Како се објаснува Тројството?
РИМОКАТОЛИЧКАТА црква го дава следното објаснување: „Изразот ‚тројство‘ ја означува централната наука на христијанската религија. Затоа во Атаназиското верување се вели: ‚Отецот е Бог, Синот е Бог и Светиот Дух е Бог‘. Во тоа тројство, личностите се еднакво вечни и еднакво големи: ниедна не е создадена и сите се семоќни“ — The Catholic Encyclopedia (Католичка енциклопедија).
Скоро сите други цркви на т. н. христијанство го застапуваат истото гледиште. На пример, Грчката православна црква исто така го означува тројството како ‚темелна наука на христијанството‘ и дури вели: „Христијани се оние лица кои го признаваат Исуса за Бог“. Во книгата Our Orthodox Christian Faith (Нашата православна христијанска вера), еден претставник на оваа црква пишува: „Бог е троеден. . . . Отецот е потполно Бог. Синот е потполно Бог. Светиот Дух е потполно Бог“.
Значи, се смета дека тројството е „Бог во три личности“. За секоја личност се вели дека е без почеток и дека е вечна. За секоја личност се вели дека е семоќна и дека ниедна не е помала или поголема од другите.
Дали е ова објаснување тешко разбирливо? Многу искрени верници мислат дека е замрсено и дека ѝ противречи на здравата логика, многу поинакво од она што го познаваат од искуство. Тие се прашуваат: ‚Како може Отецот да биде Бог, Исус да биде Бог и светиот дух да биде Бог, а сепак тоа да не се три Бога, туку само еден Бог?‘
„За луѓето несфатливо“
ОВАА збрка е надалеку раширена. Encyclopedia Americana пишува дека науката за тројството „за луѓето е несфатлива“.
Дури многумина кои веруваат во тројството исто така не можат да го сфатат. Монсињор Јуџин Кларк рекол: „Бог е еден и Бог е троеден. Бидејќи во делата на создавањето не постои ништо слично, тоа не можеме да го сфатиме, можеме само да веруваме“. Кардиналот Џон О’Конор пишува: „Ние знаеме дека тоа е голема тајна во која не можеме да проникнеме“. А папата Јован Павле II говорел дека тоа е „недостижна тајна на троедниот Бог“.
Во делото A Dictionary of Religious Knowledge (Речник на верското спознание) пишува: „Каква е оваа наука, или поточно речено, како треба да се објасни, во тоа ни самите тринитаријанци не се единствени“.
Оттука е разбирливо што New Catholic Encyclopedia (Новата католичка Енциклопедија) забележува: „Малку се оние доценти по тринитаријанска теологија на римокатоличките универзитети на кои студентите не им го поставиле прашањето: ‚Како да се проповеда тројството?‘ Ова прашање не е карактеристично само за збунетоста кај студентите, туку веројатно за иста таква збунетост и кај нивните професори“.
Колку е точна оваа забелешка може да се види ако појдеме во некоја библиотека и таму прочитаме неколку книги за тројството. Во обидот да се објасни оваа наука, напишани се неброени страници. Меѓутоа, откако сме се пробиле низ лавиринтот од збркани теолошки изрази и објаснувања, си одиме незадоволни.
Во својата книга What Are They Saying About the Trinity? (Што велат за тројството?), језуитот Џозеф Брекен во врска со тоа напишал: „Свештениците кои за време на студиските години на универзитетите . . . со мака го проучувале тројството, сега се колебаат од говорниците да им го проповедаат на своите верници — дури и во недела на Света Тројца . . . Зошто би им досадувале на луѓето со нешто што на крајот и онака нема правилно да го разберат?“ Исто така рекол: „Тројството е службена веронаука, но има само мало или воопшто никакво влијание врз секојдневието и верскиот живот на христијанинот“. Па сепак, тоа е „централна наука“ на црквата!
Католичкиот теолог Ханс Кинг во својата книга Christentum und Weltreligionen (Христијанството и религиите во светот) забележал дека науката за тројството била причина поради која црквите не можеле да напредуваат во дијалогот со нехристијанските народи. Тој пишува: „Дури и на добро известените муслимани никако не им е јасно, а досега ниту на Евреите никогаш не им било јасно Тројството . . . Очигледно е дека дистинкциите (разликите) помеѓу еден и тројца што се употребени за христијанската наука за Тројството не ги задоволуваат муслиманите, така што сите овие теолошки поими кои потекнуваат од сириски, грчки и латински јазик повеќе ги збунуваат отколку што ги просветлуваат. Сето ова муслиманите го сметаат како игра на зборови. . . . Зошто некој би сакал да додаде нешто кон поимот за едниот Бог и неговата единственост и со тоа само да го разводени или го укине овој поим?“
‚Бог не е Бог на неред‘
КАКО можела да настане една таква збунувачка наука? Catholic Encyclopedia тврди: „Таквата таинствена догма претпоставува божествено откровение“. Католичките научници Карл Ранер и Херберт Форгримлер во своето дело Kleines Theologisches Wörterbuch (Мал теолошки речник) запишале: „Тројството е тајна . . . во строга смисла . . . која не може да се спознае без откровение, а дури и по откровението не може потполно да се продре во него“.
Меѓутоа, ако се тврди дека тројството, затоа што е збунувачка тајна, морало да дојде по пат на божествено откровение, тогаш се јавува еден друг проблем. Каков? Па, самото божествено откровение не дозволува такво сфаќање за Бог: „Бог не е Бог на неред“ (1. Коринтјаните 14:33, НС).
Со оглед на оваа изјава, дали може Бог да биде одговорен за науката за себе која е толку збркана, што дури ни научниците кои знаат добро хебрејски, грчки и латински не можат да ја објаснат?
Впрочем, дали луѓето мораат да бидат теолози за да го „запознаат единствениот вистинит Бог, и оној кого го испратил, Исус Христос“? (Јован 17:3, НС). Ако е така, зошто тогаш само малкумина школувани еврејски водачи го препознале Исуса како Месија? Наместо тоа, го препознале скромни селани, рибари, собирачи на данок и домаќинки и тие станале верни Исусови ученици. Овие едноставни луѓе биле толку уверени во она што Исус го учел за Бог, што можеле и самите да ги поучуваат другите во тоа и дури биле спремни да умрат за својата вера (Матеј 15:1-9; 21:23-32, 43; 23:13-36; Јован 7:45-49; Дела 4:13).
[Слика на страница 4]
Не верските водачи, туку скромните, едноставни луѓе станале Исусови ученици