Деветнаесетто поглавје
Лицемерството е разоткриено!
1. Како гледаат Исус и Јехова на лицемерството, и каков облик добива тоа во деновите на Исаија?
„ОДНАДВОР навистина им изгледате праведни на луѓето,“ им рекол Исус на верските водачи од своето време, „а внатре сте полни со лицемерство и беззаконие“ (Матеј 23:28). Исусовата осуда на лицемерството го одразува гледиштето на неговиот небесен Татко. Поглавје 58 од пророштвото на Исаија конкретно го сосредоточува вниманието на лицемерството што зема замав во Јуда. Борбите, угнетувањето и насилството се секојдневие, а држењето на Сабатот е сведено на безначаен ритуал. Народот само симболично му служи на Јехова и нападно покажува побожност преку неискрено постење. Не е чудо што Јехова разоткрива каков народ всушност е тоа!
,Објави му ги на Мојот народ неговите гревови‘
2. Каков дух покажува Исаија додека ја објавува Јеховината порака, и кој е денес како него?
2 Иако на Јехова му е одвратно однесувањето на Јуда, Неговите зборови вклучуваат срдечен повик до нацијата да се покае. Сепак, Јехова не сака неговото карање да биде нејасно. Затоа му заповеда на Исаија: „Викај од сето грло, не воздржувај се! Издигни го својот глас како рог. Објави му ги на Мојот народ неговите злостори, на Јакововиот дом неговите гревови“ (Исаија 58:1). Со храброто објавување на Јеховините зборови Исаија би можел да си навлече непријателство од страна на народот, но не се повлекува. Сѐ уште го има истиот дух на оддаденост што го покажал кога рекол: „Еве ме, испрати ме мене!“ (Исаија 6:8). Колку добар пример за истрајност е Исаија за денешните Сведоци на Јехова, кои исто така имаат налог да ја проповедаат Божјата реч и да го разоткриваат религиозното лицемерство! (Псалм 118:6; 2. Тимотеј 4:1—5).
3, 4. а) Каков лажен впечаток остава народот од деновите на Исаија? б) Каква е вистинската ситуација во Јуда?
3 Народот во деновите на Исаија навидум го бара Јехова и изразува задоволство од неговите праведни судови. Ги читаме Јеховините зборови: „Ден по ден, тие Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта [од спознанието на моите патишта изразуваат задоволство, NW], како народ кој ја извршува правдата и не го заборава правото на својот Бог. Од Мене бараат праведни судови и копнеат за да им се приближи Бог“ (Исаија 58:2). Дали е искрено ова изразено задоволство? Не. Тие се „како народ кој ја извршува правдата“, но така изгледа само однадвор. Всушност, оваа нација ‚го заборавила правото на својот Бог‘.
4 Ситуацијата е многу слична со онаа што подоцна му е откриена на пророкот Езекиел. Јехова му рекол на Езекиел дека Евреите си велеле еден на друг: „Ајде да чуеме какво слово дошло од Господа!“ Но Бог го предупредил Езекиел на нивната неискреност: „Брзаат кон тебе . . . и Мојот народ седнува пред тебе и ги слуша твоите зборови, но не ги извршува: се насладува со нив во устата, а нивното срце им оди по неправедна печалба. И ете, ти си за нив како слатка песна отпеана со пријатен глас, со музика: ти ги слушаат зборовите, но не ги извршуваат“ (Езекиел 33:30—32). Современиците на Исаија исто така тврдат дека постојано го бараат Јехова, но не се послушни на неговите зборови.
Лицемерно постење
5. Како се обидуваат Евреите да добијат божествена наклоност, и како реагира на тоа Јехова?
5 Во обид да добијат божествена наклоност, Евреите формално постат, но нивната одглумена побожност само ги отуѓува од Јехова. Очигледно збунети, тие прашуваат: „Зошто постиме ако Ти не гледаш, зошто се смируваме ако Ти не знаеш?“ Јехова отворено одговара со зборовите: „Ете, во денот кога постите наоѓате работа [задоволство, NW] и на работа ги терате своите работници. Ете, вие постите за да се препирате и за да се карате и за да ги биете бедните со тупаницата. Не постете веќе како денес, и ќе ви се чуе гласот во висината! Зар Мене Ми е по волја таков пост во денот кога човекот се измачува? Да се наведнува главата кон земјата како трска, да се постила под себе вреќиште и пепел, сакаш ли тоа да го наречеш пост и ден угоден на Господа?“ (Исаија 58:3—5).
