Поглавје 81
Натамошни обиди за убивање на Исус
БИДЕЈЌИ е зима, Исус чекори по покриениот дел познат како Соломонова колонада. Таа се наоѓа покрај храмот. Овде некои Евреи го опколуваат и му велат: „До кога ќе ги држиш нашите души во неизвесност? Ако си ти Христос, кажи ни отворено“.
„Ви кажав“, одговара Исус, „но вие не верувате.“ Исус не им кажал директно дека е Христос, како што ѝ кажал на Самарјанката крај бунарот. Сепак, тој всушност го открил својот идентитет кога им објаснил дека е од горните области и дека постоел пред Авраам.
Меѓутоа, Исус сака луѓето сами да дојдат до заклучок дека тој е Христос споредувајќи ги неговите активности со она што Библијата го претскажала дека ќе го прави Христос. Затоа претходно на своите ученици им заповедал никому да не му кажуваат дека тој е Христос. И затоа сега на овие непријателски настроени Евреи во продолжение им вели: „Делата што ги вршам јас во името на мојот Татко, тие сведочат за мене. Но вие не верувате“.
Зошто не веруваат? Дали поради недостаток на докази дека Исус е Христос? Не, туку од причината која ја наведува Исус кога им вели: „Не сте од моите овци. Моите овци го слушаат мојот глас, и јас ги знам, и тие ме следат. И јас им давам вечен живот, и тие нема воопшто никогаш да бидат уништени, и никој нема да ги грабне од мојата рака. Она што мојот Татко ми го даде е поголемо од сѐ друго, и никој не може да ги грабне од Татковата рака“.
Исус потоа го опишува блискиот однос што го има со својот Татко, објаснувајќи: „Јас и Таткото сме едно“. Бидејќи Исус е на Земјата, а неговиот Татко на небесата, јасно, тој не вели дека тој и неговиот Татко се едно во буквална, или физичка смисла. Напротив, тој мисли дека тие се едно во намерата, дека се во единство.
Разлутени од Исусовите зборови, Евреите собираат камења за да го убијат, како што се обиделе и претходно на празникот Сеници. Храбро соочувајќи се со своите потенцијални убијци, Исус вели: „Ви покажав многу добри дела од Таткото. За кое од тие дела ме каменувате?“
„Не те каменуваме поради добро дело“, одговараат, „туку поради хула, затоа што ти, иако си човек, се правиш бог.“ Зошто Евреите го велат тоа кога Исус никогаш не тврдел дека е бог?
Очигледно поради тоа што Исус си припишува моќ за која тие веруваат дека му припаѓа исклучително на Бог. На пример, за „овците“ рекол: „Им давам вечен живот“, нешто што ниеден човек не може да го направи. Меѓутоа, Евреите го превидуваат фактот дека Исус признава дека добил авторитет од својот Татко.
Исус тврди дека е помал од Бог со прашањето што им го поставува потоа: „Зарем не е напишано во вашиот Закон [во Псалм 82:6]: ‚Јас реков: Богови сте?‘ Ако ги нарече ‚богови‘ оние против кои дошла Божјата реч . . . зарем вие ми велите мене, кого Таткото го освети и го испрати во светот: ‚Хулиш‘, поради тоа што реков: јас сум Божји Син?“
Бидејќи Писмото ги нарекува дури и неправедните човечки судии „богови“, каква грешка можат да најдат овие Евреи кај Исус заради тоа што кажал: „Јас сум Божји Син“? Исус додава: „Ако не ги вршам делата на мојот Татко, не верувајте ми. Но ако ги вршам, иако не ми верувате, верувајте им на делата за да спознаете и понатаму да спознавате дека Таткото е во обединетост со мене и јас во обединетост со Таткото“.
Кога Исус го кажува ова, Евреите се обидуваат да го фатат. Но тој побегнува, како што сторил и порано на празникот Сеници. Го напушта Ерусалим и патува преку реката Јордан кон местото каде што Јован почнал да крштава пред скоро четири години. Ова место очигледно е недалеку од јужниот брег на Галилејското Море, на околу два дена патување од Ерусалим.
Многу луѓе доаѓаат кај Исус на ова место и велат: „Јован, додуша, не изврши ниеден знак, но сѐ што рече Јован за овој човек, беше вистина“. Така овде мнозина поверувале во Исус. Јован 10:22—42; 4:26; 8:23, 58; Матеј 16:20.
▪ На кој начин Исус сака луѓето да го препознаат како Христос?
▪ Како Исус и неговиот Татко се едно?
▪ Зошто, очигледно, Евреите велат дека Исус се прави себеси бог?
▪ Како Исусовото цитирање од Псалмите покажува дека тој не тврди дека е еднаков на Бог?