Дали раната црква учела дека Бог е Тројство?
4. дел — Кога и како се развила науката за Тројство?
Првите три статии од оваа серија покажаа дека науката за Тројство не ја научувале Исус и неговите следбеници, ниту раните црковни отци. (Стражарска кула од 1. ноември 1991; 1. февруари 1992 и 1. април 1992) Оваа последна статија ќе расправа за тоа како се развила догмата за Тројството и каква улога одиграл концилот во Никеја во 325. н. е.
ВО 325. година н. е., римскиот цар Константин свикал концил на бискупи во градот Никеја, во Мала Азија. Целта му била да ги реши постојаните религиозни препирки околу односот на Божјиот Син спрема Семоќниот Бог. Во врска со резултатите на тој концил, Encyclopædia Britannica вели:
„Константин претседавал, при што го водел преговарањето, предложувајќи ја лично дефинитивната формула . . . која го изразува односот на Христос кон Бог во никејското верување, имено дека тој е ‚едно битие [хомоусиос] со Таткото‘ . . . Од страв пред царот, сите бискупи освен двајца го потпишале никејското верување, многумина од нив против сопственото убедување.“1
Дали овој пагански владетел се вмешал поради своите библиски убедувања? Не. Делото A Short History of Christian Doctrine наведува: „Константин немал всушност ни најмало разбирање за прашањата кои се поставувале во грчката теологија.“2 Но сфаќал дека религиозните препирки му се заканувале на единството на неговото царство, па сакал да бидат решени.
Дали тој ја вовел науката за Тројство?
Дали никејскиот концил ја вовел, или потврдил, науката за Тројство на т.н. христијанство? Многумина претпоставуваат дека било така. Но фактите покажуваат поинаку.
Верувањето кое што концилот го објавил, застапувало работи за Божјиот Син кои, на еден одреден начин, би им дозволиле на различни свештеници да го сметаат еднаков со Бог, Таткото. Сепак, просветлувачки е да се види што не вели никејското верување. Како што првобитно било издадено, целокупното верување гласело:
„Ние веруваме во еден Бог, семоќниот Отец, творец на сите работи, видливи и невидливи;
И во еден Господ Исус Христос, Божјиот Син, роден од Отецот, единороден, односно, со супстанцијата како Отецот, Бог од Бог, светлина од светлина, вистински Бог од вистински Бог, роден а не создаден, од иста супстанција со Отецот, преку кого дошле во постоење сите работи, работите на небото и работите на земјата, Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение дојде долу и се отелотвори, станувајќи човек, страдаше и повторно стана на третиот ден, се вознесе на небото и ќе дојде да им суди на живите и на мртвите;
И во Светиот Дух.“3
Дали ова верување вели дека Таткото, Синот и светиот дух се три личности во еден Бог? Дали вели дека тројцата се еднакви по вечност, сила, положба и мудрост? Не, не вели така. Овде не постои никаква формула на три во едно. Првобитното никејско верување не го воспоставило или потврдило Тројството.
Тоа верување, во најдобар случај, го изедначува Синот со Таткото во тоа што е „од иста супстанција“. Но ништо слично на тоа не вели за светиот дух. Сѐ што вели е дека „ние веруваме . . . во Светиот Дух“. Тоа не е науката за Тројство на т.н христијанство.
Дури и клучната фраза „од иста супстанција“ (хомоусиос) не значела неопходно дека концилот верувал во бројна еднаквост на Таткото и Синот. New Catholic Encyclopedia наведува:
„Дали концилот имал намера да го потврди бројниот идентитет на супстанцијата на Таткото и Синот, е несигурно“.4
Кога концилот би сметал дека Синот и Таткото се бројно едно, пак не би било Тројство. Би било само Бог двајца во еден Бог, а не три во еден, како што се барало со науката за Тројство.
„Гледиште на малцинството“
Дали во Никеја бискупите во целина верувале дека Синот бил еднаков со Бог? Не, постоеле натпреварувачки гледишта. На пример, едно од гледиштата застапувал Ариј кој учел дека Синот имал одреден почеток во времето и затоа не бил еднаков со Бог, туку му бил потчинет во секој поглед. Атаназиј, од друга стана, верувал дека Синот бил еднаков со Бог на еден одреден начин. А постоеле и други гледишта.