6. Кои постапки издаваат дека Евреите постат лицемерно?
6 Додека пости, глумејќи праведност, па дури и барајќи праведен суд од Јехова, народот се стреми кон себични задоволства и деловни интереси. Тој се впушта во борби, угнетување и насилство. Во обид да замачкаат очи, луѓето нападно оплакуваат — наведнувајќи ги главите како рогоз и седејќи во вреќиште и пепел — како привидно покајание за своите гревови. Што вреди сето ова ако продолжуваат да се бунтуваат? Тие не покажуваат никакво божествено жалење и покајание, кое треба да биде поврзано со искрените постови. Нивното тажење — иако бучно — не се слуша на небото.
7. Како постапувале лицемерно Евреите од времето на Исус, и како многумина денес го прават истото?
7 Евреите од деновите на Исус правеле исто шоу од церемонијалното постење, понекогаш дури и двапати неделно! (Матеј 6:16—18; Лука 18:11, 12). Исто така, многу верски водачи ја имитирале генерацијата на Исаија со тоа што биле груби и доминантни. Затоа, Исус храбро ги разоткрил тие религиозни лицемери, велејќи им дека нивниот облик на обожавање е залуден (Матеј 15:7—9). И денес, милиони луѓе „јавно изјавуваат дека го познаваат Бог, но се одрекуваат од него со своите дела, затоа што се одвратни и непослушни и неодобрени за какво и да е добро дело“ (Тит 1:16). Таквите можеби се надеваат на Божја милост, но нивното однесување ја издава нивната неискреност. За разлика од нив, Јеховините сведоци покажуваат вистинска божествена оддаденост и братска љубов (Јован 13:35).
Што вклучува вистинското каење
8, 9. Какви позитивни постапки треба да го придружуваат искреното каење?
8 Јехова сака неговиот народ да прави повеќе отколку само да пости за своите гревови; сака тој да се покае. Тогаш ќе ја добие неговата наклоност (Езекиел 18:23, 32). Тој објаснува дека постењето, за да биде смисловно, мора да биде придружено со исправање на минатите гревови. Разгледај ги Јеховините изјави со кои се испитува срцето: „Ова е пост што Ми е по волјата: да ги кинеш неправедните окови, да ги разврзеш врските на јаремот, да ги пуштиш на слобода угнетуваните, да ги скршиш сите окови“ (Исаија 58:6).
9 Оковите и јаремите се погодни симболи на тешко ропство. Затоа, наместо да пости и истовремено да ги угнетува соверниците, народот мора да ја послуша заповедта: „Љуби го својот ближен како себеси“ (Левит 19:18). Треба да ги ослободи сите што ги угнетува и неправедно ги поробил.a Упадливи религиозни постапки, како што е постењето, не се замена за вистинската божествена оддаденост и за делата што покажуваат братска љубов. Еден современик на Исаија, пророкот Михеј, пишува: „Што бара Господ од тебе: да се прави само правда, да се љуби милосрдието и да се оди смирено со својот Бог“ (Михеј 6:8).
10, 11. а) Што би било за Евреите подобро од постењето? б) Како можат христијаните денес да го применат Јеховиниот совет упатен до Евреите?
10 Правдата, љубезноста и скромноста налагаат да им се прави добро на другите, што е суштина на Јеховиниот закон (Матеј 7:12). Далеку подобро од постењето би било да се дели материјалното изобилство со оние што се сиромашни. Јехова вели: „[Ова е пост што ми е по волјата:] да го поделиш својот леб со гладните, да ги воведеш под својот покрив бескуќниците, да го облечеш оној што ќе го видиш гол, и да не се криеш од оној, кој е од твојата крв“ (Исаија 58:7). Да, наместо да прават шоу од постењето, оние што имаат материјални средства за да го сторат тоа, треба да им даваат храна, облека или сместување на сиромашните сожители во Јуда — кои се од нивна крв.
11 Овие прекрасни начела на братска љубов и сожалување што ги изразил Јехова не се однесуваат само на Евреите од времето на Исаија. Тие, исто така, ги водат и христијаните. Затоа, апостол Павле напишал: „Тогаш, навистина, сѐ додека имаме погодно време за тоа, да им правиме добро на сите, а особено на оние кои ни се сродни по верата“ (Галатите 6:10). Христијанското собрание мора да биде засолниште на љубов и братска наклоност, особено со оглед на сѐ покритичните времиња во кои живееме (2. Тимотеј 3:1; Јаков 1:27).
