Единаесетто поглавје
Јехова сака луѓето да добијат живот, а ти?
1, 2. а) Што учиме од начинот на кој реагирал Јона на одлуката на Јехова да ги поштеди ниневијците? б) Зошто треба да се потрудиме да ја разбереме милоста на Бог и неговото гледиште за животот?
ЈЕХОВА бил радосен, но неговиот пророк бил нерасположен. Бог милостиво им го поштедил животот на илјадници луѓе. А Јона сакал тие да изгинат! Јехова одлучил да им прости и да ги поштеди од смрт непријателите на својот народ.
2 Како што гледаме од примерот на Јона, понекогаш нам луѓето ни е тешко да сфатиме колку е трпелив Бог и да имаме исто толку голема желба другите да добијат живот. Кога Јехова одлучил да ги поштеди ниневијците, на Јона ‚му било многу криво поради тоа и се разгневил‘. Можно ли е на Јона да му биле поважни неговите сопствени чувства отколку да им се покаже милост и да се спасат животите на тие луѓе? Можеби си мислел дека, ако ниневијците се поштедени, тој ќе си го изгуби угледот како пророк (Јона 4:1, 10, 11). Каква е ситуацијата во нашево време, кога Јеховиниот ден на суд е толку близу? Запрашај се: ‚Како подобро да ја разберам и повеќе да ја ценам спремноста на Бог да прости? И како можам да им помогнам на грешниците што се покајале уште повеќе да ја почувствуваат Божјата милост? Како можам и јас, исто како Бог, да покажам дека сакам луѓето да добијат живот?‘
ПРАВДАТА И МИЛОСТА СПАСУВААТ ЖИВОТИ
3. Објасни зошто Божјата правда и милост не си противречат.
3 Некои мислат дека во овие 12 пророчки книги се зборува само за Божјиот гнев, за тоа како Бог ги казнувал луѓето и како ја спроведувал правдата. Можеби се прашуваат: ‚Каде е Јеховината милост? Сака ли тој луѓето да се спасат?‘ Божјата правда и неговата милост не си противречат, напротив, се надополнуваат и помагаат да се спасат животи. Правдата и милоста се две карактеристики на Божјата совршено урамнотежена личност (Псалм 103:6; 112:4; 116:5). Со тоа што ќе ја отстрани штетата нанесена од злобните, Бог ќе им покаже милост на праведните. Тоа е доказ за неговата совршена правда. Од друга страна, бидејќи е совршено праведен, Јехова милостиво ги зема предвид ограничувањата на несовршените луѓе. Би можеле накратко да кажеме вака: Бог казнува тогаш кога треба, а покажува милост секогаш кога е можно. Во пораките на пророците можеме да најдеме многу изјави што ја потврдуваат оваа совршена рамнотежа и што докажуваат дека Бог сака луѓето да добијат живот. Да го разгледаме ова малку подетално и, додека го правиме тоа, барај поуки што ќе можеш да ги примениш во својот живот.
4. Кој доказ го имаме дека Бог сака луѓето да добијат живот?
4 Пророкот Јоил носел порака на осуда но, исто така, кажал и дека Бог „е милостив и милосрден, бавен на гнев и полн со милост“ (Јоил 2:13). Околу сто години подоцна, во осмиот век пр.н.е., Михеј нагласил колку многу ни е потребно Јехова да ни прости. Михеј прво го поставил прашањето: „Кој Бог е како тебе?“, а потоа вака го опишал Јехова: „Нема засекогаш да се гневи, зашто сака да покажува милост. Повторно ќе ни покаже милост“ (Михеј 7:18, 19). Како што можеме да видиме од она што го запишал Јона за ниневијците, Бог е спремен да ја промени својата одлука да ги казни оние што го предизвикале неговиот гнев доколку покажат на дело дека вистински се каат.
5. Кои обележја на Божјата милост и на неговата желба да се спасат животи најмногу ти се допаѓаат? (Види ја и рамката „Се ставиле на располагање“.)
