Бог ќе дозволува страдања уште малку време
КАДЕ и да погледнеш има страдања. Некои луѓе сами си ги предизвикуваат. Се заразуваат со сексуално преносливи болести, или ги доживуваат последиците од злоупотребата на дрога или алкохол или од пушењето. Или, можеби наидуваат на здравствени проблеми поради лошите навики на исхрана. Меѓутоа, голем дел од страдањата се последица од фактори или настани кои се надвор од контролата на просечниот човек: војната, етничкото насилство, криминалот, сиромаштијата, гладот, болестите. Нешто друго кое луѓето во суштина не можат да го контролираат се страдањата поврзани со стареењето и смртта.
Библијата нѐ уверува дека „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Тогаш, зошто еден Бог полн со љубов дозволил сите овие страдања да траат толку векови? Кога ќе ја поправи ситуацијата? За да одговориме на овие прашања, треба да ја испитаме Божјата намера во врска со луѓето. Ова ќе ни помогне да разбереме зошто Бог ги дозволува страдањата и што ќе стори во врска со нив.
Дарот на слободна волја
Кога го создал првиот човек, Бог направил нешто повеќе од тело со мозок. Освен тоа, Бог не ги создал Адам и Ева како безумни роботи. Во нив ја всадил способноста на слободна волја. А тоа бил прекрасен дар, бидејќи ‚Бог видел сѐ што направил, и ете, било многу добро‘ (Битие 1:31). Да, „делото му е совршено“ (Второзаконие 32:4). Сите ние го цениме овој дар на слободна волја бидејќи не сакаме сите мисли и постапки да ни бидат диктирани без да имаме право на избор.
Меѓутоа, дали прекрасниот дар на слободна волја требало да се користи без никакви граници? Во упатствата што им биле дадени на раните христијани, Божјата реч одговара: „Бидете како слободни луѓе, а сепак имајте ја својата слобода не како покривка за злоба, туку како Божји робови“ (1. Петрово 2:16). За општото добро, мора да постојат граници. Според тоа, слободната волја требало да се регулира со мерилото на законот. Инаку, би дошло до анархија.
Чиј закон?
Со чиј закон требало да се одредат исправните граници на слободата? Одговорот на ова прашање е поврзан со фундаменталната причина зошто Бог ги дозволува страдањата. Со оглед на тоа што ги создал луѓето, Бог најдобро знае на кои закони треба да бидат послушни за нивно добро и за доброто на другите. Библијата го изложува тоа вака: „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17).
Јасно, една битна поента е: Луѓето не биле создадени за да бидат независни од Бог. Тој ги создал на таков начин што нивниот успех и среќа зависат од послушноста кон неговите праведни закони. Божјиот пророк Еремија рекол: „Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори!“ (Еремија 10:23).
Бог го направил човештвото да биде зависно од неговите физички закони, како што е законот за гравитација. На сличен начин, ги направил луѓето да бидат зависни и од неговите морални закони, кои се наменети да создадат хармонично општество. Значи, Божјата реч со добра причина поттикнува: „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум“ (Пословици 3:5).
Значи, човечкото семејство никогаш не би можело успешно да се регулира самото себе без Божјето владетелство. Обидувајќи се да бидат независни од него, луѓето ќе измислат социјални, економски, политички и религиозни системи кои меѓусебно ќе бидат во конфликт и ‚човек ќе владее над човек за негова несреќа‘ (Проповедник 8:9).
Што тргнало наопаку?
Бог им дал совршен почеток на нашите прародители Адам и Ева. Тие имале совршени тела и умови и рајска градина за свој дом. Да се подложеле на Божјата влада, ќе останеле совршени и среќни. Со текот на времето, ќе биле родители на едно цело совршено, среќно човечко семејство кое ќе живеело на рајска Земја. Тоа било Божјата намера за човечкиот род (Битие 1:27-29; 2:15).
