СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 41
Му служиме на Бог, кој е „богат со милосрдие“
Јехова е добар кон сите и неговото милосрдие почива над сите негови суштества (ПС. 145:9)
ПЕСНА 44 Молитва на потиштениот
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Како би опишал некој што е милосрден, и која споредба на Исус зборува за милосрдноста?
АКО сакаме да опишеме некој што е милосрден, можеби ќе кажеме дека е добар, срдечен, сочувствителен и великодушен. А можеби ќе помислиме и на добриот Самарјанин, за кого зборувал Исус во една споредба. Тој човек од друга нација покажал милосрдие кон еден Евреин кој бил нападнат од крадци. Самарјанинот се сожалил на повредениот Евреин и направил сѐ што може за да му помогне (Лука 10:29-37). Од оваа споредба учиме за една прекрасна особина на нашиот Бог — милоста. Таа е тесно поврзана со неговата љубов, и тој ја покажува кон нас секој ден на разни начини.
2. На кој друг начин може да се покаже милост?
2 Има уште еден начин како некој може да покаже милост. Една милосрдна личност може да одлучи да не казни некој што би требало да биде казнет. Во тој поглед, Јехова навистина е милосрден кон нас. Псалмистот напишал дека тој „не постапува со нас според нашите гревови“ (Пс. 103:10). Сепак, понекогаш Јехова може да одлучи строго да укори некој што направил грев.
3. Кои прашања ќе ги разгледаме?
3 Во оваа статија ќе добиеме одговор на три прашања: Зошто Јехова покажува милост? Можно ли е некој што дава строг укор истовремено да биде и милосрден? И, што може да ни помогне да покажуваме милост? Да видиме каков одговор ни дава Божјата Реч на овие прашања.
ЗОШТО ЈЕХОВА ПОКАЖУВА МИЛОСТ
4. Зошто Јехова покажува милост?
4 Јехова сака да покажува милост. Апостол Павле напишал дека Бог е „богат со милосрдие“. Во овој контекст, Павле спомнал дека Бог е милостив со тоа што на несовршени луѓе им дава надеж за живот на небото. Но, Јехова не покажува милост само кон своите помазани слуги (Еф. 2:4-7). Псалмистот Давид напишал: „Јехова е добар кон сите и неговото милосрдие почива над сите негови суштества“ (Пс. 145:9). Бидејќи ги сака луѓето, Јехова им покажува милост секогаш кога има основа за тоа.
5. Зошто може да кажеме дека Исус најдобро знае колку Јехова е милосрден?
5 Исус најдобро знае колку многу Јехова сака да покажува милост. Пред да дојде на Земјата, тој поминал илјадници години заедно со својот Татко на небото (Изр. 8:30, 31). Исус многупати видел како неговиот Татко им покажува милост на грешните луѓе (Пс. 78:37-42). Додека поучувал, Исус честопати ја истакнувал оваа прекрасна особина на неговиот Татко.
Таткото не го понижил својот изгубен син; тој срдечно го примил дома (Види во пасус 6)c
6. Како Исус опишал колку е милосрден неговиот Татко?
6 Како што видовме во претходната статија, Исус раскажал трогателна приказна за еден изгубен син од која се гледа колку многу Јехова сака да покажува милост. Синот си заминал од дома и го истрошил својот имот „живеејќи распуштено“ (Лука 15:13). Подоцна, се покајал што живеел неморално, се понизил и се вратил дома. Дали овој млад човек требало да чека долго за да види како ќе реагира татко му? Не. Исус рекол: „Додека [синот] уште беше далеку, неговиот татко го здогледа и се сожали, па потрча, му падна околу вратот и го избакна“. Таткото не го понижил својот син. Наместо тоа, милосрдно му простил и срдечно го примил дома. Иако изгубениот син направил многу гревови, таткото му простил затоа што искрено се каел. Милосрдниот татко од оваа споредба го претставува Јехова. На овој впечатлив начин, Исус покажал дека неговиот Татко е спремен да им прости на грешниците кои искрено се каат (Лука 15:17-24).
7. Како мудроста на Јехова се гледа од начинот на кој покажува милост?
