Прашања од читателите
◼ Дали Исус во Матеј 10:21 нѐ опоменал дека многу браќа во собранието ќе се свртат против своите духовни браќа?
Не, тоа не е суштината на Исусовото предупредување кое гласи: ”Понатаму, брат ќе предаде брат на смрт и таткото своето дете, и децата ќе се дигнат против родителите и ќе ги дадат на смрт“ (Матеј 10:21, NW).
Контекстот покажува дека Исус ова им го рекол на 12-те апостоли кога ги испратил на проповедничко патување во Израел. Повеќето од она што им го рекол воглавно се однесувало за апостолите. На пример, тој рекол дека се ополномоштени да прават чудотворни оздравувања, истерувања на демони, па дури и воскреснувања (Матеј 10:1, 8; 11:1). Историјата докажува дека не сите христијани примиле таква чудесна моќ, потврдувајќи дека Исус овде му се обраќа на одредено слушателство — своите апостоли.
Сепак, нешто од она што го кажал Исус се проширило вон проповедничкото патување на апостолите. Тој им рекол: ”Чувајте се од луѓето (...) ќе ве одвлекуваат владари и цареви поради мене, за сведоштво пред нив и народите“ (Матеј 10:17, 18). На тоа патување, дванаесетмината очигледно се соочиле со противење, но не постојат докази дека биле ’влечени пред цареви‘ за да дадат сведоштво пред ”народите“.a Во подоцнежните години апостолите се појавиле пред владетели, на пример пред царевите Ирод Агрипа I и II, пред Сергиј Павле, Галион, дури и пред императорот Нерон (Дела на апостолите 12:1, 2; 13:6, 7; 18:12; 25:8-12, 21; 26:1-3). Значи, Исусовите зборови имале извесна примена подоцна.
Исусовиот совет продолжува со предупредувањето: ”Брат ќе предаде брат на смрт“. Тој не укажувал на духовните браќа, како што не укажувал на духовните татковци или браќа со следните зборови во 21. стих: ”Таткото ќе го предаде своето дете и децата ќе се дигнат против родителите и ќе ги дадат на смрт“ (NW). Исус имал на ум дека апостолите можат да очекуваат непријателство и противење дури и од своите роднини (Матеј 10:35, 36).
На апостолите ќе им треба истрајност на тоа проповедничко патување. Исус продолжил: ”И заради моето име ќе бидете предмет на омраза кај сите луѓе; но, оној кој ќе истрае до крајот ќе биде спасен“ (Матеј 10:22, NW).
Нешто од она што го рекол Исус во таа прилика е важно за нас како Јеховини сведоци денес. Во своето проповедање ние го истакнуваме Царството. Својата служба ја извршуваме бесплатно и ги бараме луѓето кои се заинтересирани за веста или кои се достојни на неа. Будноста е сосема на место. Околу нас се многу противници. Понекогаш роднините, соседите или соработниците на работа ни создаваат големи проблеми, посебно на искрените лица кои почнуваат да го следат патот на вистинското христијанство. Исус го повторил предупредувањето на таквото противење кога го опишувал ”знакот“ на својата присутност (Матеј 24:3, 9, 10; Лука 21:16, 17). Исто така повторно укажал на потребата да ’истраеме до крајот за да бидеме спасени‘. Да, треба да истраеме до крајот на нашиот сегашен живот или додека не заврши овој систем и на тој начин можеме да влеземе во новиот свет (Матеј 24:13, NW).
[Фуснота]
a Други преведувачи го преведуваат овој израз како ”безбожници“ како (The Jerusalem Bible), ”незнабошци“ (Даничиќ-Караџиќ и Шариќ) и ”пагани“ (Стварност).