Обрнале внимание — си го спасиле животот
ИСУС ХРИСТОС однапред дал предупредување за крајот на еврејскиот систем на работи, во чие средиште бил храмот во Ерусалим. Тој не навел датум кога ќе се случи тоа. Но, ги опишал настаните што воделе до таквото уништување. Своите ученици ги поттикнал да бдеат и да ја напуштат опасната зона.
Исус претскажал: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш знајте дека неговото запустување се приближило“. Тој исто така рекол: „Затоа, кога ќе ја здогледате одвратната работа која предизвикува опустошување . . . како стои на свето место . . . тогаш оние кои се во Јудеја нека почнат да бегаат по горите“. Исус недвосмислено им препорачал на своите ученици да не се враќаат назад за да ги спасат материјалните поседи. Ако сакале да си го спасат животот, морале итно да бегаат (Лука 21:20, 21; Матеј 24:15, 16).
За да ја задуши долготрајната буна, Цестиј Гал ги довел римските сили против Ерусалим во 66 н. е. Тој дури и влегол во градот и го опсадил храмот. Во градот завладеал метеж. Оние што бдееле можеле да видат дека катастрофата е неминовна. Но, постоела ли можност да се бега? Неочекувано, Цестиј Гал ги повлекол трупите, а еврејските востаници тргнале да ги гонат. Сега бил моментот да се бега од Ерусалим и од цела Јудеја!
Следната година, римските трупи се вратиле предводени од Веспазијан и неговиот син Тит. Букнала војна низ целата земја. Во почетокот на 70 н. е., Римјаните изградиле околу Ерусалим утврдување од зашилени трупци. Сите излези биле блокирани (Лука 19:43, 44). Противничките групи во градот се колеле меѓусебно. Оние што останале од народот биле или убиени од Римјаните или одведени во ропство. Градот и неговиот храм биле потполно уништени. Според Јосиф, еврејски историчар од првиот век, повеќе од еден милион Евреи страдале и умреле. Тој храм никогаш повеќе не бил изграден.
Да биле сѐ уште во Ерусалим во 70 н. е., христијаните би биле убиени или поробени заедно со сите останати. Меѓутоа, древни историчари известуваат дека христијаните го послушале Божјето предупредување, па избегале и од Ерусалим и од цела Јудеја и отишле во планините источно од реката Јордан. Некои останале во Пела, во провинцијата Переја. Тие ја напуштиле Јудеја и не се вратиле назад. Тоа што обрнале внимание на Исусовото предупредување им го спасило животот.
Дали ги сфаќаш сериозно предупредувањата од уважени извори?
Откако чуле за голем број предупредувања кои никогаш не се оствариле, многу луѓе површно ги сфаќаат сите предупредувања. Меѓутоа, ако ги послушаш предупредувањата, можеш да си го спасиш животот.
Во 1975 година, во Кина биле дадени предупредувања дека ќе има земјотрес. Властите стапиле во акција. Луѓето поволно реагирале. Биле спасени многу илјади животи.
Во април 1991 година, селаните од падините на планината Пинатубо на Филипините известиле дека планината исфрла пареа и пепел. Откако два месеца ја набљудувал состојбата, Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија предупредил дека се заканува непосредна опасност. Од тоа подрачје веднаш биле евакуирани десетици илјади луѓе. На 15 јуни, рано наутро, со силна експлозија биле исфрлени кон небото и се спуштиле над околината повеќе од 5 милијарди тони материи во вид на прав. Тоа што обрнале внимание им го спасило животот на илјадници луѓе.
Библијата предупредува дека на сегашниов систем на работи му претстои крај. Моментално живееме во последните денови. Додека се приближува крајот, дали бдееш? Дали преземаш чекори да останеш надвор од опасната зона? Со чувство на итност, дали ги предупредуваш другите да го сторат истото?
[Слика на страница 20]
Со тоа што обрнале внимание на предупредувањето многумина си го спасиле животот кога планината Пинатубо исфрлила вулкански пепел
[Слика на страница 21]
Животите на христијаните кои го послушале Исусовото предупредување биле поштедени кога Ерусалим бил уништен во 70 н. е.