Поглавје 50
Подготовка за соочување со прогонство
ОТКАКО им дава упатства на своите апостоли за методите на извршување на проповедничкото дело, Исус ги предупредува на противниците. Тој вели: „Еве, јас ве праќам како овци меѓу волци . . . Чувајте се од луѓето; зашто ќе ве предаваат на месните судови, и ќе ве камшикуваат во нивните синагоги. Да, поради мене ќе ве довлекуваат пред управители и цареви“.
И покрај жестокото прогонство со кое ќе се соочат неговите следбеници, Исус им дал охрабрувачко ветување: „Кога ќе ве предадат, немојте тегобно да се грижите како или што ќе зборувате; зашто во тој час ќе ви се даде што да зборувате; зашто не сте само вие тие кои зборувате, туку духот на вашиот Татко е тој кој зборува преку вас“.
„Понатаму“, продолжува Исус „брат ќе предаде брат на смрт, и татко своето дете, и децата ќе станат против родителите и ќе дадат да бидат убиени.“ Тој додава: „Ќе бидете предмет на омраза кај сите луѓе поради моето име; но кој ќе истрае докрај, тој ќе биде спасен“.
Проповедањето е од примарна важност. Од таа причина Исус ја нагласува потребата од претпазливост за да останат слободни да го извршат делото. „Кога ќе ве прогонуваат во еден град, бегајте во друг“, вели тој, „зашто навистина ви велам, никако нема да ја завршите обиколката на израелските градови додека не дојде Синот човечки.“
Вистина е дека ова упатство, предупредување и охрабрување Исус им го дал на своите 12 апостоли, но тоа се однесува и на оние кои ќе учествуваат во светското проповедање по неговата смрт и воскресение. Ова е видливо од тоа што им рекол на своите ученици дека ќе ги ‚мразат сите луѓе‘, а не само Израелците кај кои апостолите биле испратени да проповедаат. Освен тоа, апостолите очигледно не биле водени пред владетели и цареви кога Исус ги испратил на нивната кратка проповедничка кампања. Исто така, членовите на семејството тогаш не ги предавале верниците на смрт.
Затоа, кога вели дека неговите ученици нема да ја завршат обиколката на проповедање „додека не дојде Синот човечки“, Исус пророчки ни кажува дека неговите ученици нема да ја обиколат целата населена Земја проповедајќи за Божјето воспоставено Царство, пред прославениот цар Исус Христос да дојде како Јеховин погубител во Армагедон.
Продолжувајќи со своите упатства за проповедање, Исус вели: „Ученикот не е над својот учител ниту, пак, робот е над својот господар“. На тој начин, Исусовите следбеници мора да очекуваат дека и со нив ќе се постапува лошо и дека ќе бидат прогонети исто како и тој поради проповедање на Божјето Царство. Сепак, опоменува: „Не плашете се од оние кои го убиваат телото, но не можат да ја убијат душата; туку плашете се повеќе од оној кој може да ги уништи и душата и телото во Геена“.
Исус требало да даде пример во тој поглед. Тој бестрашно ќе претрпи смрт наместо да ја компромитира својата лојалност спрема Оној кој ја поседува сета моќ, Јехова Бог. Да, Јехова е тој кој може да уништи нечија „душа“ (што во овој случај значи идните изгледи како жива душа), а исто така може и да ја воскресне личноста да ужива вечен живот. Колку е Јехова полн со љубов и сочувствителен небесен Татко!
Исус потоа ги охрабрува своите ученици со една илустрација која ја нагласува Јеховината грижа полна со љубов кон нив. „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка од мала вредност?“, прашува тој. „Па сепак ниедно од нив нема да падне на земја, а вашиот Татко да не знае за тоа. А вам сите влакна на главата ви се изброени. Затоа, не плашете се: Вие сте повредни од многу врапчиња.“
Пораката за Царството која Исус им ја доверил на своите ученици да ја објавуваат, ќе ги раздели семејствата, затоа што некои членови од семејството ќе ја прифатат, а други ќе ја отфрлат. „Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата“, објаснува тој. „Не дојдов да донесам мир, туку меч.“ Затоа, потребна е храброст еден член од семејството да ја прифати библиската вистина. „Кој има поголема наклоност кон татко или мајка отколку кон мене, не е достоен за мене“, објаснува Исус, „и кој има поголема наклоност кон син или ќерка отколку кон мене, не е достоен за мене.“
Завршувајќи со своите упатства, Исус објаснува дека оние кои ги примаат неговите ученици, го примаат и него. „И кој ќе му даде на еден од овие мали само чаша студена вода да пие затоа што е ученик, вистина ви велам, никако нема да ја загуби својата награда.“ Матеј 10:16—42.
▪ Какви предупредувања им дава Исус на своите ученици?
▪ Какво охрабрување и утеха им дава?
▪ Зошто Исусовите упатства важат и за денешните христијани?
▪ На кој начин Исусовиот ученик не е над својот учител?