Поглавје единаесет
„Продолжете да го барате најнапред царството“
1. а) Зошто Исус ги поттикнал своите слушатели да го бараат најнапред Царството? б) Кое прашање треба да си го поставиме?
ПРЕД повеќе од 1.900 години, во еден говор во Галилеја, Исус ги поттикнал своите слушатели: „Така, продолжете да го барате најнапред царството и [Божјата] праведност“. Но, зошто толкава итност? Зарем времето за Христос да добие моќ на Царството не требало да дојде после многу векови? Да, но месијанското Царство требало да биде средството преку кое Јехова ќе ја оправда својата сувереност и ќе ја исполни својата величествена намера со Земјата. Секој што навистина ја ценел важноста на овие работи, Царството би го ставил на прво место во својот живот. Ако тоа било случај во првиот век, колку само повеќе е денес, кога Христос е востоличен како Цар! Затоа, прашањето е: Дали мојот начин на живот покажува дека го барам најнапред Божјето Царство? (Матеј 6:33).
2. По кои работи луѓето, општо земено, желно се стремат?
2 Денес, милиони луѓе ширум светот навистина го бараат најнапред Царството. Тие покажуваат дека ја поддржуваат владата на Царството со тоа што своите животи ги сосредоточуваат на вршењето на волјата на Јехова и со тоа што му се предале Нему. Од друга страна, повеќето од човештвото се заинтересирани да се стремат по световните работи. Луѓето се стремат по пари, по богатство и по задоволствата што можат да се купат со пари. Или, пак, се напрегаат да си градат кариера. Нивниот начин на живот одразува преокупираност со самите себе, со материјални работи и со задоволства. Бог го ставаат на второ место, ако воопшто и веруваат во него (Матеј 6:31, 32).
3. а) По каков вид богатства ги охрабрил Исус своите ученици да се стремат, и зошто? б) Зошто нема потреба да се биде прекумерно загрижен за материјалните потреби?
3 Меѓутоа, Исус на своите ученици им го дал овој совет: „Престанете да си собирате блага на земјата“, бидејќи ниеден од таквите поседи не трае вечно. „Напротив“, рекол тој, „собирајте си блага на небото“, со тоа што ќе му служат на Јехова. Исус ги поттикнал своите следбеници да го чуваат своето око „едноставно“, така што вниманието и силите ќе ги сосредоточат на вршењето на Божјата волја. „Не можете да им робувате на Бог и на Богатството“, им рекол. Но, што е со материјалните потреби — храна, облека и покрив над главата? „Престанете тегобно да се грижите“, советувал Исус. Тој го свртел нивното внимание на птиците — Бог ги храни. Исус ги охрабрил своите следбеници да извлечат поука од цвеќињата — Бог ги облекува. Зарем Јеховините интелигентни човечки слуги не вредат повеќе од која и да е од овие работи? „Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност“, рекол Исус, „а сите овие други [неопходни] работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:19—34). Дали твоите постапки покажуваат дека веруваш во тоа?
Не дозволувај вистината за Царството да биде задушена
4. Ако едно лице става преголем нагласок врз материјалните работи, каков може да биде исходот?
4 Исправно е да се води грижа да се има доволно за задоволување на личните материјални потреби, како и на потребите на семејството. Меѓутоа, ако едно лице е претерано загрижено околу материјалните работи, резултатите можат да бидат катастрофални. Иако може да тврди дека верува во Царството, ако во своето срце на прво место става други работи, вистината за Царството ќе биде задушена (Матеј 13:18—22). На пример, во една прилика еден млад владетел го запрашал Исус: „Што морам да правам за да наследам вечен живот?“ Тој водел морален живот и добро постапувал со другите, но бил прекумерно приврзан за своите материјални поседи. Не можел да се помири со тоа да се одвои од нив за да стане Христов следбеник. Така ја пропуштил приликата која можела да доведе до тоа да биде со Христос во небесното Царство. Во таа прилика, Исус рекол: „Колку само ќе им биде тешко на оние кои имаат пари да влезат во Божјето царство!“ (Марко 10:17—23).
5. а) Со кои работи Павле го охрабрил Тимотеј да биде задоволен, и зошто? б) Како Сатана ја користи „љубовта кон парите“ како погубна замка?
5 Со години подоцна, апостол Павле му пишал на Тимотеј, кој тогаш бил во Ефес, напреден трговски центар. Павле го потсетил: „Ништо не сме донеле на светов, па не можеме ништо ни да однесеме. Затоа, кога имаме храна и покрив, да бидеме задоволни со тоа“. Да се работи за обезбедување на „храна и покрив“ за себе и за своето семејство е во ред. Но, Павле предупредил: „Оние кои се решени да се збогатат, паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст“. Сатана е подмолен. Отпрвин тој може да намами едно лице со ситни работи. По тоа може да следат поголеми притисоци, можеби некаква прилика за унапредување или подобра работа што е платена повеќе, но го бара времето кое порано си го одвојувал за духовни работи. Ако не сме будни, „љубовта кон парите“ може да ги задуши далеку поважните интереси на Царството. Павле вака се изразил: „Тежнеејќи по оваа љубов, некои биле одвлечени од верата и се испроболе со многу болки“ (1. Тимотеј 6:7—10).