Послушноста донесува богати благослови
12. Што ќе направи Јехова ако неговиот народ е послушен?
12 Само кога Јеховиниот народ би го имал увидот што би му помогнал да внимава на Неговото карање полно со љубов! Јехова вели: „Тогаш ќе светне како зората твојата светлина и твоето здравје ќе процвета бргу. Твојата правда ќе оди пред тебе, а Господовата слава ќе ти биде заштитница. Ако викнеш, Господ ќе ти одговори, кога ќе извикаш, ќе рече: ‚Еве ме!‘“ (Исаија 58:8, 9а). Какви топли, молбени зборови! Јехова ги благословува и ги штити оние што наоѓаат задоволство во срдечната љубезност и во праведноста. Ако Јеховиниот народ се покае за својата грубост и лицемерство и ако му е послушен Нему, работите ќе станат многу посветли за него. Јехова ќе дарува „здравје“, нацијата духовно и физички ќе оздрави. Исто така ќе ги штити нив, како што ги штител нивните прататковци кога го напуштале Египет. И тој веднаш ќе одговори на нивните повици за помош (Излез 14:19, 20, 31).
13. Какви благослови ги очекуваат Евреите ако се одѕвијат на Јеховиниот поттик?
13 Сега Јехова кон поранешниот поттик го додава следново: „Ако ги отстраниш од својата средина јаремот [на тешко, неправедно ропство], испружениот прст [можеби од презир или за лажно обвинување] и безбожната беседа, ако му дадеш леб на гладниот, ако го наситиш угнетуваниот, твојата светлина ќе засвети во темнината, и твојата темнина ќе стане како пладне“ (Исаија 58:9б, 10). Себичноста и грубоста се самопоразителни и го повлекуваат Јеховиниот гнев. Меѓутоа, љубезноста и великодушноста, особено кога се покажани кон гладните и измачените, донесуваат богат Божји благослов. Само кога Евреите би ги зеле при срце овие вистини! Тогаш, поради духовната светлина што ја зрачат и поради благосостојбата, тие ќе светат како пладневно сонце, растерувајќи ја секоја темнина. Пред сѐ, ќе му донесуваат чест и фалба на Јехова, Изворот на нивната слава и благослови (1. Цареви 8:41—43).
Една нација се враќа
14. а) Како реагираат современиците на Исаија на неговите зборови? б) Што нуди Јехова и понатаму?
14 За жал, нацијата го игнорира Јеховиниот повик и уште подлабоко загазува во злоба. На крајот, не му остава на Јехова друг избор освен да ја прати во изгнанство, токму како што ја предупредил (Второзаконие 28:15, 36, 37, 64, 65). Сепак, следните зборови на Јехова упатени преку Исаија и понатаму нудат надеж. Бог претскажува дека еден остаток, кој ќе добие дисциплина и ќе се покае, радосно ќе се врати во земјата Јуда, и покрај тоа што таа лежи опустошена.
15. Која радосна обнова ја претскажува Јехова?
15 Укажувајќи на обновата на својот народ во 537 пр.н.е., Јехова, преку Исаија, вели: „Господ ќе те води непрекратно, ќе те сити во сушни краишта. Тој ќе ги закрепнува твоите коски, и ќе бидеш како напоена градина, како кладенец, чија вода никогаш не пресушува“ (Исаија 58:11). Јехова ќе ја врати сушната татковина на Израел во состојба на изобилна плодност. Што е уште почудесно, ќе го благослови својот народ што се кае, закрепнувајќи му ги ‚коските‘ од духовно безживотна состојба до состојба на потполна виталност (Езекиел 37:1—14). Самиот народ ќе стане како „напоена градина“ полна со духовни плодови.
16. Како ќе биде обновена земјата?
16 Обновата ќе вклучува повторна изградба на градовите уништени од вавилонските напаѓачи во 607 пр.н.е. „Ти ќе градиш врз старите урнатини, ќе ги подигнеш основите на идните [постојаните, NW] поколенија. Ќе те викаат поправач на урнатините [пукнатината, NW] и обновител на патиштата до населбите“ (Исаија 58:12). Сличните изрази, „старите урнатини“ и ‚основите на постојаните поколенија‘ (или, основите што со генерации лежат во урнатини), покажуваат дека репатрираниот остаток повторно ќе ги изгради разурнатите градови во Јуда, особено Ерусалим (Неемија 2:5; 12:27; Исаија 44:28). Тој ќе ја поправи „пукнатината“ — термин што се однесува на сите пукнатини во ѕидовите на Ерусалим а, без сомнение, и на другите градови (Еремија 31:38—40; Амос 9:14).
