Поглавје 47
Солзи претворени во голем восхит
БЕЗ сомнение, Јаировата доверба во Исусовата чудесна моќ се зголемува кога гледа дека жената е излекувана од крвавењето. Претходно истиот ден, Јаир го замолил Исус да дојде и да ѝ помогне на неговата сакана 12-годишна ќерка која лежела на смртна постела. Меѓутоа, сега се случува она од што Јаир најмногу се плаши. Додека Исус разговара со жената, доаѓаат некои луѓе и тивко му велат на Јаир: „Ќерка ти умре! Зошто уште да му додеваш на учителот?“
Колку ужасна вест! Замисли си само: Овој човек кој бил многу почитуван во заедницата, сега, кога дознава за смртта на својата ќерка, е потполно беспомошен. Меѓутоа, Исус го наслушнува разговорот. Затоа се свртува кон Јаир и охрабрувачки му вели: „Не плаши се, само практикувај вера“.
Исус го придружува овој човек обземен од жал до неговата куќа. Кога стигнуваат, ги пречекува голем плач и тажење. Мноштво луѓе се собрани и се удираат в гради од тага. Исус влегува внатре и прашува: „Зошто создавате бучна бркотија и плачете? Малото дете не е умрено, туку спие“.
Кога го слушаат тоа, луѓето почнуваат презриво да му се смеат на Исус, бидејќи знаат дека девојчето, всушност, е мртво. Меѓутоа, Исус вели дека тоа само спие. Користејќи ја својата моќ дадена од Бог, тој ќе покаже дека луѓето можат да се вратат од смртта, исто толку лесно како што можат да се разбудат од длабок сон.
Исус ги испраќа сите луѓе надвор, освен Петар, Јаков, Јован и мајката и таткото на умреното девојче. Потоа нив петмина ги води со себе на местото каде што лежи девојчето. Фаќајќи ја за рака, Исус вели: „Талита куми“, што во превод значи: „Девојче, тебе ти велам: стани!“ И девојчето веднаш станува и почнува да оди! Гледајќи го тоа, нејзините родители се речиси вон себе од голем восхит.
Откако ги советува на детето да му се даде нешто за јадење, Исус им заповеда на Јаир и на неговата жена никому да не кажуваат што се случило. Но, и покрај она што го вели Исус, веста се шири по целиот тој крај. Ова е второто воскресение што го извршува Исус. Матеј 9:18—26; Марко 5:35—43; Лука 8:41—56.
▪ Каква вест прима Јаир и како Исус го охрабрува?
▪ Каква е ситуацијата кога пристигнуваат во Јаировиот дом?
▪ Зошто Исус вели дека мртвото дете само спие?
▪ Кои се петтемина со Исус кои се сведоци на воскресението?