Ќе постои ли некогаш свет без војни?
1, 2. Кои прашања се поставуваат во поглед на иднината на светот?
УШТЕ од самото формирање како нова држава во 1948, Израел беше во состојба на готовност да се брани од своите соседи. Како резултат на ваквиот жесток судир и спор кој сѐ уште трае, на обете страни останаа траги од ожалостени и расплакани мајки, сопруги, деца и други. А сепак, природна желба на човекот, барем што се однесува до семејниот живот, е да може да живее мирно.
2 Меѓутоа, војната и судирите не се проблеми со кои се соочува само Блискиот Исток. Се чини дека низ целиот свет постојат експлозивни ситуации слични на буриња со барут кои само што не се запалиле. Тогаш, на место е да се прашаме: „Дали некогаш ќе се постигне мир, но не само мир на Блискиот Исток, туку светски мир? И ако да, на кој начин? Дали тоа би се случило преку човековата политичка, религиозна и етничка добра волја? Изгледа ли тоа можно? Или, пак, ќе интервенира Бог, Сопственикот и Творецот на Земјата?“
3-5. а) Какво ветување е дадено во Библијата? б) Кои прашања бараат понатамошно истражување?
3 Хебрејските списи ни даваат охрабрувачки пророштва за времето кога нациите „ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“ (Исаија 2:4).
4 За овој мир што ќе го опфаќа целиот свет не зборувал само пророкот Исаија (Псалми 45:8-10). Една од главните теми во Библијата е времето на потполн мир и хармонија меѓу луѓето. Како што забележал Аба Ебан, израелски државник и писател, Хебрејските списи им давале на старите Израелци единствена перспектива и надеж за иднината, според која и „самиот Израел гледа во пресрет на златен век во иднината“. Да, на дофат е прекрасна иднина за целото човештво, крај на војните и далеку повеќе. Исаија исто така прорекол една рајска состојба по целата Земја, крај на сиромаштвото, болестите, па дури и на смртта (Исаија 11:9; 25:8; 33:24; 35:5, 6; 65:21).
5 Некои би можеле да приговорат: Тие пророштва биле пишувани пред илјади години, а сепак сѐ уште има војни. Како може Библијата да се смета за веродостоен извор на надеж? Постои ли цврст доказ дека Библијата навистина е Божја Реч?