7 Јехова покажува милост поради својата неизмерна мудрост. Неговата мудрост не е особина која е поврзана само со разумот, без да се вклучени чувства. Наместо тоа, Библијата вели дека „мудроста одозгора“ е „полна со милосрдие и со добри плодови“ (Јак. 3:17). Како родител полн со љубов, Јехова е свесен дека тоа што покажува милост е за доброто на неговите деца (Пс. 103:13; Иса. 49:15). Благодарение на Божјата милост, ние имаме надеж за иднината и покрај тоа што сме несовршени. Затоа што е многу мудар, Јехова секогаш покажува милост кога гледа дека има основа за тоа. Во исто време, Јехова ја покажува својата милост на совршено урамнотежен начин. Тој знае каде точно да повлече граница за да покаже милост, а да не биде попустлив.
8. Каква мерка понекогаш е потребно да се преземе, и зошто?
8 Да речеме дека еден Божји слуга намерно одлучува да живее неморално. Што треба да правиме? „Престанете да се дружите“ со таквото лице, напишал Павле под водство на светиот дух (1. Кор. 5:11). Кога некој прави грев и не се кае поради тоа, ќе биде исклучен од собранието. Таквата мерка е неопходна за да се заштитат верните браќа и сестри, и за да се поддржат Јеховините високи мерила. Но, на некои можеби им е тешко да гледаат на исклучувањето како на израз на Божјата милост. Да видиме зошто може да кажеме дека со исклучувањето сепак се покажува милост.
ДАЛИ СО ИСКЛУЧУВАЊЕТО СЕ ПОКАЖУВА МИЛОСТ?
Една овца може да биде одвоена од стадото кога е болна, но пастирот и понатаму ќе се грижи за неа (Види во пасуси 9-11)
9-10. Според Евреите 12:5, 6, зошто може да кажеме дека исклучувањето е израз на милост? Наведи пример.
9 Кога на некој состанок ќе биде известено дека некој што го знаеме и го сакаме „повеќе не е Јеховин сведок“, ни паѓа многу тешко. Можеби се прашуваме дали било неопходно да биде исклучен. Дали исклучувањето навистина е израз на милост? Да. Ако некому не му се даде потребниот укор, со тоа не би се покажало мудрост, милост ни љубов (Изр. 13:24). Дали исклучувањето може да му помогне некому да се покае и да се поправи? Да, може. Многу браќа и сестри кои сериозно му грешеле на Јехова рекле дека тоа што биле исклучени им помогнало да се вразумат, да го променат своето однесување и да се вратат во Јеховината топла прегратка. (Прочитај Евреите 12:5, 6.)
10 Размисли за следниов пример. Еден пастир забележува дека една од неговите овци е болна. Тој знае дека, за да може овцата да се излечи од таа болест, потребно е да биде одвоена од стадото. Меѓутоа, овците се животни кои не сакаат да бидат сами, туку сакаат да бидат заедно со стадото. Доколку се одвоени од другите овци, тие можат да бидат вознемирени. Ако пастирот вака постапи со болната овца, дали тоа значи дека е суров? Секако дека не. Тој знае дека, ако дозволи овцата да биде заедно со стадото, може да се заразат и другите овци. Со тоа што ја одвојува болната овца, го штити целото стадо. (Спореди со 3. Мојсеева 13:3, 4.)
11. а) Во која смисла некој што е исклучен може да се спореди со болна овца? б) Каква помош им стои на располагање на оние што се исклучени?
11 Некој христијанин што е исклучен може да го споредиме со таа болна овца. Тој е болен во духовен поглед (Јак. 5:14). Тоа може да биде заразно за другите, како што е случај и со некои дословни болести. Затоа, понекогаш е неопходно оној што е духовно болен да биде одвоен, односно исклучен од собранието. Со ваквата дисциплинска мерка, Јехова покажува љубов кон останатите во собранието што верно му служат. Исто така, со тоа може да му се помогне на оној што згрешил да сфати што направил и да се покае. Додека е исклучен, тој може да присуствува на состаноците, каде што ќе добива духовна храна која ќе му помогне повторно да си ја зајакне верата. Исто така, тој може да добива литература за своја лична употреба и да ги гледа емисиите на JW Broadcasting®. И, кога ќе видат дека тој прави промени, старешините може одвреме-навреме да му даваат совети за да му помогнат да си го поправи односот со Јехова и повторно да стане дел од собранието.b
12. Како старешините можат да покажат љубов и милост кон некој што направил грев и не се кае?
