Дали раната црква учела дека Бог е Тројство?
1. дел — дали Исус и неговите ученици учеле за науката на Тројството?
Дали Исус и неговите ученици поучувале за науката на Тројството? Дали црквените водачи од следните неколку столетија ја поучувале? Откаде потекнала? И зошто е толку важно да се знае вистината во врска со ова верување? Почнувајќи со 1. дел во овој број, Стражарска кула ќе ги обработи овие прашања во серија статии. Другите статии од серијата ќе излегуваат повремено во натамошните броеви.
ОНИЕ кои ја прифаќаат Библијата како Божја Реч, увидуваат дека имаат одговорност да ги поучат другите за Творецот. Тие исто така увидуваат дека суштината на она што го поучуваат за Бог мора да е вистина.
Бог ги укорил Јововите ”тешители“ затоа што не го правеле тоа. ”(...) Господ [Јехова, NW] му рече на Елифаза од Темна: ’Се разгоре гневот мој против тебе и против двајцата другари твои, затоа што не зборувавте за Мене вистина, како Мојот слуга Јов‘“ (Јов 42:7).
Кога дискутирал за воскресението, апостолот Павле рекол дека би ’излегле како лажни Божји сведоци‘ ако би поучувале нешто за Божјите активности што не е вистина (1. Коринтјаните 15:15). Ако е така со учењето за воскресението, колку внимателни би морале да бидеме кога му приоѓаме на нашето учење за тоа кој е Бог!
Науката за Тројство
Скоро сите цркви на христијанството учат дека Бог е Тројство. The Catholic Encyclopedia ја нарекува науката за Тројство ”централна наука на христијанската религија“, дефинирајќи ја на следниот начин:
”Во божественото единство постојат Три Личности, Отецот, Синот и Светиот Дух, овие Три Личности се навистина различни едно од друго. Затоа, во зборовите на Атаназиското верување: ’Отецот е Бог, Синот е Бог и Светиот Дух е Бог, а сепак тоа не се три Бога, туку само еден Бог.‘ Личностите се еднакво вечни и меѓусебно рамноправни: сите се исто несоздадени и семоќни.“1
The Baptist Encyclopædia дава слична дефиниција. Таа вели:
”[Исус] е (...) вечниот Јехова (...) Светиот Дух е Јехова (...) Синот и Духот се наоѓаат на еднакво рамниште со Отецот. Ако е тој Јехова, тогаш се и тие.“2
Анатеми за противниците
Во 325 г.н.е., еден концил во Никеја во Мала Азија формулирал верување кое го прогласило Божјиот Син за ”вистински Бог“ исто како што Отецот е ”вистински Бог“. Дел од тоа верување гласи:
”А што се однесува до оние кои велат дека [еднаш] постоело време кога [Синот] не постоел, и дека не постоел Пред да биде роден, и дека Тој постанал од ништо, или пак оние коишто тврдат дека Божјиот Син е од поинаква хипостаза или материја, или дека е создаден, или дека е предмет на промена или измена — нив Католичката Црква ги анатемосува.“3
Затоа, секој кој верува дека Божјиот Син не бил еднакво вечен како Таткото или дека Синот бил создаден, бил предаван на вечно проклетство. Можеме да си го замислиме притисокот кој се вршел врз масите од обични верници за да се согласат со тоа.