Во врска со одлуката на концилот, Синот да се смета од иста супстанција (консупстанцијален) како Бог, Мартин Марти наведува: „Никеја всушност претставувала гледиште на малцинството; решението било вознемирувачко и неприфатливо за мнозина кои не биле со аријски погледи“.5 Слично на тоа, книгата Одбрана библиотека на никејски и постникејски отци на христијанската црква (Select Library of Nicene and Post-Nicene Fathers of the Christian Church) наведува дека „само малцинството за разлика од аријанизмот заземало јасно формулирана доктринална положба, иако тоа малцинство успеало да ја постигне својата цел“.6 А делото A Short History of Christian Doctrine наведува:
„Она што им изгледало особено непожелно на многу бискупи и теолози од Исток била концепцијата што ја вметнал во верувањето самиот Константин, а тоа е хомоусиосот [„од иста супстанција“], која во подоцнежниот спор помеѓу ортодоксијата и ересот, станал предмет на раздор“.7
По концилот, препирките продолжиле со децении. Оние кои биле за идејата на изедначување на Синот со Семоќниот Бог дури, некое време, станале непопуларни. На пример, Мартин Марти за Атаназиј вели: „Неговата популарност пораснала и паднала, и толку често бил протеруван [во годините после концилот] што практично станал секојдневен патник“.8 Атаназиј години поминал во прогонство поради тоа што политичките и црковните службеници се спротивставувале на неговите погледи кои го изедначувале Синот со Бог.
Тврдењето дека никејскиот концил, во 325 н. е. ја воспоставил или потврдил науката за Тројство, не е вистинито. Она што подоцна станало учење за Тројство, во тоа време не постоело. Идејата дека секој посебно — Таткото, Синот и светиот дух биле по еден вистински Бог и еднакви по вечноста, силата, положбата и мудроста, а сепак еден Бог — тројца во еден Бог — не ја развил тој концил ниту поранешните црковни отци. Како што наведува делото The Church of the First Three Centuries:
„Модерната популарна наука за Тројството . . . нема поддршка во јазикот на Јустин [Маченик]: и ова запазување може да се прошири на сите предникејски отци; тоа значи, на сите христијански писатели во три века после раѓањето на Христос. Навистина, тие зборувале за Таткото, Синот и пророчкиот или свет Дух, но не како за меѓусебно еднакви, не како за бројно едно битие, не како Три во Едно, во каква и да е смисла која сега ја прифаќаат Тринитаријанците. Вистината е токму спротивното. Науката за Тројството, како што овие Отци ја објаснуваат, била суштински поинаква од модерната наука. Ова го наведуваме како факт кој е поподложен на испитување отколку кој и да е друг факт во историјата на човековите сфаќања.“
„Повикуваме секого да наведе еден единствен писател од некоја важност, во текот на првите три века, кој верувал во оваа наука за Тројството во модерна смисла.“9
Сепак, Никеја претставувала пресвртница. Таа ја отворила вратата кон официјалното прифаќање на Синот како еднаков со Таткото, и тоа го пробило патот за подоцнежната идеја за Тројство. Книгата Ортодоксија на вториот век (Second Century Orthodoxy), од Џ. А. Бакли, наведува:
„Најмалку до крајот на вториот век, универзалната црква останала обединета во една основна смисла; сите ја прифаќале врховната власт на Таткото. Сите го сметале Бог за Семоќен Татко како единствено врховен, непроменлив, неискажлив и без почеток. . . .“
„Со изумирањето на тие писатели и водачи од вториот век, Црквата почнала . . . да се слизнува полека но непопустливо кон таа точка . . . кадешто на никејскиот концил била достигната кулминацијата на сето тоа постепено нагризување на првобитната вера. Таму, мало колебливо малцинство го наметнало својот ерес над покорното мнозинство, и со политичките власти зад сето тоа, ги присилило, измамило и заплашило оние кои се стремеле да ја зачуваат првобитната чистота на нивната неизвалкана вера“.10
Концилот во Константинопол
Во 381. н. е., концилот во Константинопол го потврдил никејското верување. А додал и нешто друго. Светиот дух го нарекол „Господ“ и „животодавец“. Проширеното верување од 381. н. е. (кое во суштина се користи во црквите денес и се нарекува „никејско верување“) покажува дека т.н. христијанство се наоѓало на работ на создавањето на потполно созреана тринитаријанска догма. Сепак, ниту овој концил не ја комплетирал таа наука. New Catholic Encyclopedia признава:
„Интересно е тоа дека 60 години после Никеја I, концилот во Константинопол I [381. н. е.] го избегнувал хомоусиос во својата дефиниција за божественоста на Светиот Дух“.11
„Научниците се зачудени од јасната благост на изразување од страна на ова верување; неговиот неуспех, на пример, да го употребува зборот хомоусиос за Светиот Дух како од иста супстанција со Таткото и Синот“.12
Истата енциклопедија признава: „Хомоусиос не се појавува во Писмото“.13 Не, Библијата не го употребува тој збор ниту за светиот дух, ниту за Синот како од еднаква супстанција со Бог. Тоа бил небиблиски израз кој помогнал да доведе до небиблиската, всушност, антибиблиска наука за Тројство.