Меѓутоа, нашите првобитни предци ја злоупотребиле својата слободна волја. Погрешно мислеле дека можат да бидат успешни независно од Бог. По своја сопствена слободна волја, ги пречекориле границите на неговите закони (Битие, поглавје 3). Поради тоа што го отфрлиле неговото владетелство, тој повеќе не бил должен да ги одржува во совршенство. ‚Тие постапиле погубно, не останале негови деца, и дефектот бил нивни‘ (Второзаконие 32:5, NW).
Од моментот кога му станале непослушни на Бог, телото и умот на Адам и Ева почнале да се дегенерираат. Изворот на животот е кај Јехова (Псалм 36:9). Бидејќи се отсекол од Јехова, првиот човечки пар станал несовршен и, на крајот, умрел (Битие 3:19). Во склад со законите за генетско наследство, потомството можело да го добие само она што го поседувале родителите. А што било тоа? Несовршеност и смрт. Затоа апостол Павле напишал: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5:12).
Главното спорно прашање — суверенитетот
Кога се побуниле против Бог, Адам и Ева го оспориле неговиот суверенитет, т.е. неговото право да владее. Јехова можел да ги уништи и да започне со нов пар, но тоа не би го решило спорното прашање за тоа чие владетелство е исправно и најдобро за луѓето. Поради тоа што им било дадено време да развијат свои општества во склад со своите идеи, луѓето без никакво сомнение би покажале дали владетелството независно од Бог воопшто би било успешно.
Што ни кажуваат неколкуте илјади години од човечката историја? Низ сите тие векови, луѓето испробале многу видови општествени, економски, политички и религиозни системи. Меѓутоа, злобата и страдањата продолжиле да постојат. Всушност, ‚злите луѓе напредувале од лошо на полошо‘, особено во нашево време (2. Тимотеј 3:13).
Дваесеттиот век доживеал кулминација во научните и индустриските дострели. Но, ги доживеал и најужасните страдања во целата историја на човечкиот род. И без разлика на тоа колкав медицински напредок е постигнат, сѐ уште е вистинит Божјиот закон: Луѓето одвоени од Бог — изворот на животот — се разболуваат, стареат и умираат. Колку само јасно се докажало дека луѓето не можат да ‚ги управуваат своите чекори‘!
Божјиот суверенитет — потврден
Овој трагичен експеримент во независноста од Бог еднаш засекогаш покажал дека владетелството на луѓето одвоено од него не може никогаш да успее. Само Божјето владетелство може да донесе среќа, единство, здравје и живот. Освен тоа, непогрешливата Реч на Јехова Бог, Светото Писмо, покажува дека живееме во „последните денови“ на човечкото владеење независно од Бог (2. Тимотеј 3:1-5). Јеховиното толерирање на тоа владеење, како и на злобата и страдањата се приближува кон својот крај.
Наскоро Бог ќе се вмеша во човечките работи. Писмото ни кажува: „Во времето на овие цареви [човечките владетелства кои постојат сега] Небесниот Бог ќе подигне Царство [на небото] кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ [никогаш повторно нема да владеат луѓе на Земјата]. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства [сегашниве владетелства], а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44).
Оправдувањето на суверенитетот на Јехова Бог преку небесното Царство е тема на Библијата. Тоа му било на Исус најважното учење. Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).
Кој ќе преживее, а кој не, кога Божјето владетелство ќе го замени човековото владеење? Во Пословици 2:21, 22 сме уверени: „Само праведните [оние што ја поддржуваат Божјата влада] ќе ја населат земјата и непорочните ќе останат на неа, а беззакониците [оние што не ја поддржуваат Божјата влада] ќе бидат збришани од земјата“. Божествено инспирираниот псалмист пеел: „Уште малку и ќе го снема безбожникот . . . Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир. Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“ (Псалм 37:10, 11, 29).