5 Точно, ние не живееме во времето на 12-те пророци. Сепак, зарем не сме благодарни што Јехова е милостив и сака луѓето да се спасат? Таквата благодарност ќе ни помогне да станеме поблиски со Бог и уште повеќе да сакаме да им помогнеме на другите да добијат живот. Иако повеќето луѓе денес водат лош живот, уверени сме дека Бог „не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Ова се гледа од топлите зборови што ги кажал Осија кога повторно ја примил својата неверна жена. И Јехова ‚љубезно зборувал‘ со својот народ. Тој не морал да му прости, но сакал да го направи тоа и „со задоволство“ го направил (Осија 1:2; 2:13, 14; 3:1-5; 14:4). Знаеш ли зошто е толку важно тоа што Бог сака да им прости на луѓето? Затоа што се работи за животи. Други докази за милоста на Бог и за неговата желба луѓето да добијат живот можеш да најдеш во христијанското собрание, кое извршува едно дело во кое си вклучен и ти.
ДА ИМ ПОМАГАМЕ НА ЛУЃЕТО ДА ДОБИЈАТ ЖИВОТ
6. На кој важен начин Бог покажува дека сака луѓето да добијат живот?
6 Зошто им проповедаш на луѓето? Една од главните причини е тоа што сакаш да им помогнеш на другите да го запознаат вистинскиот Бог. Луѓето треба да знаат нешто многу важно за Јехова: Тој дава јасни предупредувања пред да изврши некоја казна. Ова покажува дека тој милостиво е заинтересиран за луѓето и дека не сака да умрат туку да добијат живот. Дванаесетте пророци им кажувале на оние што грешеле дека Бог им дава шанса да се променат и да не го осетат неговиот праведен гнев. И ние денес правиме нешто слично. Како христијанин, ти имаш чест да го разгласуваш предупредувањето во врска со Божјиот ден на одмазда кој сѐ повеќе наближува. Прави го тоа без желба да им се одмаздиш на оние што не ја прифаќаат библиската порака и немој да им посакуваш „да си го добијат она што си го заслужуваат“. Секогаш потсетувај се дека, во голема мера, твојата цел зошто проповедаш е некои да тргнат по патот што води во живот (Јоил 3:9-12; Софонија 2:3; Матеј 7:13, 14).
7. а) Зошто е многу важно да проповедаме? б) Ако луѓето на кои им проповедаме се рамнодушни, како ќе ни помогне тоа што ќе размислуваме како Јехова?
7 Секогаш кога зборуваш за вистината од Библијата, било на нечија врата, на училиште, на работа или на кое и да било друго место, ти им помагаш на луѓето на кои им е неопходно Бог да им покаже милост и да им прости (Осија 11:3, 4). Точно, можеби некои ќе бидат рамнодушни и незаинтересирани. Сепак, ако и покрај тоа истрајно проповедаш, го следиш примерот на нашиот милостив Бог кој, преку Захарија, му рекол на својот тврдоглав народ: „Вратете се, ве молам, од своите лоши патишта и од своите лоши дела“ (Захарија 1:4). Кој знае уште колку луѓе ќе ја прифатат вистината ако продолжиш да им кажуваш колку милостив е Бог и ако им го покажеш патот што води во живот! Никогаш не заборавај дека проповедаш затоа што Јехова сака луѓето да добијат живот, а сигурно и ти го сакаш тоа.
8. Зошто ќе нѐ охрабри тоа што ќе имаме на ум дека некои позитивно реагирале на Божјата милост?
8 За нас е вистинско охрабрување ако имаме на ум дека речиси секогаш имало луѓе кои ги прифаќале Божјите пораки. На пример, Осија зборувал за оние што сфатиле дека „патиштата на Јехова се прави“. Потоа додал: „Праведни се оние што одат по нив“ (Осија 14:9). Веќе со векови, мнозина се оѕвиваат на повикот на Бог: „Вратете се кај мене со сето свое срце“ (Јоил 2:12). Овие зборови им биле упатени на луѓе што веќе го познавале Јехова, но тој го мисли истото и за оние кои штотуку почнале да учат за него. Да, Бог не изгубил верба дека луѓето може да зажалат за грешките што ги правеле порано, дека можат да се покаат и да почнат да го прават она што е исправно. Тоа им дава шанса да се спасат (1. Тимотеј 4:16).