12 Важно е да имаме на ум дека само оној што направил грев и не се кае поради тоа, ќе биде исклучен од собранието. Старешините се свесни дека исклучувањето е сериозна работа, и затоа се многу внимателни кога треба да донесат таква одлука. Тие знаат дека Јехова укорува онолку „колку што е потребно“ (Ерем. 30:11). Тие ги сакаат своите браќа и не сакаат да направат ништо со кое би им нанеле штета во духовен поглед. Понекогаш, единствен начин да му се покаже љубов и милост на некој што направил грев е да биде остранет од собранието некое време.
13. Зошто еден христијанин од Коринт требало да биде исклучен?
13 Забележи што направил апостол Павле во врска со еден непокајнички грешник во првиот век. Станува збор за еден христијанин од Коринт кој живеел неморално со жената на својот татко. Колку одвратно! Павле знаел што им заповедал Јехова на Израелците во минатото: „Човекот што ќе легне со жената на својот татко ја открил голотијата на татка си. Обајцата да бидат погубени“ (3. Мој. 20:11). Се разбира, Павле не можел да побара од собранието да го погуби тој човек. Но, тој им кажал на Коринќаните да го исклучат. Неморалното однесување на тој човек лошо влијаело врз другите во собранието; некои дури не ни сметале дека станувало збор за сериозен грев! (1. Кор. 5:1, 2, 13).
14. Како Павле покажал милост кон оној што бил исклучен од собранието во Коринт, и зошто? (2. Коринќаните 2:5-8, 11).
14 По некое време, Павле дознал дека тој човек направил големи промени. Грешникот вистински се покајал! Иако тој човек му нанел срам на собранието, Павле не сакал да биде престрог со него. Тој им рекол на старешините: „Спремно простете му и утешете го“. Причината за тоа ја навел самиот Павле: „За да не го скрши преголемата жалост“. На Павле му било жал за грешникот кој се каел и не сакал тој човек да биде толку разжалостен и скршен од тага што ќе престане да бара простување. (Прочитај 2. Коринќаните 2:5-8, 11.)
15. Како старешините урамнотежено покажуваат цврстина и милост?
15 По примерот на Јехова, старешините сакаат да покажуваат милост. Тие покажуваат цврстина секогаш кога е неопходно, но покажуваат милост секогаш кога е возможно, односно кога има основа за тоа. Во спротивно, тоа не би било милост, туку попустливост. Но, дали старешините се единствените кои треба да покажуваат милост?
ШТО МОЖЕ ДА НИ ПОМОГНЕ НА СИТЕ НАС ДА ПОКАЖУВАМЕ МИЛОСТ?
16. Според Изреки 21:13, како постапува Јехова со оние што не покажуваат милост?
16 Сите христијани се трудат да бидат милостиви како Јехова. Зошто? Една причина е тоа што Јехова нема да ги слуша оние кои не им покажуваат милост на другите. (Прочитај Изреки 21:13.) Никој од нас не би сакал Јехова да одбие да ни ги слуша молитвите, и затоа внимаваме да не станеме крути и немилосрдни. Наместо да ги затвораме ушите кога некој наш соверник страда и вика за помош, мора секогаш да сме спремни да слушаме „кога бедниот се жали и офка“. Ние сериозно го сфаќаме овој библиски совет: „Оној што не е милосрден кон другите, него го чека немилосрден суд“ (Јак. 2:13). Ако сме понизни и задржиме на ум колку нам ни е потребна милост, веројатно ќе бидеме поспремни да им покажуваме милост на другите. Особено сакаме да покажуваме милост кон некој што направил грев, но се покајал и е вратен во собранието.
17. Како цар Давид сочувствително покажувал милост?
17 Библиските примери можат да ни помогнат да покажуваме милост и да не бидеме крути и бесчувствителни. Да го земеме за пример цар Давид. Тој честопати сочувствително покажувал милост. Иако Саул сакал да го убие, Давид бил милостив кон Божјиот помазан цар и никогаш не се обидел да му се одмазди или да го повреди (1. Сам. 24:9-12, 18, 19).
18-19. Во кои две прилики Давид не покажал милост?
