Поглавје 55
Многу ученици престануваат да го следат Исус
ИСУС поучува во една синагога во Капернаум за својата улога на вистински леб од небото. Неговиот говор очигледно е продолжение на разговорот што го започнал со луѓето кога го пронашле по нивното враќање од источната страна на Галилејското Море, каде што јаделе од лебовите и рибите направени со чудо.
Исус во продолжение вели: „Лебот што ќе го дадам јас е моето тело во корист на животот на светот“. Пред само две години, пролетта 30 н.е., Исус му рекол на Никодим дека Бог толку го љуби светот што го дал и својот Син како Спасител. На тој начин, Исус сега покажува дека секој од светот на човештвото кој симболично јаде од неговото тело, практикувајќи вера во жртвата која наскоро ќе ја принесе, може да добие вечен живот.
Меѓутоа, луѓето се спрепнуваат на Исусовите зборови: „Како може овој човек да ни го даде своето тело да го јадеме?“ се прашуваат тие. Исус сака неговите слушатели да разберат дека јадењето на неговото тело ќе биде на фигуративен начин. За да го нагласи тоа, кажува нешто што заслужува уште поголема осуда ако се сфати буквално.
„Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв“, изјавува Исус, „немате живот во себе. Кој се храни со моето тело и ја пие мојата крв, има вечен живот, и јас ќе го воскреснам во последниот ден; зашто моето тело е вистинска храна, и мојата крв е вистинска напивка. Кој се храни со моето тело и ја пие мојата крв, останува во обединетост со мене и јас во обединетост со него.“
Навистина, Исусовото поучување би звучело многу одвратно кога би укажувал на канибализам. Но, се разбира, Исус не се застапува за буквално јадење на телото или пиење на крвта. Тој едноставно нагласува дека сите оние кои ќе добијат вечен живот мора да практикуваат вера во жртвата што тој ќе ја принесе кога ќе го даде своето совршено човечко тело и ќе ја пролее својата животна крв. Сепак, дури и многу негови ученици не се обидуваат да го разберат неговото поучување, па приговараат: „Овој говор е шокантен; кој може да го слуша?“
Исус знае дека многу негови ученици мрморат, па вели: „Зарем ова ве спрепнува? А што ако го видите Синот човечки како се вознесува каде што беше порано . . . Зборовите што ви ги кажав се дух и живот. Но има некои меѓу вас кои не веруваат“.
Исус продолжува: „Затоа ви реков: Никој не може да дојде кај мене, ако не му е дадено од Таткото“. Поради ова, многу негови ученици си заминуваат и не го следат веќе. Затоа Исус се свртува кон своите дванаесет апостоли и ги прашува: „Да не сакате и вие да си отидете?“
Петар одговара: „Господи, кај кого да отидеме? Ти имаш зборови на вечен живот; и ние поверувавме и спознавме дека ти си Светиот Божји“. Колку прекрасен израз на лојалност, иако Петар и другите апостоли можеби не го разбрале во потполност Исусовото учење во врска со оваа работа.
Иако е задоволен од Петровиот одговор, Исус забележува: „Зарем не ве избрав јас вас дванаесеттемина? Сепак, еден од вас е клеветник“. Тој зборува за Јуда Искариот. Можеби веќе тогаш Исус забележува кај Јуда „почеток“ на погрешна насока.
Исус штотуку ги разочарал луѓето, спротивставувајќи се на нивните обиди да го направат цар, па тие можеби резонираат вака: ‚Како овој може да биде Месијата ако не сака да го заземе законското место на Месијата?‘ И ова прашање сигурно сѐ уште било во мислите на луѓето. Јован 6:51—71; 3:16.
▪ За кого Исус го дава своето тело и како тие ‚го јадат неговото тело‘?
▪ Кои натамошни зборови на Исус ги шокираат луѓето, но сепак, што нагласува тој?
▪ Како одговара Петар кога многумина престануваат да го следат Исус?