Наскоро крај на сето страдање!
Некогаш во животот веројатно си се запрашал: ‚Зошто има толку многу страдање?‘ Илјадници години, човештвото многу страда од војни, сиромаштија, несреќи, криминал, неправди, болести и смрт. А изминативе сто години му донеле повеќе страдање од кога и да било порано. Ќе му дојде ли некогаш крај на сето ова?
Утешителниот одговор е да, и тоа наскоро! Божјата реч, Библијата, наведува: „Ќе го снема безбожникот . . . Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“. Колку долго? „Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“ (Псалм 37:10, 11, 29).
Откако Бог ќе ги отстрани злобата и страдањето, Земјата ќе биде претворена во рај. Тогаш луѓето ќе можат да живеат засекогаш, среќни и совршено здрави. Божјата реч прорекува: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка“ (Откровение 21:4).
Во тој нов свет, дури и мртвите ќе бидат вратени во живот, за и тие да ги уживаат благословите од него. „Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Затоа, на еден злосторник што се покајал и изразил вера во него, Исус Христос можел да му рече: „Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43).
Зошто почнало страдањето?
Ако Бог имал намера луѓето да имаат таква прекрасна иднина, зошто дозволил да започне страдањето? И зошто допуштил да трае толку долго?
Кога ги создал Адам и Ева, Бог им подарил совршено тело и совршен ум. Ги сместил во рајска градина и им дал задоволувачка работа. Библијата наведува: „Бог виде сѐ што направи, и ете, беше многу добро“ (Битие 1:31). Да го послушале Бог, ќе имале совршени деца, а целата планета ќе станела рај во којшто луѓето засекогаш ќе живееле во мир и во среќа.
Бог го всадил во Адам и Ева прекрасниот дар на слободна волја како дел од човечката природа. Не ги направил како роботи, неспособни да мислат со своја глава. Меѓутоа, дали ќе продолжат среќно да живеат зависело од тоа дали ќе ја користат слободната волја на исправен начин — така што ќе ги почитуваат Божјите закони. Бог вели: „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17). Ако ја злоупотребеле слободната волја би дошло до катастрофа, бидејќи луѓето не биле создадени да можат да успеат во животот независно од Бог. Библијата вели: „Патот на човекот не е во неговата власт, човекот, кој што оди, не може да ги управува своите чекори!“ (Еремија 10:23).
За жал, нашите прародители сметале дека можат да бидат независни од Бог и пак да бидат успешни. Но, кога го отфрлиле Божјето владеење, Бог престанал да ги одржува во совршена состојба. Така почнале да пропаѓаат сѐ додека на крајот не остареле и не умреле. Според законите на генетиката, ние сме ја наследиле таа несовршеност и смртта (Римјаните 5:12).
Главното спорно прашање — суверенитетот
Зошто Бог не ги уништил Адам и Ева и не создал уште една човечка двојка? Затоа што бил оспорен Божјиот универзален суверенитет, односно, неговото право да владее. Требало да се расчисти прашањето: Кој има право да владее, и чие владеење е исправно? Или земено пошироко: Дали на луѓето би им било подобро кога со нив не би владеел Бог? Со тоа што им дал доволно време и апсолутна слобода да експериментираат, Бог оставил еднаш засекогаш да се докаже дали е подобро кога тој владее над луѓето или кога самите тие владеат. Времето што било дозволено за тоа морало да биде доволно долго за луѓето да можат да го испробаат секој вид политички, општествен, економски и религиозен систем одвоено од Божјето водство.
Каков е резултатот? Илјадниците години човечка историја зборуваат само за сѐ поголемо страдање. Во минатиот век, човечкото семејство доживеа повеќе страдање од кога и да е порано. Милиони беа убиени за време на холокаустот. Преку 100 милиони животи паднаа во војни. Криминалот и насилството разуздано се шират. Злоупотребата на дрога е епидемија. Сексуално преносливите болести се незапирливи. Десетици милиони умираат секоја година од глад и од болести. Семејниот живот и моралните вредности насекаде се во распад. Ниедна човечка влада ги нема решенијата на овие проблеми. Ниедна не ги отстранила стареењето, болеста и смртта.
Состојбата на човештвото е токму онаква каква што Библијата прорекла дека ќе биде во нашево време. Божјата реч ја означува нашата ера како „последните денови“ на овој систем на работи, кога „ќе настанат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“. И токму како што рекла Библијата, ‚злите луѓе и измамниците напредуваат од лошо на полошо‘ (2. Тимотеј 3:1-5, 13).
Близу е крајот на страдањето
Сите докази укажуваат на тоа дека се приближува крајот на жалосните обиди на човекот да биде независен од Бог. Јасно е дека луѓето никогаш не ќе можат да владеат успешно независно од него. Само Божјето владетелство може да донесе мир, среќа, совршено здравје и вечен живот. Сево ова значи дека се ближи крајот на периодот во кој Јехова допуштил да има зло и страдање. Наскоро Бог ќе се вмеша во она што се случува меѓу луѓето така што ќе го уништи целиот овој неуспешен систем на работи.
Пророштвото во Библијата вели: „Во времето на овие цареви [човечките влади што постојат сега] Небесниот Бог ќе подигне Царство [на небото] кое никогаш нема да пропадне . . Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства [сегашните владетелства], а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44). Главната работа за која учи Библијата е дека, преку своето небесно Царство, Јехова ќе го одбрани својот суверенитет, односно своето право да владее. Претскажувајќи еден клучен дел од знакот по кој ќе се препознаат „последните денови“, Исус рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).
Кога ќе дојде крајот, кој ќе преживее? Одговорот што го дава Библијата е: „Само праведните ќе ја населат земјата и непорочните ќе останат на неа; а беззакониците ќе бидат збришани од земјата“ (Пословици 2:21, 22). Праведните се оние што учат која е Јеховината волја и ја вршат. Исус Христос рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Да, „светот поминува . . . но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17).
Доколку не е наведено поинаку, библиските стихови од Хебрејските списи се земени од преводот на Д-р/Д-р Душан Х. Константинов (ДХК), а од Грчките списи се земени од Превод Нов свет на Христијанските грчки списи. Кога по некој стих од Хебрејските списи стои кратенката NW, тоа значи дека е направен превод од англискиот New World Translation of the Holy Scriptures—With References, а ако стои кратенката ПСП, тоа значи дека е користено Светото писмо — издание на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, 1991 година.