Поглавје 71
Намерното неверување на фарисеите
РОДИТЕЛИТЕ на некогаш слепиот питач се плашат кога се повикани пред фарисеите. Знаат дека е одлучено секој кој ќе изрази вера во Исус Христос да биде истеран од синагогата. Таквото отсечување од друштвото во средината може да предизвика огромни тешкотии, особено за едно сиромашно семејство. Затоа родителите се претпазливи.
„Дали ова е вашиот син за кого вие велите дека се родил слеп?“ — прашуваат фарисеите. „Тогаш, како тоа сега гледа?“
„Знаеме дека ова е нашиот син и дека се роди слеп“, потврдуваат родителите. „Но како сега гледа, не знаеме, ниту кој му ги отвори очите, не знаеме.“ Сигурно синот им раскажал сѐ што се случило, но родителите разборито велат: „Прашајте го него. Тој е полнолетен. Нека зборува за себе“.
Затоа, фарисеите повторно го повикуваат човекот. Овојпат се обидуваат да го заплашат укажувајќи дека собрале обвинувачки докази против Исус. „Дај му слава на Бог“, бараат тие. „Знаеме дека тој човек е грешник.“
Некогаш слепиот човек не го негира нивното обвинение и забележува: „Дали е грешник, не знам“. Но, додава: „Едно знам, дека, иако бев слеп, сега гледам“.
Обидувајќи се да пронајдат грешка во неговото сведоштво, фарисеите уште еднаш го прашуваат: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“
„Веќе ви реков“, се жали човекот, „но вие не слушавте. Зошто сакате пак да го чуете?“ Тој саркастично прашува: „Зарем сакате и вие да станете негови ученици?“
Овој одговор ги разбеснува фарисеите. „Ти си ученик на тој човек“, го обвинуваат, „а ние сме ученици на Мојсеј. Ние знаеме дека Бог му говорел на Мојсеј; а за овој човек не знаеме од каде е.“
Изразувајќи изненадување, понизниот питач одговара: „Ова навистина е чудо што вие не знаете од каде е, а тој сепак мене ми ги отвори очите“. Што треба да се заклучи од ова? Питачот укажува на прифатената претпоставка: „Знаеме дека Бог не ги слуша грешниците, но ако некој е богобојазлив и ја врши неговата волја, него го слуша. Од памтивек никогаш не се чуло некој да му ги отворил очите на човек кој е слеп од раѓање“. Затоа, заклучокот треба да биде очигледен: „Да не беше овој човек од Бог, ништо не ќе можеше да направи“.
Фарисеите немаат одговор за таквата директна и јасна логика. Тие не можат да се соочат со вистината и затоа го навредуваат човекот: „Сиот си во гревови роден, и ти ли нас ќе нѐ учиш?“ Со тоа, го отфрлаат човекот, очигледно истерувајќи го од синагогата.
Кога Исус дознава што направиле, го наоѓа човекот и му вели: „Веруваш ли ти во Синот човечки?“
Како одговор, некогаш слепиот човек прашува: „А кој е тој, господине, за да поверувам во него?“
„Оној кој зборува со тебе, тој е тој“, одговара Исус.
Човекот веднаш се поклонува пред Исус и му вели: „Верувам во него, Господи!“
Исус потоа објаснува: „Поради овој суд јас дојдов во овој свет: за да гледаат оние кои не гледаат, а оние кои гледаат да ослепат“.
На тоа, фарисеите кои слушаат, прашуваат: „Зарем сме и ние слепи?“ Ако признаат дека се умствено слепи, тогаш ќе има изговор за нивното противење на Исус. Како што Исус им вели: „Да бевте слепи, немаше да имате грев“. Меѓутоа, тие бесчувствително инсистираат дека не се слепи и дека немаат потреба од духовно просветлување. Затоа, Исус забележува: „Но сега велите: ‚Гледаме‘. Вашиот грев останува“. Јован 9:19—41.
▪ Зошто родителите на човекот кој некогаш бил слеп се уплашени кога се повикани пред фарисеите, и затоа како претпазливо одговараат?
▪ Како фарисеите се обидуваат да го заплашат некогаш слепиот човек?
▪ Кој логичен аргумент на тој човек ги разбеснува фарисеите?
▪ Зошто фарисеите немаат изговор за своето противење на Исус?