Поглавје 2
Оддадена му е чест пред да се роди
ОТКАКО ангелот Гавриел ѝ кажува на младата жена Марија дека ќе роди машко дете кое ќе стане вечен цар, Марија прашува: „Како ќе биде тоа, кога немам односи со маж?“
„Светиот дух ќе дојде на тебе“, објаснува Гавриел, „и силата на Највишиот ќе те засени. Затоа и она што ќе се роди, ќе се нарече свето, Божји Син.“
За да ѝ помогне на Марија да верува во неговата порака, Гавриел продолжува: „Еве, и Елисавета, твојата роднина, која ја нарекуваат неротка, зачна син во својата старост и ова ѝ е шести месец; зашто кај Бога ниедна изјава нема да биде невозможна“.
Марија ги прифаќа зборовите на Гавриел. Каков е нејзиниот одговор? „Еве! Јеховина робинка!“, изјавува таа. „Нека биде со мене според твојата изјава.“
Наскоро по заминувањето на Гавриел, Марија се подготвува и заминува да ја посети Елисавета, која живее со нејзиниот маж, Захарија, во планинското подрачје на Јудеја. Од домот на Марија во Назарет, ова е долго патување од можеби три или четири дена.
Кога Марија конечно пристигнува во куќата на Захарија, таа влегува и се поздравува. Тогаш Елисавета, исполнета со свет дух, ѝ вели на Марија: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И од каде мене оваа предност, мајката на мојот Господ да дојде кај мене? Зашто еве, кога гласот на твојот поздрав дојде до моите уши, детенцето во мојата утроба потскокна од голема радост“.
Кога го слуша ова, Марија одговара со срдечна благодарност: „Мојата душа го велича Јехова, и мојот дух не може да се воздржува од неизмерна радост поради Бог, мојот Спасител; бидејќи погледна на ниската положба на својата робинка. Зашто гледај! Отсега сите генерации ќе ме прогласуваат за среќна, бидејќи Силниот направил големи дела за мене“. Сепак, и покрај милоста што ѝ е укажана, Марија му ја оддава сета чест на Бог. „Свето е неговото име“, вели таа, „и од генерација во генерација неговата милост е врз оние кои се плашат од него.“
Марија продолжува да го фали Бог во инспирирана пророчка песна, изјавувајќи: „Моќно дејствуваше со својата рака, ги распрсна оние кои се надуени во намерата на своето срце. Ги собори моќниците од престоли и ги возвиши незначителните; гладните во потполност ги насити со добри работи, а богатите ги распушти празни. Му дојде на помош на Израел, својот слуга, за да си спомнува за милосрдноста, како што им говореше на нашите прататковци, на Авраам и неговото семе, засекогаш“.
Марија останува кај Елисавета околу три месеци, и несомнено ѝ е од голема помош во овие последни седмици од нејзината бременост. Навистина е прекрасно тоа што овие две верни жени, кои носеле дете со Божја помош, можеле да бидат заедно во ова благословено време од нивниот живот!
Дали забележа дека на Исус му е оддадена чест уште пред да се роди? Елисавета го нарекла „мојот Господ“, и нејзиното неродено дете потскокнало од радост кога Марија првпат се појавила. Од друга страна, пак, некои луѓе подоцна се однесувале со Марија и со нејзиното неродено дете со малку почит, како што ќе видиме. Лука 1:26—56.
▪ Што ѝ вели Гавриел на Марија за да ѝ помогне да разбере како ќе забремени?
▪ Како на Исус му е оддадена чест пред да се роди?
▪ Што вели Марија во една пророчка песна на фалба на Бог?
▪ Колку долго останува Марија со Елисавета и зошто е погодно таа да остане со Елисавета во тоа време?