Дури и после Константинопол, поминале векови пред учењето за Тројството да биде прифатено ширум т.н. христијанство. New Catholic Encyclopedia наведува: „На Запад . . . изгледа дека преовладувала општа тишина со оглед на Константинопол I и неговото верување“.14 Овој извор покажува дека верувањето на концилот не било нашироко признато на Запад сѐ до седмиот или осмиот век.
Научниците исто така признаваат дека атаназиското верување, често цитирано како стандардна дефиниција и поддршка на Тројството, не го напишал Атаназиј, туку непознат автор многу подоцна. The New Encyclopædia Britannica коментира:
„До 12. век, верувањето било непознато за Источната црква. Од 17. век па наваму, изучувачите воглавно се сложуваат со тоа дека Атаназиј (умрел во 373.) не бил зачетник на Атаназиското верување, туку по сѐ изгледа дека било напишано во 5. век во јужна Франција. . . . Во 6. и 7. век, влијанието на ова верување можело јасно да се почувствува првенствено во јужна Франција и во Шпанија. Во 9. век се употребувало во црковната литургија во Германија, а нешто подоцна во Рим.“15
Како се развила
Науката за Тројството го започнала својот бавен развиток во период од неколку векови. Тринитаријанските идеи на грчките филозофи како Платон, кој живеел неколку века пред Христос, постепено се вовлекле во црковните учења. Како што вели делото The Church of the First Three Centuries:
„Тврдиме дека науката за Тројството настанувала постепено и тоа сразмерно доцна; дека потекнувала од извор кој на хебрејските и грчките списи им бил сосема непознат; дека постепено добивала облик и во христијанството ја всадиле црквените отци на кои влијаел Платон; дека во времето на Јустин, и долго после тоа, различната природа и потчинетоста на Синот насекаде се поучувала; и дека тогаш станала видлива само првата нејасна црта на Тројството“.16
Пред Платон, тријади, или тројства биле вообичаени во Вавилон и Египет. И настојувањата на црковните луѓе да привлечат неверници во римскиот свет довеле до постепеното обединување на некои од тие идеи во т.н. христијанство. Тоа на крајот довело до прифаќање на верувањето дека Синот и светиот дух се еднакви со Таткото.a
Дури зборот „Тројство“ бил многу бавно прифатен. Тоа се случило во втората половина на вториот век, кога Теофил, бискуп од Антиохија во Сирија, пишувал на грчки и го вовел зборот тријас, што значи „тријада“ или „тројство“. Потоа латинскиот писател Тертулијан од Картагена, од северна Африка, во своите списи го вовел зборот тринитас, што значи „тројство“.b Но зборот тријас не се наоѓа во инспирираните Христијански грчки списи, и зборот тринитас не стои во латинскиот превод на Библијата наречен Вулгата. Ниту еден израз не бил библиски. Но зборот „тројство“, кој се темели на пагански сфаќања, се вовлекол во литературата на црквите, и после четвртиот век станал дел од нивната догма.
Според тоа, научниците не ја испитале темелно Библијата за да видат дали во неа се научувала таква наука. Наместо тоа, световната и црковната политика во голема мера ја одредила науката. Во книгата Христијанската традиција (The Christian Tradition), авторот Јарослав Пеликан го свртува вниманието кон „нетеолошките фактори во дебатата, од кои многумина изгледале спремни одново и одново да го одредуваат нејзиниот исход, само за да бидат поништени од други сили со еднаква важност. Доктрината често била жртва — или производ — на црковната политика и на судирот на личности“.17 Професорот Е. Вошберн Хопкинс од универзитетот Јејл, се изразил на следниот начин: „Конечната ортодоксна дефиниција на тројството во голема мера била предмет на црковна политика“.18
Колку е неразумно што науката за Тројството е споредена со едноставното библиско учење дека Бог е врховен и нема еднаков на себе! Како што Бог вели: „Со кого ќе Ме изедначите, и ќе Ме споредите? Кого ќе го земете за пример да прилега на Мене?“ (Исаија 46:5).
Што претставувала
Што претставувал постепениот развиток на идејата за Тројството? Тоа било дел од отпаѓањето од вистинското христијанство коешто го прорекол Исус (Матеј 13:24-43). И апостол Павле го прорекол претстојниот отпад:
„Сигурно ќе дојде време кога, ни оддалеку задоволни со здравото учење, луѓето ќе бидат алчни за последните новости и ќе си соберат цела редица на учители според нивните сопствени вкусови; и тогаш, наместо да ја слушаат вистината, ќе се свртат кон митови“ (2. Тимотеј 4:3, 4, католичка Jerusalem Bible).
