Поглавје 36
Големата вера на еден воен офицер
КОГА ја одржува својата Проповед на гората, Исус е некаде на половина пат од својата јавна служба. Тоа значи дека му преостанува уште околу една година и девет месеци за да го заврши своето дело на Земјата.
Исус сега влегува во градот Капернаум, кој е некој вид база за неговите активности. Тука му приоѓаат еврејските старешини со едно барање. Ги испратил еден офицер од римската војска кој е не-Евреин, човек со поинаков род од Евреите.
Омилениот слуга на офицерот е на умирање од тешка болест и офицерот сака Исус да го излечи. Евреите сесрдно молат во името на офицерот: „Достоен е да му го направиш тоа“, велат тие, „зашто ја сака нашата нација и ни ја изгради синагогата“.
Исус без двоумење тргнува со мажите. Меѓутоа, кога се приближуваат, воениот офицер испраќа некои пријатели да му кажат: „Господине, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив. Затоа не се сметав достоен да дојдам кај тебе“.
Какви само понизни зборови од еден офицер кој е навикнат да им наредува на другите! Но, тој веројатно мисли и на Исус, зошто знае дека обичајот забранува еден Евреин да одржува друштвени врски со не-Евреите. Дури и Петар рекол: „Вие добро знаете дека на Евреин не му е дозволено да се дружи или да му приоѓа на човек од друг род“.
Бидејќи веројатно не сакал Исус да трпи последици од кршењето на овој обичај, офицерот ги праќа своите пријатели да го замолат: „Кажи збор, и нека биде излекуван мојот слуга. Зашто и јас сум човек поставен под власт, и имам војници под себе, и на едниот му велам: ‚Оди!‘ и тој оди, и на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа, и на својот роб: ‚Направи го тоа!‘ и тој го прави“.
Кога го слуша ова, Исус е восхитен. „Вистина ви велам: Ниту во Израел не сум нашол толку голема вера.“ Откако го оздравува слугата на офицерот, Исус ја користи приликата да укаже дека не-Евреите кои имаат вера ќе бидат повластени со благословите што ги отфрлиле неверните Евреи.
„Мнозина“, вели Исус, „ќе дојдат од источните и од западните краеви и ќе прилегнат до масата со Авраам и Исак и Јаков во небесното царство; додека синовите на царството ќе бидат фрлени надвор во темнината. Таму ќе биде нивниот плач и чкртање со заби.“
„Синовите на царството . . . фрлени надвор во темнината“ се природните Евреи кои не ја прифаќаат можноста да бидат владетели со Христос која им е понудена најпрво ним. Авраам, Исак и Јаков ја претставуваат подготовката за Божјето Царство. На тој начин Исус покажува дека не-Евреите ќе бидат добредојдени да седнат на небесната маса, така да се каже, „во небесното царство“. Лука 7:1—10; Матеј 8:5—13; Дела 10:28.
▪ Зошто Евреите молат во името на еден нееврејски воен офицер?
▪ Како би можело да се објасни тоа што офицерот не го поканува Исус да влезе во неговиот дом?
▪ Што мисли Исус со своите заклучни забелешки?