Прекрасен нов свет
Под владетелството на Божјето Царство, оние што ќе го преживеат крајот на сегашниов систем на работи ќе бидат воведени во Земја исчистена од злоба и страдања. За човештвото ќе биде обезбедена поука дадена од Бог, и со текот на времето „земјата ќе се исполни со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода“ (Исаија 11:9). Ова изградувачко, позитивно поучување ќе има за резултат едно навистина мирољубиво, хармонично човечко општество. На тој начин нема да има повеќе војна, убиства, насилство, силување, кражби или некаков друг криминал.
Послушните луѓе кои ќе живеат во Божјиот нов свет ќе добијат прекрасни физички користи. Ќе бидат отстранети сите лоши последици од побуната против Божјата влада. Несовршеноста, болеста, староста и смртта ќе му припаѓаат на минатото. Библијата нѐ уверува: „Ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“ Освен тоа, Писмото ветува: „Очите на слепците ќе прогледаат, ушите на глувите ќе се отворат, тогаш хромиот ќе скока како елен, јазикот на немиот ќе воскликнува“ (Исаија 33:24; 35:5, 6). Колку само возбудливо ќе биде да се ужива блескаво здравје секој ден — засекогаш!
Под Божјето љубезно водство, жителите на тој нов свет ќе ја користат својата енергија и своите вештини за да изградат рај по целата Земја. Сиромаштијата, гладот и бездомништвото ќе исчезнат засекогаш, бидејќи пророштвото на Исаија вели: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други“ (Исаија 65:21, 22). Навистина, „секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши“ (Михеј 4:4).
Земјата ќе реагира на љубезната грижа на Бог и на послушните луѓе. Ги имаме овие библиски гаранции: „Нека се зарадува пустината, исушената земја, нека воскликнува степата, нека расцвета лилјанот . . . во пустината ќе бликнат води, а во степата потоци“ (Исаија 35:1, 6). „Нека има изобилство на живот во земјата, класјето по врвовите нека шуми!“ (Псалм 72:16).
А што е со милијардите луѓе кои умреле? Оние што се наоѓаат во Божјето сеќавање ќе бидат вратени во живот, зашто „ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Да, мртвите ќе бидат вратени во живот. Тие ќе бидат поучени за прекрасните вистини во врска со Божјето владетелство и ќе им биде дадена можност да живеат засекогаш во Рај (Јован 5:28, 29).
На овие начини, Јехова Бог ќе направи целосен пресврт на страшната состојба на страдања, болести и смрт која го држи човештвото во својот стисок неколку илјади години. Нема да има повеќе болести! Нема да има повеќе хендикепи! Нема да има повеќе смрт! Бог ‚ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи ќе бидат поминати‘ (Откровение 21:3, 4).
На тој начин Бог ќе стави крај на страдањата. Тој ќе го уништи овој расипан свет и ќе воведе еден сосема нов систем на работи во кој „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13). Каква само добра вест е тоа! Нам очајнички ни е потребен тој нов свет. И не ќе треба долго да чекаме за да го видиме. Од исполнувањето на библиските пророштва знаеме дека новиот свет е на прагот, а Бог ќе дозволува страдања уште малку време (Матеј 24:3-14).
[Рамка на страница 8]
Промашување на човечкото владеење
Во врска со човечкото владетелство, поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит рекол: „Ние луѓето . . . отсекогаш сме владееле со светот само делумно, и поголемиот дел од тоа време многу лошо . . . Никогаш не сме владееле со него во тотален мир“. Human Development Report 1999 забележал: „Сите земји известуваат за ерозија во нивната општествена структура, со социјален немир, повеќе криминал, повеќе насилство во домот . . . Глобалните закани се множат, надминувајќи ги националните способности да се зафатат со нив, и се со поголема брзина од меѓународните реакции“.
[Слики на страница 8]
„Тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11)
[Извори на слики на страница 5]
Трета одозгора, мајка и дете: фотографија на ФАО/B. Imevbore; долу, експлозија: фотографија на U.S. National Archives