Поглавје 37
Исус ја оттргнува жалоста на една вдовица
КРАТКО откако го излекувал слугата на офицерот, Исус заминува за Наин, град кој се наоѓа на околу 32 километра југозападно од Капернаум. Го придружуваат неговите ученици и едно големо мноштво. Додека се приближуваат кон предградието на Наин веројатно е приквечер. Тука среќаваат една погребна поворка. Од градот го изнесуваат мртвото тело на еден младич за да го погребат.
Ситуацијата на мајката е особено трагична затоа што е вдовица, а ова е нејзино единствено дете. Кога ѝ умрел мажот, можела да се теши со фактот дека го има својот син. Нејзините надежи, желби и стремежи биле поврзани со неговата иднина. Но сега нема никого во кого би нашла утеха. Додека луѓето од градот ја придружуваат до местото на погребот, нејзината жалост е голема.
Кога Исус ја здогледува жената, нејзината длабока жалост го трогнува во срцето. Затоа со нежност, но и со цврстина која влева доверба, тој и се обраќа: „Престани да плачеш!“ Неговото однесување и постапка го привлекува вниманието на мноштвото. Затоа кога пристапува и го допира одарот на кој го носат телото, носачите застануваат. Сигурно сите се прашуваат што ќе стори.
Точно е дека оние кои го придружуваат Исус виделе како тој на чудесен начин излекувал многу луѓе од болести. Но, изгледа никогаш не го виделе да подигне некого од мртвите. Може ли да направи такво нешто? Обраќајќи му се на телото, Исус заповеда: „Млад човеку, тебе ти велам: Стани!“ И младичот седнува! Почнува да зборува и Исус го дава на мајка му.
Кога луѓето гледаат дека младичот е навистина жив, почнуваат да зборуваат: „Голем пророк е подигнат меѓу нас“. Други велат: „Бог му обрна внимание на својот народ“. Веста за тоа восхитувачко дело брзо се шири по цела Јудеја и во сета околина.
Јован Крстител е сѐ уште в затвор и сака да дознае повеќе за тоа какви дела може да направи Исус. Јовановите ученици му кажуваат за тие чуда. Каков е неговиот одговор? Лука 7:11—18.
▪ Што се случува кога Исус се приближува кон Наин?
▪ Како влијае врз Исус она што го гледа, и што прави тој?
▪ Како реагираат луѓето на Исусовото чудо?