СТУДИЈА 22
Исправно да се применат стиховите
КОГА ги поучуваме другите се бара повеќе отколку само да читаме стихови од Библијата. Апостол Павле му го напишал следново на својот соработник Тимотеј: „Дај сѐ од себе да се покажеш како одобрен пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, кој исправно ракува со речта на вистината“ (2. Тим. 2:15).
Тоа значи дека нашето објаснување на стиховите мора да биде доследно на она што го учи самата Библија. Ова бара да го земеме предвид контекстот, наместо само да избереме некои изрази што ни се допаѓаат и да додадеме свои сопствени идеи. Преку пророкот Еремија, Јехова предупредил дека ќе има пророци што ќе тврдат дека зборуваат од устата на Јехова, а всушност презентирале „виденија на своето срце“ (Ерем. 23:16). Апостол Павле ги предупредил христијаните да не ја загадуваат Божјата реч со човечки филозофии кога напишал: „Се одрековме од скриените работи од кои човек треба да се срами, и не одиме во лукавство ниту ја расипуваме речта Божја“. Во тие денови нечесните трговци со вино го разредувале своето вино за да го има во поголема количина и да заработат што повеќе пари. Ние не ја расипуваме Божјата реч мешајќи ја со човечки филозофии. „Ние не сме трговци со Божјата реч како што се мнозина“, изјавил Павле, „туку зборуваме како поттикнати од искреност, да, како испратени од Бог, пред Божји очи, во заедништво со Христос“ (2. Кор. 2:17; 4:2).
Понекогаш можеби цитираш стих за да истакнеш некое начело. Библијата е полна со начела што даваат цврсто водство во справувањето со најразлични ситуации (2. Тим. 3:16, 17). Но, треба да се погрижиш примената да биде точна и да не употребиш некој стих погрешно, да го направиш да изгледа дека го кажува она што ти сакаш да го каже (Псал. 91:11, 12; Мат. 4:5, 6). Примената мора да биде во согласност со Јеховината намера, доследно на целата Божја реч.
,Исправното ракување со речта на вистината‘ вклучува и да се долови духот на она што го кажува Библијата. Таа не е „стап“ со кој ќе ги заплашуваме другите. Верските учители што му се противеле на Исус Христос цитирале од Писмото, но ги затворале очите пред посериозните работи — оние што вклучувале праведност и милост и вера — кои ги бара Бог (Мат. 22:23, 24; 23:23, 24). Кога поучувал за Божјата реч, Исус ја одразувал личноста на својот Татко. Исусовата ревност за вистината била споена со неговата длабока љубов кон луѓето што ги поучувал. Ние треба да настојуваме да го следиме неговиот пример (Мат. 11:28).
Како да бидеме сигурни дека правилно применуваме некој стих? Во тоа ќе ни помогне редовното читање на Библијата. Исто така, треба да ја цениме Јеховината подготовка на „верниот и разборит роб“, телото на христијани помазани со дух преку кои им обезбедува духовна храна на сите негови верни слуги (Мат. 24:45). Личното проучување, како и редовното присуство и учество на собраниските состаноци ќе ни помогнат да извлечеме корист од поуката што се обезбедува преку класата на верниот и разборит роб.
Ако ти е достапна книгата Резонирање на темел на Писмото и ако научиш добро да ја користиш, при рака ќе ти биде водството што ти е потребно за исправно да примениш стотици стихови што често ги користиме во службата. Ако планираш да користиш некој непознат стих, скромноста ќе те наведе да го направиш потребното истражување за да бидеш во состојба, кога ќе зборуваш, исправно да ракуваш со речта на вистината (Посл. 11:2).
Примената нека биде јасна. Кога ги поучуваш другите, погрижи се јасно да ја сфатат врската меѓу темата за која дискутирате и стиховите што ги користиш. Ако воведеш некој стих со прашање, слушателите треба да увидат како стихот одговара на тоа прашање. Ако го користиш стихот во поддршка на некоја изјава, погрижи се студентот јасно да увиди како стихот ја докажува поентата.
Обично не е доволно само да се прочита стихот — па дури и со нагласување. Запомни, просечниот човек не ја познава Библијата и веројатно нема само со едно читање да сфати што сакаш да кажеш. Сврти внимание кон оној дел од текстот што директно се применува на она за кое дискутирате.