Благослови што произлегуваат од верното држење на Сабатот
17. Како Јехова го повикува својот народ да биде послушен на сабатните закони?
17 Сабатот бил израз на Божјата длабока грижа за физичкото и духовното добро на неговиот сопствен народ. Исус рекол: „Сабатот настана поради човекот“ (Марко 2:27). Овој ден посветен од Јехова им давал на Израелците посебна прилика да ја покажат својата љубов кон Бог. За жал, до времето на Исаија тој бил сведен на ден на држење празни ритуали и на препуштање на себични желби. Затоа, уште еднаш, Јехова има причина да ги укори припадниците на својот народ. И одново, се обидува да ги достигне нивните срца. Тој вели: „Ако заради сабатот ја одвратиш ногата за да не го правиш на мојот свет ден она што ти е тебе задоволство, и всушност го наречеш сабатот исклучително задоволство, свет ден на Јехова, славен ден, и всушност го прославуваш наместо да си ги вршиш своите работи, наместо да го правиш она што ти е тебе задоволство и да зборуваш зборови; во тој случај ќе најдеш исклучително задоволство во Јехова, и јас ќе направам ти да јаваш на високите места на земјата; и ќе предизвикам да јадеш од наследниот имот на Јаков, твојот прататко, зашто устата на Јехова лично го кажа тоа“ (Исаија 58:13, 14, NW).
18. Што ќе произлезе од пропустот на Јуда да го почитува Сабатот?
18 Сабатот е ден за длабоко духовно размислување, за молитва и за семејно обожавање. Тој треба да им помогне на Евреите да размислуваат за Јеховините чудесни дела во нивна корист и за правдата и љубовта, кои се манифестирани во неговиот Закон. Со тоа, верното држење на овој свет ден треба да им помогне на тие луѓе повеќе да му се приближат на својот Бог. Наместо тоа, тие го изопачуваат Сабатот и затоа се во опасност да бидат отсечени од Јеховиниот благослов (Левит 26:34; 2. Летописи 36:21).
19. Какви богати благослови го чекаат Божјиот народ ако почне пак да го држи Сабатот?
19 Сепак, ако Евреите научат нешто од дисциплината и почнат да го почитуваат сабатното уредување, ги очекуваат богати благослови. Добрите ефекти од вистинското обожавање и почитувањето на Сабатот ќе се прелеат во сите аспекти од нивниот живот (Второзаконие 28:1—13; Псалм 19:7—11). На пример, Јехова ќе направи неговиот народ ‚да јава на високите места на земјата‘. Овој израз означува сигурност и победа над непријателите. Секој што ги има под контрола високите места — ридовите и планините — ја има под контрола и земјата (Второзаконие 32:13; 33:29). Некогаш Израел му бил послушен на Јехова, и нацијата ја уживала неговата заштита и другите нации ја почитувале, па дури и се плашеле од неа (Исус Навин 2:9—11; 1. Цареви 4:20, 21). Ако се сврти кон Јехова послушно, дел од таа поранешна слава ќе се врати. Јехова ќе му дозволи на својот народ да добие целосен дел од „наследниот имот на Јаков“ — благословите ветени преку Неговиот сојуз со неговите прататковци, особено благословите за сигурен имот во Ветената земја (Псалм 105:8—11).
20. Каква „сабатна починка“ имаат христијаните?
20 Можат ли христијаните да научат лекција од ова? Со смртта на Исус Христос, Мојсеевиот закон бил отстранет, заедно со неговите барања за Сабат (Колошаните 2:16, 17). Меѓутоа, духот на тоа држење на Сабатот, кој требало да биде подбуден во Јуда — да се стават духовните интереси на прво место и човек да се приближи кон Јехова — сѐ уште е важен за обожавателите на Јехова (Матеј 6:33; Јаков 4:8). Освен тоа, Павле, во своето писмо до Евреите, вели: „На Божјиот народ му останува сабатна починка“. Христијаните влегуваат во оваа „сабатна починка“ со тоа што му се послушни на Јехова и се стремат кон праведност темелена на верата во пролеаната крв на Исус Христос (Евреите 3:12, 18, 19; 4:6, 9—11, 14—16). Христијаните го држат овој вид сабат не само еден ден во неделата туку секој ден (Колошаните 3:23, 24).
Духовниот Израел ,јава на високите места на земјата‘
21, 22. На кој начин Јехова направил Израелот Божји ‚да јава на високите места на земјата‘?