Во 381 г.н.е. еден друг концил се состанал во Константинопол и изјавил дека светиот дух треба да се обожава и слави исто како што се обожават и слават Отецот и Синот. Една година подоцна, во 382 н.е., еден друг синод се состанал во Константинопол и ја потврдил потполната божественост на светиот дух.4 Истата година, пред концилот во Рим, папата Дамас претставил збирка учења кои требало да бидат проколнати од црквата. Документот, наречен книгата на Дамас, ги вклучувал следните изјави:
”Ако некој одречува дека Отецот е вечен, дека Синот е вечен и дека Светиот Дух е вечен: тој е еретик.“
”Ако некој одречува дека Божјиот Син е вистински Бог, исто како што Отецот е вистинит Бог, кој ја има сета сила, кој ги познава сите работи и кој е еднаков со Отецот: тој е еретик.“
”Ако некој одречува дека Светиот Дух (...) е вистински Бог (...) кој ја има сета моќ и ги знае сите работи, (...) тој е еретик.“
”Ако некој одречува дека овие три личности, Отецот, Синот и Светиот Дух се вистински личности, еднакви, вечни, кои ги опфаќаат сите видливи и невидливи работи, и дека се семоќни, (...) тој е еретик.“
”Ако некој рече дека [Синот кој бил] создаден од месо, не бил на небото со Отецот додека се наоѓал на земјата: тој е еретик.“
”Ако некој кој вели дека Отецот е Бог и Синот е Бог и Светиот Дух е Бог, (...) не вели дека тие се еден Бог, (...) тој е еретик.“5
Језуитските научници кои го превеле горново од латински, го додале коментарот: ”Папата Св. Целестин I (422–432) очигледно го држел овој канонски закон; тие можат да се сметаат за дефиниции на верата.“6 А научникот Едмонд Џ. Фортман тврди дека книгата претставува ”здрава и цврста тринитаријанска наука“.7
Ако си член на некоја црква која го признава учењето за Тројството, дали овие изјави ја карактеризираат твојата вера? И дали увидуваш дека верувањето во науката за Тројство какво што го учеле црквите, од тебе бара да веруваш дека Исус бил на небото додека се наоѓал на Земјата? Ова учење е слично со она што свештеникот од IV век, Атаназиј, го навел во својата книга On the Incarnation (За инкарнацијата):
”Речта [Исус] не била ограничена со Своето тело, ниту пак Неговата присутност во тело го спречила да биде присутен секаде. Кога го движел Своето тело, Тој не престанал да ја управува вселената со својот Ум и моќ. (...) Тој сѐ уште е Извор на животот за целата вселена, присутен во секој негов дел, а сепак вон сето тоа.“8
Што претставува науката за Тројството
Некои заклучиле дека едноставното припишување на божество или бог на Исус е сѐ што претставува Тројството. За други, верувањето во Тројство едноставно значи верување во Таткото, Синот и светиот дух.
Меѓутоа, поблиското истражување на ова верување во христијанството открива колку е жалосно несоодветна таквата идеја во однос на формалната наука. Службените дефиниции јасно покажуваат дека науката за Тројство не е само идеја. Наместо тоа, тоа е комплексен склоп од одвоени идеи кои биле собрани низ долг временски период и поврзани една со друга.
Од сликата за науката за Тројство која се појавила по Концилот во Константинопол во 381 г.н.е., од Книгата на Дамас од 382 н.е., од Атаназиското верување кое се појавило нешто подоцна, и од другите документи јасно можеме да одредиме што сака да каже христијанството со науката за Тројство. Таа ги вклучува следните изрични идеи:
1. Се вели дека во божеството постојат три божествени личности — Таткото, Синот и светиот дух.
2. За секоја од овие посебни личности се вели дека е вечна, ниедна не дошла временски пред или после другата.
3. За секоја е речено дека е семоќна, ниедна не е поголема или помала од другата.
4. За секоја е речено дека е сезнајна, ги знае сите работи.
5. За секоја е речено дека е вистински Бог.
6. Меѓутоа, речено е дека нема тројца Богови, туку само еден Бог.
Јасно е дека науката за Тројство е комплексен склоп од идеи во кои спаѓаат барем горните витални елементи и кои вклучуваат дури и повеќе, како што се открива ако се испитаат деталите. Но ако ги земеме предвид само горните основни идеи, очигледно е дека ако се изостави само една, она што останува повеќе не е Тројството на христијанството. За да се добие комплетната слика, мора да ги има сите парчиња.
Со ваквото подобро разбирање на терминот ”Тројство“ можеме да се прашаме: Дали тоа било учење на Исус и неговите ученици? Ако да, тоа би требало да се појави потполно формулирано во првиот век од нашата ера. А бидејќи она што тие го учеле се наоѓа во Библијата, тогаш науката за Тројство или е библиско учење или не е. Ако е така, тоа би требало јасно да се учи во Библијата.
Не е разумно да се мисли дека Исус и неговите ученици би ги учеле луѓето за Бога, а да не им кажат кој е Бог, особено кога од некои верници би се барало да ги положат дури и своите животи за Бог. Затоа, Исус и неговите ученици би требало да му ја даваат највисоката предност на поучувањето на другите во врска со оваа животоважна наука.
Испитај го Светото писмо
Во Дела на апостолите 17. поглавје, 11. стих (NW), луѓето се наречени ”благородни“, затоа што ”секојдневно грижливо истражувале во Писмото дали тие работи биле така“, работи за кои учел апостолот Павле. Тие биле поттикнувани да го употребуваат Писмото за да се уверат во учењата кои ги давал дури еден апостол. Истото би требало да го правиш и ти.
