Млади — што ќе правите со својот живот?
„САКАМ да го искористам животот најдобро што можам“, вели една тинејџерка. Сигурно и ти го посакуваш истото. Но, како да го оствариш тоа? Медиумите, врсниците, па дури и наставниците можеби велат дека е најважно да заработиш многу пари или да изградиш угледна кариера — со други зборови, да бидеш некој и нешто!
Но, Библијата ги предупредува младите дека стремежот да се биде некој и нешто е исто како „трчање по ветар“ (Проповедник 4:4). Зошто? Една причина е тоа што само малкумина стануваат богати и славни. А тие што ќе станат, честопати на крај се разочаруваат. Еден млад човек од Британија кој сакал да изгради угледна кариера вели: „Успехот што ќе го постигнеш во овој свет е како празна кутија — кога ќе погледнеш внатре, сфаќаш дека нема ништо“. Точно, една добра работа може да ти донесе пари и углед. Но, не може да ги задоволи твоите „духовни потреби“ (Матеј 5:3). Освен тоа, во 1. Јованово 2:17 сме предупредени дека „светот поминува“. Дури и да постигнеш некаков успех во овој свет, тоа ќе биде само за кратко.
Во Проповедник 12:1 на младите им е упатен следниов поттик: „Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“. Навистина, најдобриот начин да го искористиш својот живот е да му служиш на Јехова Бог. Но, најпрво мора да исполниш некои услови. Како можеш да ги исполниш? И што значи да му служиш на Бог?
Како да станеш Јеховин сведок
Како прво, мораш да имаш желба да му служиш на Бог. Но, таа желба не доаѓа автоматски, дури и ако твоите родители веќе се Јеховини сведоци. Ти самиот мораш да го запознаеш Јехова и да станеш пријател со него. Една тинејџерка вели: „Молитвата ти помага да станеш близок со Јехова“ (Псалм 62:8; Јаков 4:8).
Во Римјаните 12:2 се истакнува уште една важна работа што треба да ја направиш. Таму пишува дека треба ‚да утврдиш која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено‘. Дали некогаш ти се јавиле сомнежи во врска со некои работи за кои си бил поучуван? Ако да, прифати го библискиот поттик и ‚утврди‘ дали се вистинити! Истражувај. Читај ги Библијата и библиските публикации. Да учиш за Бог не значи само да собираш информации. Размислувај за она што го читаш. Така вистината ќе се всади во твоето срце и твојата љубов кон Бог ќе расте (Псалм 1:2, 3).
Исто така, труди се да зборуваш со другите за она што си го научил, можеби со твоите соученици. Потоа, пробај да проповедаш од куќа до куќа. Понекогаш ќе се случи да сретнеш некој соученик додека проповедаш и отпрвин можеби ќе ти биде незгодно во такви ситуации. Но, Библијата нѐ поттикнува ‚да не се срамиме од добрата вест‘ (Римјаните 1:16). Ти носиш порака која влева надеж и може да спаси животи! Тогаш, зошто да се срамиш?
Ако твоите родители се Сведоци, можеби веќе одиш со нив во служба. Но, можеш ли да правиш нешто повеќе отколку само да стоиш до нив или само да даваш списанија и трактати? Би можел ли ти да зборуваш со станарот така што ќе ја користиш Библијата за да го поучиш? Ако тоа не ти оди баш лесно, побарај помош од родителите или од некој зрел член на собранието. Постави си цел да ги исполниш условите да служиш како некрстен објавител на добрата вест!
Со текот на времето можеби ќе решиш да му се заветуваш на Бог — да му ветиш дека ќе му служиш засекогаш (Римјаните 12:1). Меѓутоа, не е доволно тоа да остане само лична работа меѓу тебе и Јехова. Според Римјаните 10:10, за да се постигне спасение, верата треба ‚да се објавува‘. Затоа, на денот на крштавањето јавно даваш усна изјава за својата вера и се крштаваш во вода (Матеј 28:19, 20). Се разбира, крштавањето е сериозен чекор. Сепак, не треба да се колебаш да се крстиш од страв дека потоа би можел да згрешиш. Ако се потпираш на Бог, тој ќе ти даде сила „која ја надминува нормалната“ за да продолжиш верно да му служиш (2. Коринќаните 4:7; 1. Петрово 5:10).
Со крштавањето, ти стануваш Јеховин сведок (Исаија 43:10). Тоа треба силно да влијае врз начинот на кој ќе го користиш својот живот. Заветот што си му го дал на Јехова вклучува ‚да се одречеш од себе‘ (Матеј 16:24). Можеби ќе се откажеш од некои лични цели и амбиции за ‚да го бараш најнапред Божјето царство‘ (Матеј 6:33). Заветот и крштавањето ти даваат можност да го правиш тоа на разни начини. Да разгледаме некои од нив.