21 По своето ослободување од вавилонско заробеништво во 1919, помазаните христијани верно го држат она што е навестено со Сабатот. Како резултат на тоа, Јехова направил тие ‚да јаваат на високите места на земјата‘. Во која смисла? Уште во 1513 пр.н.е., Јехова склопил сојуз со потомците на Авраам дека, ако му се послушни, ќе му станат царство од свештеници и свет народ (Излез 19:5, 6). Низ тие 40 години во пустелијата, Јехова ги пренел безбедно, како што еден орел ги пренесува своите орлиња, и ги благословил со изобилство од потребни работи (Второзаконие 32:10—12). Меѓутоа, на нацијата ѝ недостигала вера, па затоа ги изгубила сите привилегии што можела да ги има. И покрај тоа, Јехова денес сепак има царство од свештеници. Тоа е духовниот Израел Божји (Галатите 6:16; 1. Петрово 2:9).
22 Во текот на „последното време“, оваа духовна нација го прави она што древниот Израел пропуштил да го прави. Таа ја задржува верата во Јехова (Даниел 8:17). Додека нејзините членови стриктно се држат за Јеховините високи мерила и возвишени патишта, во духовна смисла Јехова ги подига на високо (Пословици 4:4, 5, 8; Откровение 11:12). Заштитени од нечистотата што ги опкружува, тие уживаат возвишен начин на живот, и наместо да инсистираат да си тераат по свое, тие наоѓаат „исклучително задоволство во Јехова“ и во неговата Реч (Псалм 37:4, NW). Јехова ги чува духовно безбедни и покрај решителното противење низ целиот свет. Од 1919, никој не предизвикал раздор во нивната духовна ‚земја‘ (Исаија 66:8). Тие и понатаму се народ за неговото возвишено име, кое тие радосно го објавуваат по целиот свет (Второзаконие 32:3; Дела 15:14). Освен тоа, еден растечки број од кротки луѓе од сите нации сега ја делат големата привилегија да бидат научени за Јеховините патишта и да добијат помош да одат по неговите патеки.
23. Како Јехова предизвикал неговите помазани слуги ‚да јадат од наследниот имот на Јаков‘?
23 Јехова предизвикал неговите помазани слуги ‚да јадат од наследниот имот на Јаков‘. Кога Исак го благословил Јаков наместо Исав, зборовите на патријархот претскажале благослови за сите што ќе практикуваат вера во ветеното Семе на Авраам (Битие 27:27—29; Галатите 3:16, 17). Исто како Јаков — а за разлика од Исав — помазаните христијани и нивните придружници ‚ги ценат светите работи‘, особено духовната храна што Бог ја обезбедува во изобилство (Евреите 12:16, 17; Матеј 4:4). Оваа духовна храна — која вклучува спознание за она што Јехова го постигнува преку ветеното Семе и преку придружниците на тоа Семе — зајакнува, дава сила и е неопходна за нивниот духовен живот. Според тоа, пресудно е тие да земаат духовна храна постојано со тоа што ќе ја читаат Божјата реч и ќе медитираат за неа (Псалм 1:1—3). Нужно е тие да се дружат со соверниците на христијанските состаноци. И неопходно е да ги поддржуваат високите мерила на чистото обожавање додека радосно земаат од таа храна заедно со другите.
24. Како се однесуваат вистинските христијани денес?
24 Додека вистинските христијани желно го очекуваат исполнувањето на Јеховините ветувања, нека продолжат да отфрлаат лицемерство од секаков вид. Нахранети од „наследниот имот на Јаков“, нека продолжат да уживаат во духовната безбедност на „високите места на земјата“.
[Фуснота]
a За оние поединци од неговиот народ кои паднале во долг, Јехова направил подготовка да се продадат себеси во ропство — задолжително станувајќи наемни работници — за да го отплатат тој долг (Левит 25:39—43). Меѓутоа, Законот барал со робовите да се постапува љубезно. Оние со кои брутално се постапувало, требало да бидат ослободени (Излез 21:2, 3, 26, 27; Второзаконие 15:12—15).
[Слика на страница 278]
Евреите постеле и ги наведнувале главите од лажно покајание — но не ги смениле своите обичаи
[Слика на страница 283]
Оние што имаат средства да го сторат тоа, им обезбедуваат сместување, облека или други потребни работи на оние што имаат потреба
[Слика на страница 286]
Ако се покае, Јуда ќе ги изгради своите опустошени градови