9. Како што може да се види од примерот на ниневијците, што е потребно за спасение?
9 Можеме да научиме уште нешто од тоа што Јехова им простил на ниневијците. Знаеме дека тие сериозно го сфатиле предупредувањето за Божјата казна што ги чекала и ‚му поверувале на Бог‘ (Јона 3:5). Но, за да се спасат, морале да имаат вера, а не само страв од казната. Бидејќи Јехова многу сака луѓето да се покаат и својата вера да ја докажат со дела, тој ни допушта да проповедаме за да им помогнеме да одлучат што ќе прават. Каков е резултатот од тоа? За ниневијците читаме: „Вистинскиот Бог ги виде нивните дела, дека се вратија од својот лош пат, и затоа на вистинскиот Бог му падна жал што им се закани со неволја, и не им ја нанесе“ (Јона 3:10). Јехова не може да биде измамен со зборови или со површни дела на покајание. Ниневијците сигурно вистински се покајале и го покажале тоа со своите дела. Бог видел дека тие навистина се промениле, што значи дека вистински се каеле и имале вера.
10. Кои се некои ситуации кога Јехова им овозможил на верните да се спасат?
10 Но, тоа што Јехова сака да се спасат животи не им било од корист само на ниневијците. Кога Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е. — откако Авдија, Наум и Авакум ја завршиле својата служба — Јехова овозможил да се спаси послушниот Еремија и една група негови верни пријатели (Еремија 39:16-18). Божјите пророци претскажале и дека еден покајнички остаток од Божјиот народ ќе се врати од Вавилон и повторно ќе почне да му служи на Бог на исправен начин (Михеј 7:8-10; Софонија 3:10-20). Главното исполнување на тие пророштва било во поново време. По Првата светска војна помазаните христијани, кои го имале запоставено вистинското обожавање, повторно се активирале. Одново почнале ревносно да проповедаат, поради што Јехова гледал со наклоност на нив, а тоа им дало можност да добијат живот. И денес, луѓе од ‚многу народи поаѓаат по Јехова‘ (Захарија 2:11). Тие имаат надеж дека ќе го преживеат претстојниот крај на овој свет. Според тоа, ние не проповедаме само затоа што на христијаните им е заповедано да проповедаат. Ниту, пак, го правиме тоа само за да се исполни она што било проречено (Матеј 24:14; 28:19, 20). Главната цел на нашето проповедање е да им помогнеме на луѓето да го запознаат Јехова, да поверуваат во него и да добијат живот.
ЖИВОТ ЗА ОНИЕ ШТО МУ СЕ ВРАЌААТ НА ЈЕХОВА
11, 12. Како може тоа што Бог е милостив да им користи на оние што некогаш му служеле?
11 Јехова е заинтересиран за новите во собранието и сака да добијат живот, но тој не ги заборава ни оние што веќе му служат. И ние треба да бидеме заинтересирани за нив и да им помогнеме да продолжат да чекорат по патот што води во живот. Како можеме да го покажеме тоа во пракса?
12 Веројатно познаваш некои што го запознале Јехова, покажале вера во него и почнале да му служат, но сега не го прават тоа. Јеховините пораки што ги објавувале 12-те пророци покажуваат дека тој сакал да им покаже милост на оние што порано биле меѓу неговиот народ, но не истрајале во службата за Него. Бог и денес е спремен да го направи тоа, без разлика дали таквите лица биле одвлечени од верата, отстапиле од Бог или направиле некој грев и треба да се покаат (Евреите 2:1; 3:12). Иако веројатно не се среќни што се оддалечиле од Јехова, можеби сепак им е тешко да се вратат. Преку својот пророк, Јехова ги повикува: „Вака вели Јехова над војските: ‚Вратете се кај мене‘, вели Јехова над војските, ‚и јас ќе се вратам кај вас‘“ (Захарија 1:3). А колкаво само охрабрување се зборовите на Осија, кој вели: „Врати се, Израеле, кај Јехова, својот Бог, зашто се спрепна во својот престап. Земете со себе зборови на покајание и вратете се кај Јехова. Кажете му сите: ‚Прости ни ја вината и прими го она што е добро‘“. Да, Бог може да им прости дури и на оние што направиле тежок грев, но потоа вистински се покајале и му се вратиле. Тоа ќе им помогне духовно да закрепнат (Осија 6:1; 14:1, 2; Псалм 103:8-10). Така било во времето на пророците, а така е и денес.