Еден од тие митови било учењето за Тројството. Други митови кои биле непознати за христијанството, а кои исто така постепено се развиле, биле: вродената бесмртност на човечката душа, чистилиште, предворје на пеколот и вечното мачење во пеколен оган.
Според тоа, што е науката за Тројството? Тоа е всушност паганска наука маскирана во христијанска. Била поткрепена од Сатана за да ги заведува луѓето, Бог да го направи за нив збунувачки и мистериозен. Тоа доведува до тоа да бидат поспремни да ги прифатат другите идеи и неисправните обичаи на лажната религија.
„По нивните плодови“
Во Матеј 7:15-19, Исус рекол дека лажната во однос на вистинската религија може да се препознае на следниов начин:
„Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи. По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови . . . Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган“.
Разгледај еден пример. Во Јован 13:35, Исус рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“. Исто така, во 1. Јованово 4:20 и 21, Божјата инспирирана Реч изјавува:
„Ако некој рече: ‚Го сакам Бога‘, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел? И таа заповед ја имаме од Него: кој Го сака Бога, да го сака и братот свој.“
Примени го темелното начело дека вистинските христијани мораат да имаат љубов меѓу себе, на она што се случило во двете светски војни од ова столетие, како и на други судири. Луѓе од исти религии на т.н. христијанство се сретнале на бојните полиња и се убивале меѓусебе поради националистички разлики. Секоја страна тврдела дека е христијанска, и секоја страна била поддржувана од своето свештенство кое тврдело дека Бог е на нивната страна. Тоа убивање на „христијанин“ со „христијанин“ е расипан плод. Претставува прекршување на христијанската љубов, негирање на Божјите закони. (Види и 1. Јованово 3:10-12.)
Ден на пресметка
Според тоа, отпаѓањето од христијанството не довело само до безбожни верувања, како што е науката за Тројството, туку и до безбожни обичаи. Сепак, доаѓа ден на пресметка, бидејќи Исус рекол: „Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган“. Затоа Божјата Реч поттикнува:
„Излезете од неа [од лажната религија], луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини; бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини“ (Откровение 18:4, 5).
Наскоро Бог ќе „им даде во срцата“ на политичките власти да се свртат против лажната религија. Тие „ќе ја запустат и . . . телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат“ (Откровение 17:16, 17). Засекогаш ќе биде уништена лажната религија со своите пагански филозофии за Бог. Всушност, Бог ќе им рече на оние кои ја обичаваат лажната религија како што рекол Исус во своето време: „Ви се остава вашиот дом пуст“ (Матеј 23:38).
Вистинската религија ќе ги преживее Божјите судови, така што најпосле, оттогаш па натаму, сета чест и слава ќе му биде дадена на Оној за кого Исус рекол дека е „Единиот вистински Бог“. Тој е Оној кого псалмистот го идентификува, изјавувајќи: „Ти, чие име е Јехова, ти самиот си Највишиот над целата земја“ (Јован 17:3; Псалми 83:18, NW).
Литература:
1. Encyclopædia Britannica, 1971, том 6, стр. 386.
2. A Short History of Christian Doctrine, од Бернхард Лозе, 1963, стр. 51.
3. Истото., стр. 52-53.
4. New Catholic Encyclopedia, 1967, том VII, стр. 115.
5. A Short History of Christianity, од Мартин Е. Марти, 1959, стр. 91.
6. A Select Library of Nicene and Post-Nicene Fathers of the Christian Church, од Филип Шаф и Хенри Вејс, 1892, том IV, стр. xvii.
7. A Short History of Christian Doctrine, стр. 53.
8. A Short History of Christianity, стр. 91.
9. The Church of the First Three Centuries, од Алван Ламсон, 1869, стр. 75-76, 341.
10. Second Century Orthodoxy, од Џ. А. Бакли, 1978, стр. 114-115.
11. New Catholic Encyclopedia, 1967, том VII, стр. 115.
12. Истото., том IV, стр. 436.
13. Истото., стр. 251.
14. Истото., стр. 436.
15. The New Encyclopædia Britannica, 1985, 15. издание, Micropædia, том 1, стр. 665.
16. The Church of the First Three Centuries, стр. 52.
17. The Christian Tradition, од Јарослав Пеликан, 1971, стр. 173..
18. Origin and Evolution of Religion, од Е. Вошберн Хопкинс, 1923, стр. 339.
[Фусноти]
a За натамошни информации види ја брошурата Дали треба да се верува во Тројство? издадена од Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци.
b Како што беше покажано во претходните статии од оваа серија, иако Теофил и Тертулијан ги употребувале тие зборови, не мислеле на Тројството во кое верува христијанството денес.
[Слика на страница 22]
Бог ќе предизвика политичките власти да се свртат против лажната религија
[Слика на страница 24]
Вистинската религија ќе ги преживее Божјите судови