Видови полновремена служба
● Пионерска служба. За некој да стане пионер, треба да биде примерен крстен христијанин кој може да помине најмалку 70 часа месечно во проповедањето на добрата вест. Тоа што ќе поминуваш повеќе време во службата ќе ти помогне уште повешто да проповедаш и да поучуваш. Многу пионери им помогнале на оние со кои ја проучувале Библијата да се крстат и да станат Јеховини сведоци, а тоа им носи голема радост. Зарем има световна работа што може да биде толку интересна и вистински да те исполнува?
За да се издржуваат, повеќето пионери работат со скратено време. Многу млади однапред планираат како ќе се издржуваат и затоа учат некаков занает или на училиште или од своите родители. Можеби ти и твоите родители сметате дека би било добро да стекнеш дополнително образование по завршувањето на средното училиште. Сепак, главниот мотив не би требало да ти биде да се збогатиш, туку да го имаш основното за да ја вршиш службата за Јехова, можеби и да служиш како пионер.
Но, на еден пионер не му е најважна световната работа, туку неговата служба со која им помага на другите да добијат живот! Зошто не си поставиш цел да служиш како пионер? Пионерската служба честопати дава можност да правиш уште повеќе за Царството. На пример, некои пионери се селат во места каде што има поголема потреба од објавители. Други учат странски јазик и служат во собрание на тој јазик во нивното место или во друга земја. Да, пионерската служба ќе ти донесе многу благослови!
● Школата за полновремени објавители е уште една убава можност. Целта на оваа школа, која трае два месеца, е да се обучат искусни пионери кои се спремни да заминат од своето место и да служат таму каде што има потреба. Тие го имаат ставот: „Еве ме мене, испрати ме мене!“, и со тоа го следат примерот на Исус Христос, кој со најголема ревност ја објавувал добрата вест на Земјата (Исаија 6:8; Јован 7:29). Кога ќе се преселат на друго место, можеби ќе треба да живеат поскромно. Можеби ќе мора да се навикнат на сосема поинаква култура, клима и храна. А можеби ќе треба да научат и нов јазик. Оваа школа е наменета за браќа и сестри на возраст од 23 до 65 години. Можат да ја посетуваат и брачни парови и браќа и сестри што не се во брак. Школата ќе им помогне да ги развијат духовните особини што ќе им бидат потребни за нивната задача. Исто така, ќе стекнат вештини поради кои Јехова и неговата организација ќе можат да ги користат во уште поголема мера.
● Бетелска служба. Бетелската служба ја вршат доброволци во подружниците на Јеховините сведоци. Некои членови на бетелското семејство се директно вклучени во производството на библиска литература. Други се задолжени околу одржувањето на зградите и опремата или се грижат за физичките потреби на бетелското семејство. Сите задачи што се вршат во Бетел се света служба за Јехова. Освен тоа, оние што служат во Бетел се среќни затоа што знаат дека сѐ што прават им користи на многу нивни браќа низ целиот свет.
Понекогаш во Бетел се поканети браќа и сестри со посебни вештини. Но, повеќето добиваат обука откако ќе дојдат. Членовите на бетелското семејство не ја вршат својата служба за да заработат. Тие се задоволни со храната, сместувањето и скромниот надомест за лични трошоци што им се обезбедени таму. Еден млад брат за својата служба во Бетел вели: „Супер е! Можеби темпото е малку напорно, но благословите се големи“.
● Слугите за изградба учествуваат во изградбата на подружници и Сали на Јеховините сведоци. Ова е света служба слична на службата што ја вршеле оние што го граделе Соломоновиот храм (1. Царевите 8:13-18). Слугите за изградба се згрижени слично како членовите на бетелското семејство. За овие браќа и сестри е огромна чест што можат на ваков начин да го слават Јехова!
Служи му на Јехова со сета душа
Најдобар начин да го користиме својот живот е да му служиме на Јехова. Зошто не си поставиш цел да му служиш на Бог полновремено? Разговарај за тоа со родителите, со старешините во твоето собрание и со покраинскиот надгледник. Ако сакаш да служиш во Бетел или да одиш на Школата за полновремени објавители, присуствувај на состаноците поврзани со овие видови служба што се одржуваат за време на регионалните конгреси.
Се разбира, сите не ги исполнуваат условите или не се во можност да служат полновремено. Понекогаш може да бидеме спречени поради здравствени проблеми, финансиски причини или семејни обврски. Меѓутоа, од сите вистински христијани се очекува да ја следат библиската заповед: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Јехова очекува да му го дадеш најдоброто во рамките на твоите можности. Затоа, сеедно какви ти се околностите, биди решен службата за Јехова да ти биде на прво место во животот. Поставувај си реалистични теократски цели. Да, „сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“ и ќе жнееш благослови во сета вечност!
Доколку не е наведено поинаку, библиските стихови се земени од Светото писмо — превод Нов свет на современ македонски јазик.
4/14