Поглавје 57
Сочувство кон измачените
ОТКАКО Исус ги укорува фарисеите поради нивните традиции кои им служат ним, тој заминува заедно со своите ученици. Можеби се сеќаваш дека кратко пред тоа неговиот обид да оди малку да се одмори со нив бил нарушен кога мноштвата народ ги пронашле. Сега со своите ученици заминува кон подрачјата на Тир и Сидон, кои се наоѓаат со километри на север. Изгледа дека ова е единственото патување кое Исус со своите ученици го презема надвор од границите на Израел.
Откако наоѓаат куќа каде ќе престојуваат, Исус дава до знаење дека не сака никој да дознае каде се сместени. Сепак, дури и во ова не-израелско подрачје, не може да остане незабележан. Една Гркинка од Сирија, родена во Феникија, го наоѓа и почнува да го моли: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов. Ќерка ми е тешко демонизирана“. Меѓутоа, Исус не ѝ одговара ниту со еден збор.
Најпосле, учениците му велат на Исус: „Пушти ја; зашто постојано вика по нас“. Исус ги објаснува причините зошто ја игнорира: „Не сум испратен кај никого, освен кај загубените овци на домот Израелов“.
Меѓутоа, жената не се предава. Му приоѓа на Исус, паѓа пред него и моли: „Господи, помогни ми!“
Колку тоа сесрдно молење на жената го трогнува Исусовото срце! Сепак, тој уште еднаш укажува на својата првенствена одговорност, да му служи на Божјиот народ Израел. Истовремено, изгледа за да ја испита нејзината вера, Исус ја наведува еврејската предрасуда спрема другите народности. Тој вели: „Не е исправно да им се земе лебот на децата и да им се фрли на кученцата“.
Со сочувствителниот тон на гласот и со изразот на лицето, Исус сигурно ги открива своите нежни чувства кон не—-Евреите. Тој дури ја ублажува споредбата на не-Евреите со кучиња, така што зборува за нив како за „мали кучиња“, или кученца. Наместо да се навреди, жената се надоврзува на Исусовото осврнување на еврејските предрасуди и понизно забележува: „Да, Господи; но кученцата сепак јадат од трошките што паѓаат од масата на нивните господари“.
„О жено, голема е твојата вера“, одговара Исус. „Нека ти биде како што сакаш.“ Така и се случува! Кога се враќа дома, ја наоѓа својата ќерка на креветот, потполно оздравена.
Од крајбрежното подрачје на Сидон, Исус и неговите ученици се упатуваат низ земјата кон изворот на реката Јордан. Изгледа дека го прегазуваат Јордан некаде над Галилејското море и влегуваат во подрачјето на Декапол, источно од морето. Таму се искачуваат на една планина, но мноштвата ги наоѓаат и на Исус му ги носат своите куци, сакати, слепи и неми, како и многу други кои на друг начин се болни и деформирани. Речиси ги фрлаат пред Исусовите нозе, и тој ги лекува. Луѓето се зачудени кога ги гледаат немите како зборуваат, куците како одат, и слепите како гледаат, и го фалат Богот на Израел.
Исус му посветува посебно внимание на еден човек кој е глув и одвај може да зборува. Глувите често можат многу лесно да се засрамат, особено во мноштво. Исус можеби забележува дека овој човек е особено нервозен. Затоа сочувствително го тргнува насамо, настрана од мноштвото. Кога остануваат сами, Исус му покажува што ќе стори за него. Ги става прстите во ушите на човекот, и откако плукнува, му го допира јазикот. Потоа, погледнувајќи кон небото, Исус длабоко воздивнува и вели: „Отвори се“. Со тоа се обновува способноста на човекот да слуша и нормално да зборува.
Откако Исус ги извршува овие многубројни лекувања, народот реагира со ценење. Тие велат: „Сѐ направи добро. Дури прави глувите да слушаат и немите да зборуваат“. Матеј 15:21—31; Марко 7:24—37.
▪ Зошто Исус веднаш не го излекувал детето на Гркинката?
▪ Каде Исус ги води своите ученици потоа?
▪ Како Исус сочувствително се однесува кон глувиот човек кој одвај може да зборува?