Поглавје 6
Детето на ветувањето
НАМЕСТО да се вратат во Назарет, Јосиф и Марија остануваат во Витлеем. Кога Исус имал осум дена, тие го обрежуваат како што заповеда Божјиот закон даден на Мојсеј. Очигледно било обичај на осмиот ден да му се даде и име на машкото дете. Затоа, на своето дете му даваат име Исус, како што порано им дал упатства ангелот Гавриел.
Поминува повеќе од еден месец, и Исус има 40 дена. Каде го носат сега неговите родители? Во храмот во Ерусалим, кој е оддалечен само неколку километри од нивното место на живеење. Според Божјиот Закон даден на Мојсеј, 40 дена по раѓањето на синот, мајката требало да донесе жртва за очистување во храмот.
Марија го прави тоа. Таа за жртва принесува две мали птици. Ова открива нешто за економската состојба на Јосиф и Марија. Според Мојсеевиот закон требало да се жртвува млад овен, кој е со многу поголема вредност отколку птиците. Меѓутоа, ако мајката не можела да си го дозволи тоа, биле доволни две грлици или два гулаба.
Во храмот, еден стар човек го зема Исус в раце. Се вика Симеон. Бог му открил дека нема да умре додека не го види Јеховиниот ветен Христос или Месија. Кога Симеон доаѓа во храмот тој ден, светиот дух го води до детето кое го носат Јосиф и Марија.
Држејќи го Исус, Симеон му благодари на Бог: „Сега, Суверен Господи, го отпушташ својот роб во мир според својата изјава; бидејќи моите очи го видоа твоето средство за спасение кое си го подготвил пред лицето на сите народи, светлина за отстранување на превезот од нациите и слава на твојот народ Израел“.
Јосиф и Марија се восхитени кога го слушаат ова. Тогаш Симеон ги благословува и на Марија ѝ вели дека нејзиниот син „е поставен за пад и повторно издигнување на многумина во Израел“ и дека жалост, како остар меч, ќе ја прободе нејзината душа.
Во оваа прилика е присутна и 84-годишната пророчица Ана, која всушност никогаш и не отсуствува од храмот. Таа се приближува во истиот тој час и му благодари на Бог зборувајќи им за Исус на сите кои слушаат.
Колку Јосиф и Марија се радуваат на овие настани во храмот! Сигурно, сето ова им потврдува дека детето е Ветениот од Бог. Лука 2:21—38; Левит 12:1—8.
▪ Кога очигледно било обичај да му се даде име на машкото дете во Израел?
▪ Што се барало во Израел од една мајка кога синот имал 40 дена и како исполнувањето на ова барање ја открива економската состојба на Марија?
▪ Кои го препознаваат идентитетот на Исус во оваа прилика, и како го покажуваат тоа?