13. Кои причини ги имаме за да им покажуваме милост на оние на кои Бог им простил?
13 Но, што значи ова за христијаните кои и понатаму одат по патот што води во живот? Како ќе покажеме дека ги гледаме другите онака како што ги гледа Јехова? Јехова очекува да бидеме милостиви и кон новите и кон оние што престанале да му служат. Преку Осија, тој ни кажал што бара од нас: „Мене ми е мила добрината, а не жртвата“. На темел на овие зборови Исус Христос рекол: „Затоа, одете и научете што значи ова: ‚Милост сакам, а не жртва‘“ (Осија 6:6; Матеј 9:13). За да задржиме добар однос со Бог, многу е важно да покажуваме милост. Апостол Павле рекол дека, кога простуваме, постапуваме како Бог. Забележи како ги поврзал овие две работи: „Бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг како што и Бог преку Христос спремно ви прости. Затоа, угледајте се на Бог, како негови љубени деца, и живејте во љубов“ (Ефешаните 4:32 — 5:2). Се угледуваш ли на Бог во овој поглед?
14, 15. Во кои околности може да биде ставен на испит нашиот став кон Јеховината спремност да прости?
14 Но, што ако некој брат направил тежок грев и не се покајал, па морал да биде исклучен од собранието? Нешто слично се случувало и во првиот век — христијаните кои правеле грев и не се каеле морале да бидат исклучени. Штом такво нешто се случувало додека биле живи апостолите на Исус, не треба да нѐ изненади што и денес повремено се случуваат такви работи. Кога ќе дојде до тоа, верните членови на собранието ја почитуваат библиската заповед да не се дружат со исклучениот. Тоа што ќе му останат верни на Јехова, може да му помогне на оној што згрешил да ја сфати сериозноста на својот грев и да се покае. Во Библијата читаме дека еден човек од Коринт бил исклучен, но подоцна се покајал и се поправил, и така повторно бил примен во собранието (1. Коринќаните 5:11-13; 2. Коринќаните 2:5-8). Како се чувствуваш кога ќе се случи такво нешто денес? Како можеш да покажеш дека сакаш другите да добијат живот?
15 Престапникот кој се покајал можеби е посрамен и очаен, па затоа треба да му покажеме дека Бог и неговите браќа го сакаат и дека сакаат тој да добие живот. Забележи колку нежно Бог го охрабрил својот древен народ кој се покајал: „Со свршувачка ќе те врзам за себе во верност, и ќе ме познаваш мене, Јехова“ (Осија 2:20). И ние треба да се угледаме на Бог, за кого Захарија рекол дека е спремен да се смилува (Захарија 10:6).
16. Како треба да реагираме кога некој повторно ќе биде примен во собранието?
16 Бог сака луѓето да добијат живот и затоа се радува кога некој грешник ќе се покае или кога некој Негов неактивен слуга ќе почне повторно ревносно да му служиa (Лука 5:32). Во случајот со човекот што повторно бил примен во собранието во Коринт, Павле ги поттикнал браќата во собранието да му простат и да го охрабрат, и со тоа да му покажат дека вистински го сакаат: „На таквиот му е доволно што е укорен од повеќето... спремно простете му и утешете го, за да не го скрши преголемата жалост. Затоа ве молам, покажете му дека го сакате“ (2. Коринќаните 2:6-8). Сети се што им рекол Јехова преку Осија на оние што претходно му грешеле: „Јас ќе ја излекувам нивната неверност. Ќе ги сакам со задоволство“ (Осија 14:4). Ќе се угледаме ли на Јехова така што радосно ќе направиме сѐ што можеме за да му помогнеме на таквиот да биде излекуван и да добие вечен живот?