6. а) Што мораме да правиме за да избегнеме да бидеме заплеткани во материјализам? б) Каква доверба можеме да имаме дури и со оглед на денешната економска ситуација во светот?
6 Со искрена љубов кон својот христијански брат, Павле го поттикнал Тимотеј: „Бегај од овие работи“ и: „Води ја добрата борба на верата“ (1. Тимотеј 6:11, 12). Потребен е сериозен напор ако сакаме да избегнеме да бидеме понесени од материјалистичкиот начин на живот на светот околу нас. Но, ако се напрегаме во склад со нашата вера, Јехова нема никогаш да нѐ напушти. Без оглед на високите цени и раширената невработеност, тој ќе се погрижи да го имаме она што навистина ни е потребно. Павле напишал: „Вашиот начин на живот нека биде ослободен од љубовта кон парите, и бидете задоволни со она што го имате сега. Зашто [Бог] рекол: ‚Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам‘. Затоа можеме да бидеме исполнети со храброст и да речеме: ‚Јехова е мој помошник; нема да се плашам. Што може да ми стори човек?‘“ (Евреите 13:5, 6). А цар Давид напишал: „Млад бев и остарев, но не видов напуштен праведник или неговите деца да просат леб“ (Псалм 37:25).
Раните ученици даваат пример
7. Какви упатства им дал Исус на своите ученици во врска со проповедањето, и зошто тие биле соодветни?
7 Откако Исус им дал на своите апостоли соодветна обука, ги испратил во Израел да ја проповедаат добрата вест и да објават: „Се приближи небесното царство“. Каква само возбудлива порака било тоа! Исус Христос, месијанскиот Цар, бил во нивната средина. Поради тоа што апостолите ѝ се посветиле на службата за Бог, Исус ги поттикнал да имаат доверба дека Бог ќе се грижи за нив. Затоа тој рекол: „Ништо не носете за по пат, ниту стап ниту торба за храна, ниту леб ниту сребрени пари; ниту да имате по две долни облеки. А во кој дом и да влезете, останете таму и оттаму појдете“ (Матеј 10:5—10; Лука 9:1—6). Јехова би се погрижил нивните потреби да бидат задоволени од рацете на другите Израелци, меѓу кои гостољубието спрема странците било вообичаено.
8. а) Зошто Исус кратко пред својата смрт дал нови упатства за проповедање? б) Што требало сѐ уште да биде на прво место во животот на Исусовите следбеници?
8 Подоцна, токму пред својата смрт, Исус ги предупредил своите апостоли на фактот дека во иднина ќе работат под изменети околности. Како резултат на официјалното противење на нивната активност, гостољубието можеби немало толку спремно да им биде укажувано во Израел. Исто така, наскоро ќе ја носеле пораката за Царството во пагански земји. Сега тие требало да си понесат „ќесе“ и „торба за храна“. Меѓутоа, требало да продолжат најнапред да го бараат Јеховиното Царство и неговата праведност, уверени дека Бог ќе ги благослови нивните напори да ја добијат потребната храна и покрив (Лука 22:35—37).
9. На кој начин Павле го ставал Царството на прво место во својот живот додека се грижел за своите телесни потреби, и каков совет дал во врска со овие работи?
9 Апостол Павле бил извонреден пример на човек кој го применил Исусовиот совет. Павле го градел својот живот околу службата (Дела 20:24, 25). Кога ќе отидел во некое подрачје да проповеда, самиот се грижел за сопствените материјални потреби, дури и изработувал шатори. Не очекувал другите да се грижат за него (Дела 18:1—4; 1. Солуњаните 2:9). Сепак, благодарно прифаќал гостољубие и подароци кога другите ја изразувале својата љубов на ваков начин (Дела 16:15, 34; Филипјаните 4:15—17). Павле ги храбрел христијаните да не ги занемаруваат своите семејни обврски за да проповедаат, туку да ги урамнотежат своите разновидни одговорности. Ги советувал да работат, да ги љубат своите семејства и да делат со другите (Ефешаните 4:28; 2. Солуњаните 3:7—12). Ги поттикнувал да полагаат доверба во Бог, а не во материјалните поседи, и да го користат својот живот на начин кој покажува дека навистина разбрале кои се поважните работи. Во склад со Исусовите учења, тоа значело најнапред да се бара Божјето Царство и Неговата праведност (Филипјаните 1:9—11).
Задржи го Царството на прво место во својот живот
10. Што значи да го бараш најнапред Царството?