Имај на ум дека Писмото е ”инспирирано од Бог“ и треба да се употреби за ”исправање на работите, за воспитување во праведност, за да човекот Божји биде потполно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17, NW). Така Библијата е комплетна во работите кои се однесуваат на науките. Ако науката за Тројство е вистинита, таа би требало да биде во неа.
Те повикуваме да ја испиташ Библијата, особено 27-те книги од Христијанските грчки списи, за да самиот видиш дали Исус и неговите ученици учеле за Тројство. Додека испитуваш, прашај се:
1. Дали можам да најдам некој библиски стих во кој се споменува ”Тројство“?
2. Дали можам да најдам некој библиски стих кој вели дека Бог се состои од три различни личности, Татко, Син и свет дух, но дека трите се само еден Бог?
3. Дали можам да најдам некој библиски стих кој вели дека Таткото, Синот и светиот дух се еднакви во секој поглед, како на пример во вечноста, силата, положбата и мудроста?
Дури и ако темелно истражуваш, нема да најдеш ниеден стих кој го употребува зборот Тројство, ниту ќе најдеш нешто кое вели дека Таткото, Синот и светиот дух се еднакви во секој поглед, како на пример во вечноста, моќта, положбата и мудроста. Ниту еден единствен библиски стих не вели дека Синот е еднаков на Таткото во тие погледи — а ако има таков библиски стих, со тоа не би се потврдило Тројство, туку најмногу ”двојство“. Библијата никаде не го изедначува светиот дух со Таткото.
Што велат многу научници
Многу научници, вклучувајќи и тринитаријанци, признаваат дека Библијата не содржи вистинска наука за Тројство. На пример, The Encyclopedia of Religion тврди:
”Егзегетите [толкувачи на Библијата] и теолозите денес се согласни дека хебрејската Библија не содржи наука за Тројство (...) Иако хебрејската Библија го опишува Бог како татко на Израел и употребува персонификации за Бог како Реч (давар), дух (руах), мудрост (хокхмах), и присутност (шекхинах), би било над намерата и духот на Стариот Завет овие поими да се доведуваат во врска со подоцнежните тринитаријански науки.
Освен тоа, егзегетите и теолозите се согласуваат дека Новиот Завет исто така не содржи изрична наука за Тројство. Бог Таткото е извор на сѐ што постои (Пантократор) и исто така татко на Исус Христос; ’Татко‘ не е титула за првата личност од Тројството, туку синоним за Бог. (...)
Во Новиот Завет не постои мисловна свесност за метафизичката природа на Бог (’иманентно тројство‘), ниту пак Новиот Завет го содржи техичкиот јазик на подоцнежната наука (хупостасис), оусиа, субстантиа, субсистентиа, просопон, персона (...) Неоспорно е дека науката не може да биде темелена само на чисти библиски докази.“9
Со оглед на историските факти во врска со оваа работа, The New Encyclopædia Britannica тврди:
”Во Новиот Завет не се појавува ниту зборот Тројство ниту изрична наука (...)
Науката се развивала постепено низ повеќе векови и со многу несогласувања. (...)
Дури од IV век различностите на тројцата и нивното единство биле споени во единствена ортодоксна наука за едно битие и три личности.“10
New Catholic Encyclopedia дава слична изјава во поглед на потеклото на Тројството:
”Дел од егзегетите и библиските теолози, вклучувајќи го и постојано растечкиот број на римокатолици, признаваат дека не би требало да се зборува за Тројство во Новиот Завет без да се направат сериозни оградувања. Исто така постои тесна сличност во признавањето од страна на историчарите на догмите и систематските теолози дека кога некој зборува за безусловно тројство, тој се преселил од периодот на христијанските почетоци во последниот квартал од IV век. Токму тогаш она што би можело да се нарече дефинитивна наука за Тројството ’еден Бог во три личности‘, потполно се претопило во христијанскиот живот и мисла. (...)
Самата формула не ја одразува непосредната свесност за периодот на почетокот; таа била производ на три века доктринерен развој.11
Дали се ”подразбира“?
Тринитаријанците можат да речат дека Библијата ”имплицира“ [подразбира] Тројство. Но, ова тврдење е изнесено долго откако Библијата била напишана. Вистински подвиг е да се прочита во Библијата она што свештениците подоцна самоволно го прогласиле за наука.
