Поглавје 4
Бремена, а немажена
МАРИЈА е во третиот месец на бременоста. Се сеќаваш дека таа го помина почетниот дел од својата бременост во посета на Елисавета, но сега е вратена дома во Назарет. Набрзо во родното место ќе се дознае за нејзината состојба. Таа навистина е во тешка ситуација!
Она што уште повеќе ја влошува ситуацијата е тоа што Марија е свршена со дрводелецот Јосиф и треба да му стане жена. Таа знае дека, според Божјиот закон даден на Израел, жена која е свршена со еден маж а доброволно има сексуални односи со друг маж, мора да биде каменувана до смрт. Како да му ја објасни на Јосиф својата бременост?
Можеме да бидеме сигурни дека Јосиф нестрпливо очекува да ја види бидејќи Марија била отсутна три месеци. Веројатно Марија, кога се сретнуваат, му ја кажува веста. Таа прави сѐ што може да му објасни дека е бремена од Божјиот свет дух. Но, како што можеш да си замислиш, за Јосиф е многу тешко да поверува во ова.
Јосиф знае дека Марија е на добар глас и веројатно многу ја сака. Сепак, и покрај нејзиното тврдење, му се чини дека навистина останала бремена од некој маж. Без оглед на тоа, Јосиф не сака таа да биде каменувана до смрт или јавно да биде осрамотена. Затоа донесува одлука тајно да се разведе од неа. Во тогашно време, на свршениците се гледало како да се венчани и затоа за раскинување на свршувачката бил потребен развод.
Подоцна, сѐ уште размислувајќи за ова, Јосиф си легнува. На сон му се појавува Јеховин ангел и му вели: „Не плаши се да ја доведеш дома Марија, својата жена, зашто она што е зачнато во неа, е од светиот дух. Таа ќе роди син, и ќе му дадеш име Исус, зашто тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови“.
Кога Јосиф се буди, тој е многу благодарен! Без одложување постапува по упатствата на ангелот. Тој ја зема Марија дома. Оваа јавна постапка, всушност, служи како венчавка, што значи дека Јосиф и Марија сега прописно склучиле брак. Меѓутоа, Јосиф нема сексуални односи со Марија сѐ додека таа е бремена со Исус.
Гледај! Марија е бремена, а Јосиф ја качува на магаре. Каде одат, и зошто заминуваат на пат кога е време Марија да роди? Лука 1:39—41, 56; Матеј 1:18—25; Второзаконие 22:23, 24.
▪ Како се чувствува Јосиф кога дознава дека Марија е бремена, и зошто?
▪ Како може Јосиф да се разведе од Марија кога сѐ уште не се во брак?
▪ Која јавна постапка служи како венчавка на Јосиф и Марија?