10 До која мера ние лично имаме удел во споделувањето на добрата вест за Царството со другите? Делумно, тоа зависи од нашите околности и од длабочината на нашето ценење. Имај на ум дека Исус не рекол: ‚Барајте го Царството кога немате што друго да правите‘. Знаејќи ја важноста на Царството, ја изразил волјата на својот Татко со зборовите: „Постојано барајте го неговото царство“ (Лука 12:31). Иако повеќето од нас треба да работат за да ги згрижат своите потреби како и потребите на своите семејства, ако имаме вера, нашиот живот сепак ќе се врти околу делото на Царството што ни го дал Бог. Истовремено, нема да ги занемаруваме нашите семејни одговорности (1. Тимотеј 5:8).
11. а) На кој начин Исус илустрирал дека сите немало да бидат во можност да го дадат истиот износ во ширењето на пораката за Царството? б) Кои фактори влијаат врз тоа колку може некој да стори?
11 Некои од нас се во можност да посветуваат повеќе време од другите на проповедање на добрата вест за Царството. Но, во својата парабола за различните видови почва, Исус покажал дека сите оние чиишто срца се како добра почва, ќе донесат плод. Во колкава мера? Околностите кај поединци варираат. Возраста, здравјето и семејните одговорности — сите тие се фактори. Но, кога се има вистинско ценење, може многу да се постигне (Матеј 13:23).
12. За каква здрава духовна цел особено младите се охрабрени да размислат?
12 Добро е да се имаат цели што ќе ни помогнат да го зголемиме својот удел во службата за Царството. Младите треба сериозно да размислуваат за извонредниот пример на ревносниот млад христијанин Тимотеј (Филипјаните 2:19—22). Што би можело за нив да биде поубаво отколку да стапат во полновремена служба по завршување на световното школување? Исто така и постарите ќе извлечат корист ако си постават здрави духовни цели.
13. а) Кој одлучува што можеме лично да сториме во службата за Царството? б) Што докажуваме ако навистина најнапред го бараме Царството?
13 Наместо да ги критизираме оние за кои мислиме дека би можеле да прават повеќе, треба да бидеме поттикнати од вера да работиме на сопственото подобрување за да можеме да му служиме на Бог во полна мера колку што ни допуштаат нашите лични околности (Римјаните 14:10—12; Галатите 6:4, 5). Како што се гледа во случајот на Јов, Сатана тврди дека наши главни интереси се нашите материјални поседи, нашата лична удобност и нашата лична благосостојба, и дека нашиот мотив во служењето на Бог е себичен. Но, ако навистина најнапред го бараме Царството, имаме удел во докажувањето дека Ѓаволот е голем лажливец. Даваме доказ дека на прво место во нашиот живот доаѓа службата за Бог. Со збор и на дело, ја докажуваме нашата длабока љубов кон Јехова, нашата лојална поддршка на неговата сувереност и нашата љубов кон ближните (Јов 1:9—11; 2:4, 5; Пословици 27:11).
14. а) Зошто е корисно да се има распоред за служба на теренот? б) До која мера многу Сведоци учествуваат во службата на теренот?
14 Еден распоред може да ни помогне да постигнеме повеќе отколку што инаку би сториле. Јехова и самиот има „одредено време“ за извршување на својата намера (Излез 9:5; Марко 1:15). Ако е можно, добро е да имаме удел во службата на теренот еднаш или повеќепати во одредени термини во седмицата. Стотици илјади Јеховини сведоци ширум светот се пријавиле како помошни пионери, поминувајќи околу два часа дневно во проповедање на добрата вест. Стотици илјади други служат како општи пионери, поминувајќи околу два и пол часа на ден во објавување на пораката за Царството. Специјалните пионери и мисионерите поминуваат дури и повеќе време во службата за Царството. Можеме да бараме и неформални прилики за да ја споделуваме надежта за Царството со кој и да било што сака да слуша (Јован 4:7—15). Наша желба треба да биде да имаме колку што е можно попотполн удел во тоа дело колку што ни дозволуваат нашите околности, бидејќи Исус прорекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14; Ефешаните 5:15—17).
15. Зошто мислиш дека советот од 1. Коринќаните 15:58 во врска со нашата служба е навремен?
15 Обединето, во сите делови на Земјата, без разлика во која нација живеат, Јеховините сведоци учествуваат во оваа величествена предност на службата. Тие го применуваат на себе инспирираниот библиски совет: „Бидете цврсти, непоколебливи, секогаш обилно вработени во делото Господово, знаејќи дека вашиот труд во врска со Господ не е залуден“ (1. Коринќаните 15:58).
Дискусија за повторување
• Кога рекол „продолжете да го барате најнапред царството“, што покажал Исус дека треба да биде ставено на второ место?
• Какво гледиште треба да имаме во однос на грижата за нашите телесни потреби и потребите на нашето семејство? Каква помош ќе ни даде Бог?
• Во кои гранки на службата за Царството можеме да учествуваме?
[Слика на страница 107]
Денес Јеховините сведоци во секоја земја ја проповедаат добрата вест пред да дојде крајот