Вистината во врска со душата е важна
„Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (ЈОВАН 8:32).
1. Зошто е важно да ги испитаме своите верувања во врска со душата и смртта?
ВЕРУВАЊАТА во врска со смртта и задгробниот живот главно се резултат на религиозното и културното потекло на поединецот. Како што видовме, тие рангираат од уверувањето дека душата ја остварува својата конечна цел дури после бројни повторни раѓања, па до идејата дека само еден животен век ја одредува конечната судбина на лицето. Како последица на тоа, едно лице може да се чувствува уверено дека најпосле се соединува со конечната реалност после умирањето, друго — дека постигнува нирвана, а трето, пак, дека жнее небесна награда. Тогаш, која е вистината? Поради тоа што нашите верувања влијаат врз нашите ставови, постапки и одлуки, зарем не треба да бидеме загрижени да го најдеме одговорот на ова прашање?
2, 3. а) Зошто можеме да положиме доверба во она што го вели Библијата во врска со душата? б) Како што е наведено во Библијата, која е вистината во врска со душата?
2 Најстарата книга на светот, Библијата, ја следи историјата на човекот наназад сѐ до создавањето на првата човечка душа. Нејзините учења се слободни од човечки филозофии и традиции. Библијата јасно ја наведува вистината во врска со душата: Твојата душа си ти, мртвите се потполно во непостоење, а оние кои се во Божјето сеќавање, ќе воскреснат во Негово време. Што може да значи за тебе сознанието за ова?
3 „Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ — им рекол Исус Христос на своите следбеници (Јован 8:32). Да, вистината ослободува. Но, од што ќе нѐ ослободи вистината во врска со душата?
Слобода од страв и очај
4, 5. а) Кој страв го истерува вистината во врска со душата? б) На кој начин надежта во воскресение ѝ дала храброст на една неизлечиво болна тинејџерка?
4 „Повеќето луѓе се плашат од смртта и се обидуваат да избегнат да размислуваат за неа“ — вели The World Book Encyclopedia. „На Запад, самиот збор ‚смрт‘ станал таков што скоро не се ни спомнува“ — забележува еден историчар. А во некои култури, општо земено, се употребуваат такви еуфемизми како „преминал“ и „починал“ за да се опише умирачката на едно лице. Овој страв од смртта всушност е страв од непознатото, бидејќи за повеќето луѓе смртта е мистерија. Спознанието за вистината околу тоа што се случува кога ќе умреме, го ублажува овој страв.
5 Разгледај ја, на пример, умствената состојба на 15-годишната Мајклин. Таа имала леукемија и се соочувала со трагична смрт. Мајка ѝ, Пола, се сеќава: „Мајклин рече дека не ѝ смета тоа што ќе умре, бидејќи знае оти смртта е само привремена. Зборувавме многу за Божјиот нов свет и за сите оние кои ќе бидат воскреснати во него. Мајклин имаше огромна вера во Јехова Бог и во воскресението — без трошка сомневање“. Надежта во воскресение го ослободила ова храбро девојче од огромниот страв од смртта.
6, 7. Од каков очај нѐ ослободува вистината за душата? Илустрирај.
6 Како влијаела вистината врз родителите на Мајклин? „Смртта на нашата ќеркичка беше најболното нешто што некогаш ни се случило“ — вели Џеф, нејзиниот татко. „Но, ние имаме безрезервна доверба во Јеховиното ветување за воскресението, и радосно исчекуваме еден ден повторно да ја држиме нашата драга Мајклин во своите раце. Каква само повторна средба ќе биде тоа!“
7 Да, вистината во врска со душата го ослободува човека од безнадежниот очај што може да го донесе смртта на некое љубено лице. Се разбира, ништо не може потполно да ја отстрани болката и тагата што се доживуваат кога ќе умре некој љубен. Меѓутоа, надежта во воскресение го ублажува тагувањето и ја прави болката далеку поподнослива.
8, 9. Од каков страв нѐ ослободува вистината за состојбата на мртвите?
8 Библиската вистина во врска со состојбата на мртвите нѐ ослободува и од стравот од мртвите. Откако ја научиле оваа вистина, мнозина кои некогаш биле оковани во празноверни ритуали во врска со мртвите, повеќе не се загрижени околу некакви проклетства, кобни предзнаци, амајлии и фетиши ниту, пак, принесуваат скапи жртви за да ги смират своите предци и да ги спречат да се вратат за да ги прогонуваат живите. Всушност, поради тоа што мртвите „ништо не знаат“, таквите практики немаат ефект (Проповедник 9:5).
9 Вистината за душата, која се наоѓа во Библијата, навистина ослободува и е веродостојна. Но, разгледај и еден единствен изглед што ти го нуди Библијата.
[Истакната мисла на страница 29]
Вистината за душата те ослободува од стравот од смртта, од стравот од мртвите, од очајот поради смртта на некое љубено лице