Ова обично бара да ги издвоиш клучните зборови, односно оние што имаат директна врска со точката за која се дискутира. Наједноставна метода е да ги повториш зборовите што ја пренесуваат мислата. Ако разговараш со некој поединец, би можел да му поставиш прашања што ќе му помогнат да ги препознае клучните зборови. Кога зборуваат пред група, некои говорници претпочитаат да ја постигнат целта на тој начин што користат синоними или ја повторуваат идејата. Меѓутоа, ако избереш да го правиш тоа, внимавај присутните да не ја изгубат од вид врската меѓу точката за која се дискутира и начинот на кој е изразен стихот.
Откако си ги издвоил клучните зборови, си положил добар темел. Сега, продолжи. Дали си го вовел стихот покажувајќи јасно од која причина го користиш тој текст? Ако да, укажи како зборовите што си ги истакнал се однесуваат на она на кое си ги навел присутните да го очекуваат. Јасно наведи која е таа врска. Дури и ако не си употребил јасен вовед за стихот, треба да следи нешто потоа.
Фарисеите му поставиле на Исус едно, како што мислеле тие, тешко прашање, имено: „Дозволено ли е човек да се разведе од својата жена од која и да било причина?“ Исус го темелел својот одговор на Битие 2:24. Забележи дека тој го сосредоточил вниманието само на еден дел од него, а потоа ја покажал примената. Откако истакнал дека мажот и жената станале „едно тело“, Исус заклучил: „Затоа, Бог што впрегнал во јарем, ниеден човек да не разделува“ (Мат. 19:3-6).
Колкаво објаснување треба да дадеш за јасно да ја објасниш примената на еден стих? Тоа ќе зависи од составот на твојата публика и од важноста на точката за која дискутираш. Едноставноста и директноста нека ти бидат цел.
Резонирај на темел на Писмото. Во врска со службата на апостол Павле во Солун, Дела 17:2, 3 ни кажува дека тој ,резонирал на темел на Писмото‘. Тоа е способност што треба да настојува да ја негува секој Јеховин слуга. На пример, Павле ги раскажал фактите во врска со животот и службата на Исус, покажал дека тие биле претскажани во Хебрејските списи, а потоа дал силен заклучок со зборовите: „Ова е Христос, овој Исус кого јас ви го објавувам“.
Кога им пишувал на Евреите, Павле често цитирал од Хебрејските списи. За да нагласи или разјасни некоја поента, честопати издвојувал еден збор или кратка фраза, а потоа го наведувал нивното значење (Евр. 12:26, 27). Во извештајот што се наоѓа во Евреите 3. поглавје, Павле цитирал од Псалм 95:7-11. Забележи дека тој потоа разработил три дела: 1) спомнувањето на срцето (Евр. 3:8-12), 2) значењето на изразот „денес“ (Евр. 3:7, 13-15; 4:6-11) и 3) смислата на изјавата: „Нема да влезат во мојата починка“ (Евр. 3:11, 18, 19; 4:1-11). Настојувај да го имитираш тој пример додека го применуваш секој стих.
Забележи со каква ефикасност Исус резонирал на темел на Писмото во извештајот што се наоѓа во Лука 10:25-37. Некој човек упатен во Законот го прашал: „Учителе, што треба да правам за да наследам вечен живот?“ Исус во одговорот најпрвин го замолил човекот да го каже своето гледиште, а потоа нагласил колку е важно да се прави она што го вели Божјата реч. Кога станало јасно дека човекот ја промашил поентата, Исус надолго и нашироко дискутирал само за еден збор од стихот — за зборот „ближен“. Наместо само да го дефинира, тој употребил и една илустрација за да му помогне на човекот самиот да дојде до исправниот заклучок.
Се гледа дека, кога одговарал на прашањата, Исус не само цитирал стихови што давале директен, очигледен одговор. Тој го анализирал она што тие го кажувале, а потоа го применувал на поставеното прашање.
Кога садукеите ја ставиле под знак прашалник надежта во воскресение, Исус го сосредоточил вниманието кон еден конкретен дел од Излез 3:6. Но, тој не престанал откако го цитирал стихот. Резонирал на темел на него за јасно да покаже дека воскресението е дел од Божјата намера (Мар. 12:24-27).
Совладувањето на способноста исправно и делотворно да резонираш на темел на Писмото ќе биде значаен фактор за да станеш вешт учител.