Запрашај се: Зошто Библијата само би ја ”имплицирала“ својата најважна наука — кој е Бог? Библијата е јасна по други основни учења; зошто не и по ова, најважното? Зарем Творецот на вселената не би напишал книга која јасно говори за неговото битие како Тројство, ако тоа е така?
Причината зошто Библијата не ја учи јасно науката на Тројство е едноставна: Тоа не е библиска наука. Ако Бог бил Тројство, тој сигурно би го објаснил тоа, така што Исус и неговите ученици би можеле да ги поучат другите за тоа. А таа животоважна информација би била вклучена во Божјата инспирирана Реч. Несовршените луѓе не би биле оставени да се мачат со векови подоцна.
Ако ги испитаме стиховите кои ги нудат Тринитаријанците како доказ дека Библијата ”имплицира“ Тројство, што наоѓаме? Чесната проценка открива дека понудените стихови не говорат за Тројството на христијанството. Наместо тоа, теолозите се обидуваат во стиховите да ја наметнат својата предумислена идеја за Тројство. Но тие идеи не се наоѓаат во библиските стихови. Всушност, тие тринитаријански идеи се во противречност со јасното сведоштво на Библијата како целина.
Еден пример за такви стихови се наоѓа во Матеј 28:19, 20. Таткото, Синот и светиот дух таму се споменати заедно. Некои тврдат дека ова имплицира [подразбира] Тројство. Но, прочитај ги стиховите сам. Дали во овие стихови постои нешто што говори дека тројцата се еден Бог еднакви по вечност, сила, положба и мудрост? Не, не постои. Исто е и со другите стихови во кои се споменуваат тројцата заедно.
Што се однесува до оние кои гледаат тринитаријански навестувања во Матеј 28:19, 20 во употребата на ”име“ во еднина за Таткото, Синот и светиот дух, молиме спореди ја употребата на ”име“ во еднина за Авраам и Исак во 1. Мојсеева 48:16 (King James Version; New World Translation of the Holy Scriptures).
Тринитаријанците исто така го истакнуваат Јован 1:1 во некои преводи, кадешто за ”Речта“ се зборува како да била ”со Бог“ и како да била Бог. Но, други библиски преводи велат дека Речта била ”бог“ или дека била ”божествена“, со што не се мисли неопходно на Бог, туку на некој кој е силен. Понатаму, тој библиски стих вели дека ”Речта“ била ”со“ Бог. Ова разумно исклучува дека би била истиот тој Бог. Но, сеедно како и да заклучиме околу ”Речта“, факт е дека во Јован 1:1 се споменуваат само две личности, а не три. Секогаш одново, сите стихови кои се употребуваат со обид да ја поддржат науката за Тројство, сосема промашуваат во тоа ако чесно се испитаат.a
Друг фактор кој треба да се земе предвид е следниот: Ако Исус и неговите ученици учеле за науката за Тројство, тогаш водечките свештеници кои дошле непосредно после него, исто така би го учеле. Но, дали тие мажи, денес наречени Апостолски Отци, учеле за науката за Тројство? Ова прашање ќе биде разгедано во 2. дел од оваа серија во некое од идните изданија на Стражарска кула.
Литература:
1. The Catholic Encyclopedia, 1912, том XV, стр. 47.
2. The Baptist Encyclopædia, издадена од Вилијам Кеткарт, 1883, стр. 1168, 1169.
3. A Short History of Christian Doctrine, од Бернард Лозе, издание од 1980, стр. 53.
4. Истото, стр. 64, 65.
5. The Church Teaches, преведено и издадено од Џон Ф. Кларксон, Дружба Исусова, Џон Х. Едвардс, Д.И., Вилијам Џ. Кели, Д.И. и Џон Џ. Велч, Д.И., 1955, стр. 125-127.
6. Истото, стр. 125.
7. The Triune God, од Едмонт Џ. Фортман, издание од 1982, стр. 126.
8. On the Incarnation, преведено од Пенелопа Лоусон, издание од 1981, стр. 27, 28.
9. The Encyclopedia of Religion, Мирчеа Елијаде, главен уредник, 1987, том 15, стр. 54.
10. The New Encyclopædia Britannica, 15. издание, 1985, том 11, Micropædia, стр. 928.
11. New Catholic Encyclopedia, 1967, том XIV, стр. 295,
[Фуснота]
a За покомплетна дискусија на вакви стихови, види ја брошурата Дали треба да се верува во Тројство?, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 19]
Црква во Тањон, Франција