17, 18. Како можеме со љубов да им помогнеме на оние што му се вратиле на Јехова или на членовите на семејството на некој што е исклучен?
17 Јехова јасно покажал дека се однесува со почит кон оние што ќе му се вратат, дека ги прифаќа со љубов, како што Осија спремно ја примил назад својата жена која му била неверна. Јехова ни кажува како постапувал со своите слуги: „Им бев како оние што го тргаат јаремот од нивната челуст, нежно ги хранев сите нив“ (Осија 11:4). Навистина сме трогнати кога гледаме со колкава љубов и колку нежно Јехова им помага на оние што се каат да му се вратат! Можеме да го следиме неговиот пример со тоа што нема да бидеме крути или ладни со оној на кого му е жал што му згрешил на Бог и кој искрено се покајал. Откако повторно ќе биде примен во собранието, треба да го тешиме секогаш кога му е потребна утеха, а не да му се лутиме поради грешките што ги направил во минатото (1. Солуњаните 5:14).
18 Ти текнува ли во кои други работи можеш да го следиш примерот на Јехова кога некој ќе биде исклучен од собранието? Ако некој морало да биде исклучен, би можеле да им помогнеме на членовите на неговото семејство, можеби на сопружникот и на децата кои останале верни. Можеби тие се борат да продолжат редовно да доаѓаат на состаноци и да одат во служба. Ќе им ја дадеме ли поддршката што им е потребна? Друг начин да покажеме милост е да им кажуваме „пријатни, утешни зборови“ и да започнуваме охрабрувачки разговори со таквите верни лица (Захарија 1:13). Имаме многу можности за тоа пред и по состаноците, додека сме заедно во службата или во други прилики. Тие се наши соработници, мили членови на нашето собрание и не треба да чувствуваат дека другите ги одбегнуваат или ги отфрлаат. Има и случаи кога само децата на некој исклучен родител се трудат и понатаму да му служат на Јехова. Ние навистина сакаме тие да добијат живот. Како ќе им го покажеме тоа?
„МИЛОСТИВ КОН ДЕТЕТО БЕЗ ТАТКО“
19. Како Софонија му помогнал во духовен поглед на еден млад човек кој бил ‚дете без татко‘?
19 Убав пример за тоа како можеме да им помагаме на другите е Софонија, кој пророкувал во средината на седмиот век пр.н.е. Се претпоставува дека тој бил од царското семејство на Јуда, веројатно подалечен роднина на царот Јосија. Татко му на Јосија бил убиен и тој морал да седне на престолот кога имал само осум години. Тогаш се соочил со еден тежок проблем — народот бил длабоко вмешан во идолопоклонство и правел одвратни работи (Софонија 3:1-7). На младиот Јосија, кој останал без татко, му требале мудри поуки и добри совети за да управува со тој своеглав народ. Јехова мудро го водел преку Софонија и други пророци, како што беше спомнато во некои од претходните поглавја од оваа книга. Интересно е тоа што, иако Јехова преку својот пророк зборувал против „кнезовите“ на Јуда, сепак не рекол ништо против царот (Софонија 1:8; 3:3). Од ова може да се заклучи дека веројатно младиот цар Јосија уште тогаш сакал да му служи на Јехова на исправен начин. Несомнено, советите на пророкот му помогнале на Јосија уште поодлучно да ја исчисти Јуда од нечистото обожавање.
20. Како ќе им помогнеме на ‚децата без татко‘ ако се грижиме за нив во духовен поглед?
20 Тоа што Софонија се грижел за Јосија покажува колку многу се грижи Јехова за децата на кои им е потребна помош и кои се емоционално ранливи како, на пример, децата чии родители се исклучени. Осија рекол: „Ти [Боже] си милостив кон детето без татко“ (Осија 14:3). Познаваш ли некое дете „без татко“, на кое му треба некој што ќе му помага во врска со духовните и со секојдневните работи? Може да станува збор за деца кои се сираци во духовна смисла, за деца со еден родител или, пак, за деца од семејства во кои никој не му служи на Јехова. Дали тие деца ќе останат во собранието и духовно ќе напредуваат честопати зависи од тоа дали има некој што се грижи за нив во духовен поглед. Многу такви ‚деца без татко‘ израснале во урамнотежени, духовни личности, бидејќи за нив со голема љубов се грижеле зрелите христијани во собранието (Псалм 82:3).
