Поглавје 5
Исусовото раѓање — каде и кога?
ИМПЕРАТОРОТ на Римското Царство, цезарот Август, наредил сите да се вратат во своите места на раѓање за да бидат попишани. Затоа Јосиф патува кон своето родно место, градот Витлеем.
Многу луѓе се во Витлеем за да бидат попишани, и единственото место за престој што Јосиф и Марија можат да го најдат е една штала. Токму овде, каде што се чуваат магариња и други животни, се раѓа Исус. Марија го повива во повои и го става в јасли, место каде што се става храна за животните.
Сигурно дека цезарот Август издал закон за попис под Божје водство. Тоа овозможило Исус да се роди во Витлеем, град кој веќе одамна во Писмото бил проречен како родното место на ветениот владетел.
Колку значајна ноќ! Надвор на полињата, сјајна светлина осветлува една група овчари. Тоа е Јеховината слава! Јеховиниот ангел им вели: „Не плашете се, зашто еве, ви објавувам добра вест на голема радост што ќе ја имаат сите луѓе, бидејќи денес во Давидовиот град ви се роди Спасител, кој е Христос Господ. А ова ви е знак: Ќе најдете доенче повиено во повои и положено во јасли“. Одеднаш се појавуваат уште повеќе ангели и тие пеат: „Слава на Бог на висините, а на земјата мир меѓу луѓето на добра волја“.
Кога ангелите си заминуваат, овчарите си велат еден на друг: „Бездруго да појдеме право во Витлеем и да го видиме тоа што се случило, а што Јехова ни го објави“. Брзо одат и го наоѓаат Исус токму онаму каде што ангелот рекол дека ќе го најдат. Кога овчарите раскажуваат што им рекол ангелот, сите кои слушаат се восхитуваат. Марија ги чува во своето срце и длабоко ги цени сите овие зборови.
Многу луѓе денес веруваат дека Исус се родил на 25 декември. Меѓутоа, декември е дождлива и ладна сезона во Витлеем. Во ова време од годината овчарите не би ноќевале надвор на полињата со стадата. Освен тоа, римскиот цезар веројатно не би барал од народот, кој и онака бил склон кон револт против него, да патува среде зима поради попис. Очигледно, Исус се родил некаде во рана есен. Лука 2:1—20; Михеј 5:2.
▪ Зошто Јосиф и Марија патуваат кон Витлеем?
▪ Какво чудесно нешто се случува ноќта кога Исус се раѓа?
▪ Како знаеме дека Исус не се родил на 25-ти декември?