18 Сепак, Давид не бил секогаш милостив. На пример, кога Навал, кој бил многу груб човек, во една прилика го навредил Давид и одбил да даде храна за него и за неговите луѓе, Давид многу се разгневил и одлучил да ги убие и Навал и сите машки во неговиот дом. Но сопругата на Навал, Авигеја, која била добра и стрплива, реагирала брзо и спречила Давид да стане виновен за крв (1. Сам. 25:9-22, 32-35).
19 Во една друга прилика, пророкот Натан му кажал на Давид за еден богат човек кој му ја зел на еден сиромашен човек единствената овца која многу си ја сакал. Тогаш Давид се разгневил и рекол: „Како што е жив Јехова, човекот што го направил тоа заслужува смрт!“ (2. Сам. 12:1-6). Давид го знаел Мојсеевиот закон. Некој што украл овца, како отштета требало да врати четири овци (2. Мој. 22:1). Било многу немилосрдно да му се изрече на крадецот смртна пресуда. Всушност, она што Натан го раскажал било споредба со која требало да му помогне на Давид да сфати дека самиот тој направил многу потешки злодела. Јехова бил далеку помилосрден кон Давид отколку што Давид ќе бил кон крадецот од споредбата на Натан! (2. Сам. 12:7-13).
Цар Давид не покажал милост кон човекот од споредбата на Натан (Види во пасуси 19-20)d
20. Што може да научиме од примерот на Давид?
20 Забележи дека, кога бил многу гневен, Давид рекол дека Навал и сите мажи во неговиот дом заслужуваат смрт. А подоцна бил спремен да го осуди на смрт и богатиот човек од споредбата на Натан. Во врска со вториот случај, можеби се прашуваме зошто еден сочувствителен човек како Давид би изрекол толку строга пресуда. Размисли за она што му се случувало во тој период. Тој имал нечиста совет. Ако некој строго им суди на другите, тоа е знак дека не се наоѓа во добра духовна состојба. На своите следбеници Исус им го дал ова силно предупредување: „Не судете, за да не бидете судени. Зашто, со каков суд судите, со таков ќе ви се суди“ (Мат. 7:1, 2). Затоа, да внимаваме да не станеме престроги и да се трудиме да бидеме богати со милосрдие како нашиот Бог.
21-22. На кои начини може да покажеме милост?
21 Милоста не се сведува само на чувства. Оној што е милостив е поттикнат да прави нешто за другите. Сите ние може да бараме прилики да им помагаме на членовите на нашето семејство, на браќата и сестрите од собранието и на другите луѓе околу нас. Сигурно има многу прилики да покажеме милост! Дали некому му е потребна утеха? Дали некому можеме да му пружиме практична помош, можеби така што ќе му однесеме храна или ќе направиме нешто друго за него? Дали некој христијанин што повторно е примен во собранието има потреба од добар пријател кој ќе го храбри? Освен тоа, можеме да ја споделуваме со другите добрата вест која носи утеха. Ова е еден од најдобрите начини да им покажеме милост на сите луѓе што ги среќаваме (Јов 29:12, 13; Рим. 10:14, 15; Јак. 1:27).
22 Ако сме свесни за ваквите потреби на луѓето околу нас, ќе забележиме дека има многу прилики да покажеме милост. Кога ние сме милосрдни, го радуваме нашиот небесен Татко, кој е „богат со милосрдие“!
ПЕСНА 43 Благодарна молитва
a Милоста е една од најпривлечните особини на Јехова, и секој од нас треба да се труди да ја покажува. Во оваа статија ќе видиме зошто Јехова покажува милост, зошто може да кажеме дека тој секогаш е милосрден кога укорува некого, и како можеме и ние да ја покажуваме оваа убава особина.
b За да дознаеш како оние што повторно се примени во собранието можат да си го поправат односот со Бог и како можат старешините да им помогнат, види ја статијата „Повторно изгради го своето пријателство со Јехова“, која се наоѓа во овој број.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Од покривот на својата куќа, таткото го здогледува својот расипнички син кој се враќа дома и му притрчува за да го прегрне.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Бидејќи чувствува немир поради нечиста совест, цар Давид се разгневува додека ја слуша споредбата на Натан и вели дека богатиот човек заслужува смрт.