21. Како можат зрелите христијани да им помогнат на децата?
21 На пример, на една самохрана мајка ќе ѝ биде од голема помош ако зрелите христијани се заинтересирани за нејзините деца (Јаков 1:27). Надгледниците и другите во собранието можат духовно да им помагаат на членовите на некое семејство што е во неповолна ситуација. Но, притоа мораат да покажат почит и обѕир кон мајката, која во тој случај е глава на семејството. Можеби ти и твојот брачен другар или твоето семејство би можеле да поминувате време со некое дете без татко. Можеш ли да им посветиш внимание на децата кои се осамени? Ним можеби им треба некој што ќе ги разбере и кому ќе можат да му се доверат. Добра прилика за тоа е службата на проповедање. Со оглед на тоа што сигурно имаш и многу други обврски, може да биде вистински ‚испит за искреноста на твојата љубов‘ редовно да им помагаш на тие деца во текот на подолг период (2. Коринќаните 8:8). Твоите напори ќе покажат дали сакаш другите да добијат живот.
22. Како влијае врз тебе тоа што Јехова сака другите да добијат живот?
22 Колку сме охрабрени кога размислуваме за тоа дека Бог многу ги сака луѓето и дека сака да добијат вечен живот! Нему му е многу помило да им ја покаже својата љубов и да им даде живот на праведните луѓе кои го сакаат, отколку да покаже дека е незадоволен со оние што не сакаат да се променат и кои не се достојни да добијат вечен живот. Затоа, додека со радост го чекаме Јеховиниот ден, да го следиме неговиот пример и да им помагаме на другите да одат по патот што води во живот.
[Фуснота]
a Три трогателни споредби покажуваат дека на Бог многу му значат неговите слуги кои скршнале од правиот пат — споредбата за изгубената овца, споредбата за изгубената паричка и споредбата за расипничкиот син (Лука 15:2-32).
КАКО ЌЕ ОДГОВОРИШ?
• Зошто е добро да го преиспиташ својот став кон милоста и сочувството? (Јона 4:1, 10, 11).
• Како се надополнуваат милоста и правдата на Јехова? (Осија 2:19; Михеј 7:9).
• Што учиме за Јеховината спремност да прости од примерот на ниневијците? (Јона 3:5, 9, 10; 4:2).
КОРИСНИ ПОУКИ
• Како им користи Божјата милост на оние што направиле тежок грев? (Осија 3:3; 4:2; 14:4).
• Кои се некои конкретни начини на кои можеш да покажеш добрина во собранието? (Осија 11:4; Захарија 1:13).
• Зошто е многу важно да покажуваме сочувство кога им помагаме на оние на кои им треба помош? (Софонија 3:16, 17).
[Рамка на страница 141]
СЕ СТАВИЛЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ
Дванаесетте пророци се извонреден пример за луѓе што сакале другите да добијат живот. И покрај жртвите што морале да ги прават, опасностите на кои наидувале и заканите што ги добивале, тие верно ги пренесувале своите пораки за доброто на Божјиот народ и на другите. Бидејќи Божјата организација на Земјата постојано расте, има голема потреба од духовно зрели мажи кои ќе служат како старешини и слуги-помошници во собранијата низ целиот свет. Исто така, има голема потреба од повеќе полновремени проповедници. Можеш ли да се угледаш на пророците и да се ставиш на располагање, користејќи ги своите вештини и таленти за да му служиш на Бог и во и надвор од собранието? Тоа е еден од најдобрите начини да се угледаме на Јехова и така да им помогнеме на другите да добијат живот.
[Слика на страница 143]
Понекогаш дури и Божјите слуги не можат потполно да ја сфатат Божјата милост
[Слика на страница 146]
Како можеш да му помогнеш на некој христијанин што некогаш ревносно му служел на Јехова да му се врати?
[Слика на страница 151]
Можеш ли со љубов да се грижиш за духовните потреби на децата „без татко“?