Поглавје 77
Прашање за наследството
НАРОДОТ очигледно знае дека Исус ручал во куќата на фарисејот. Затоа илјадници луѓе се собираат надвор и го чекаат Исус да излезе. За разлика од фарисеите кои му се противат на Исус и кои се обидуваат да го фатат да каже нешто погрешно, народот желно го слуша со ценење.
Обраќајќи им се најпрвин на своите ученици, Исус вели: „Чувајте се од фарисејскиот квасец, кој е лицемерство“. Како што се покажува за време на оброкот, целиот религиозен систем на фарисеите е исполнет со лицемерство. Но, иако злобата на фарисеите може да се прикрие со расфрлање со побожност, таа наскоро ќе биде разоткриена. „Нема ништо внимателно скриено“, вели Исус, „што нема да биде откриено, ниту тајно што нема да стане познато.“
Исус продолжува со тоа што го повторува охрабрувањето што им го дал на дванаесеттемина кога ги испратил на проповедничко патување по Галилеја. Тој вели: „Не плашете се од оние кои го убиваат телото, и после не можат ништо повеќе да сторат“. Бидејќи Бог не заборава ниту едно единствено врапче, Исус ги уверува своите следбеници дека Бог нема ни нив да ги заборави. Тој изјавува: „Кога ќе ве изведат пред јавни собири и владини службеници и власти . . . светиот дух ќе ве поучи во истиот тој час што треба да кажете“.
Еден човек од мноштвото проговорува. „Учителе“, моли тој, „кажи му на брат ми да го подели наследството со мене.“ Мојсеевиот закон пропишува првородениот син да прими два дела од наследството, и затоа не би требало да има причина за расправија. Но, човекот очигледно сака повеќе отколку својот законски дел од наследството.
Исус исправно одбива да се меша. „Човеку, кој ме поставил мене за судија или за делител над вас?“ — прашува тој. Потоа на мноштвото му ја дава оваа важна опомена: „Држете ги очите отворени и чувајте се од секаков вид лакомост бидејќи, дури и кога некој има изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“. Да, без оглед на тоа колку човек може да стекне, ќе умре како и сите други и ќе остави сѐ. За да го истакне тој факт, а и да ја покаже лудоста од пропуштањето да се стекне добар глас кај Бог, Исус користи една илустрација. Тој објаснува:
„Земјата на еден богат човек роди добро. Затоа тој почна да си резонира во себе, велејќи: ‚Што да правам, кога немам каде да ја соберам својата летнина?‘ Па рече: ‚Еве што ќе направам: Ќе ги урнам своите амбари и ќе изградам поголеми, и во нив ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра; и ќе ѝ речам на својата душа: „Душо, имаш многу добра во резерва за многу години; почивај, јади, пиј, уживај“‘. Но Бог му рече: ‚Безумнику, оваа ноќ ќе ја побараат твојата душа од тебе. Кој тогаш ќе ги има добрата што си ги собрал?‘“
Во заклучокот, Исус забележува: „Така бидува со оној човек кој си собира благо, а не е богат пред Бога“. Иако учениците можеби нема да бидат фатени во стапицата на лудоста да натрупуваат богатство, поради секојдневните животни грижи тие лесно би можеле да бидат одвратени од службата на Јехова со сета душа. Затоа Исус ја користи приликата да го повтори добриот совет што го дал околу една и пол година пред тоа во Проповедта на гората. Обраќајќи им се на своите ученици, тој вели:
„Затоа ви велам: Престанете тегобно да се грижите за својата душа, што ќе јадете, или за своето тело, што ќе облечете . . . Добро погледнете како гавраните ниту сеат ниту жнеат, и немаат ниту амбар ниту склад, а Бог сепак ги храни . . . Добро погледнете ги криновите како растат; ниту се мачат ниту предат; но ви велам: Дури ни Соломон во сета своја слава не беше дотеран како еден од нив . . .
Затоа престанете да барате што ќе јадете и што ќе пиете, и престанете да бидете во тегобна напнатост; зашто сето ова се работи по кои нациите од светот желно тежнеат, но вашиот Татко знае дека ви е потребно тоа. Туку постојано барајте го неговото царство, и сите овие работи ќе ви се додадат“.
Исусовите зборови заслужуваат сериозно внимание, особено во време на економски тешкотии. Лицето кое ќе стане претерано, тегобно загрижено за своите материјални потреби и кое ќе почне да попушта во духовните активности всушност покажува недостаток на вера во Божјата способност да се грижи за своите слуги. Лука 12:1—31; Второзаконие 21:17.
▪ Од која причина можеби човекот прашува за наследството, и каква опомена дава Исус?
▪ Каква илустрација користи Исус, и која е нејзината поента?
▪ Кој совет го повторува Исус, и зошто тој совет е на место?