СТУДИЈА 29
Квалитет на гласот
НА ЛУЃЕТО во голема мера влијае не само она што се кажува, туку и начинот на кој тоа се кажува. Зарем не си посклон поволно да слушаш некого ако ти зборува со пријатен, срдечен, пријателски и љубезен глас, отколку ако гласот му е студен или груб?
Развивањето пожелен квалитет на гласот не е сосем работа на гласовната механика. Тоа може да ја вклучува и личноста. Како што некој напредува во спознанието и применувањето на библиската вистина така стануваат видливи и промените во начинот на којшто зборува. Во неговиот глас се одразуваат побожни особини како што се љубов, радост и љубезност (Гал. 5:22, 23). Кога тој чувствува вистинска грижа за другите, неговиот глас го покажува тоа. Кога наместо дух на хронично жалење доаѓа благодарност, се гледа и од кажаните зборови и од тонот на гласот (Плач 3:39-42; 1. Тим. 1:12; Јуда 16). Дури и кога не го разбираш јазикот на кој се зборува, ако еден човек звучи арогантно, нетолерантно, критизерски и грубо, а друг звучи понизно, стрпливо, љубезно и со многу љубов, не е тешко да ја увидиш разликата.
Во некои случаи, непожелниот квалитет на гласот може да биде резултат на болест, од која бил оштетен гркланот, или на наследен структурен дефект. Таа состојба може да биде толку сериозна што нема да биде целосно исправена во овој систем на работи. Меѓутоа, ако човек научи правилно да ги користи говорните органи, обично може да постигне подобрување.
Пред сѐ, важно е да сфатиме дека гласовните карактеристики варираат од човек до човек. Твојата цел не треба да биде да развиеш глас што имитира некого. Наместо тоа, негувај го потенцијалот на сопствениот глас, со неговите својствени особини. Што ќе ти помогне во тоа? Постојат две главни неопходни работи.
Правилно контролирај го дишењето. За да постигнеш најдобри резултати во користењето на својот глас, потребна ти е доволна резерва од воздух, како и правилна контрола на дишењето. Без нив, гласот може да звучи слаб и изнесувањето да биде испрекинато.
Најголемиот дел од белите дробови не се наоѓа во горниот дел на градниот кош; оваа површина само изгледа поголема поради коските на рамениците. Белите дробови се, напротив, најшироки токму над дијафрагмата. Прицврстена на долните ребра, дијафрагмата го одвојува градниот кош од стомачната празнина.
Ако при вдишувањето го наполниш само горниот дел од белите дробови, набрзо ќе снемаш воздух. На гласот ќе му недостига сила и лесно ќе се измориш. За да дишиш правилно, треба да седнеш или да стоиш исправено и да ги држиш рамениците наназад. Кога вдишуваш за да зборуваш, вложи свесни напори да не го шириш само горниот дел од градниот кош. Најпрвин исполни го долниот дел од белите дробови. Кога ќе се исполни тој дел, долниот дел од градниот кош ќе се прошири странично. Истовремено, дијафрагмата ќе се спушти, лесно поместувајќи ги стомакот и цревата, така што ќе почувствуваш притисок од коланот или од другата облека на стомакот. Но, белите дробови не се таму; тие се во градниот кош. За да провериш, стави ги рацете на долниот дел од градниот кош странично. Сега диши длабоко. Ако дишиш правилно, нема да го вовлекуваш стомакот и да ги креваш рамениците. Наместо тоа, ќе почувствуваш како ребрата лесно се движат нагоре и нанадвор.
Потоа, работи на истекот на воздух. Не троши ја резервата, дозволувајќи брзо да излезе. Испуштај ја постепено. Не обидувај се да ја контролираш со тоа што ќе го стегаш грлото. Наскоро тоа ќе има за последица глас што ќе звучи како да е затегнат или со ненормално висок тон. Притисокот од стомачните мускули и од меѓуребрените мускули го истиснува воздухот, додека дијафрагмата влијае врз брзината на неговото истиснување.
Исто како што еден тркач вежба за трка така и еден говорник со вежбање може да развие правилна контрола на дишењето. Застани исправено со рамениците наназад, вдиши така за да го исполниш долниот дел од белите дробови и постепено издишувај додека бавно и рамномерно броиш до колку што можеш со еден здив. Потоа вежбај да читаш наглас додека дишиш на истиот начин.
Опушти ги напнатите мускули. Друга неопходна работа за добар квалитет на гласот е следново — опушти се! Навистина ќе се зачудиш колкаво подобрување можеш да постигнеш ако научиш да се опуштиш додека зборуваш. Умот и телото мораат да бидат опуштени, затоа што умствената напнатост предизвикува напнатост на мускулите.
Опушти се од умствената напнатост на тој начин што ќе стекнеш исправно гледиште за слушателите. Ако се тоа луѓе што ги среќаваш во службата на теренот, запомни дека дури и да си ја проучувал Библијата само неколку месеци, ти знаеш вредни работи за Јеховината намера, кои ќе можеш да ги споделиш со нив. А нив ги посетуваш затоа што им е потребна помош, сеедно дали се свесни за тоа или не. Од друга страна, пак, ако зборуваш во Сала на Царството, повеќето од публиката припаѓаат на Јеховиниот народ. Тие ти се пријатели и сакаат да успееш. На Земјата не постојат луѓе што имаат толку пријателски настроена и љубезна публика како што е тоа редовно случај со нас.
Мускулите на грлото опушти ги на тој начин што ќе го сосредоточиш умот на нив и свесно ќе настојуваш да бидат помалку напнати. Запомни дека твоите гласни жици треперат кога низ нив поминува воздух. Тонот на гласот се менува кога мускулите на грлото се стегаат или опуштаат, исто како што се менува тонот на жица од гитара или виолина кога таа се затега или олабавува. Кога ги опушташ гласните жици, тонот се снижува. Опуштањето на мускулите на грлото помага и да се задржат отворени носните ходници, а тоа ќе има одреден ефект врз квалитетот на твојот глас.
Опушти го целото тело — колениците, рацете, рамениците, вратот. Ова ќе придонесе за добра резонанција, која е потребна за да му даде на гласот способност да се пренесува. Резонанција се создава кога целото тело дејствува како резонатор, но напнатоста ја попречува. Тонот на гласот, кој се произведува во гркланот, одекнува не само во носните празнини туку и во коскената структура на градниот кош, забите, сводот на усната празнина и синусите. Сите тие можат да придонесат за квалитетот на резонанцијата. Ако ставиш тежина врз звучната плоча на една гитара, звукот ќе се задуши; звучната плоча мора слободно да вибрира за правилно да одекнува. Така е и со коскените структури на телото, кои се држат цврсто благодарение на мускулите. Со резонанцијата ќе можеш правилно да го модулираш гласот и да изразиш нијанси на чувства. Ќе можеш да постигнеш да те слуша голема публика без да го напрегаш гласот.