештвото ќе биде сигурно во земското подрачје на Божјето Царство
[Извор на слика на страница 4]
Фотографија на НАСА