ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • lv погл. 14 стр. 160-170
  • Биди чесен во сѐ

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Биди чесен во сѐ
  • Зачувај ја Божјата љубов
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ЧЕСНИ СО САМИТЕ СЕБЕ
  • ЧЕСНИ ВО СЕМЕЈСТВОТО
  • ЧЕСНИ ВО СОБРАНИЕТО
  • ЧЕСНИ ВО ОДНОСИТЕ СО СВЕТОТ
  • НАГРАДИ ЗА ЧЕСНОСТА
  • Биди чесен во сѐ
    Како да ја зачуваш Божјата љубов
  • Биди чесен во сѐ
    Радувај му се на животот засекогаш — интерактивен библиски курс
  • Се исплаќа да си чесен
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Зошто вреди да се биде чесен
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (За јавност) 2016
Повеќе
Зачувај ја Божјата љубов
lv погл. 14 стр. 160-170
Еден ученик не препишува на тест иако сите други го прават тоа

ЧЕТИРИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Биди чесен во сѐ

„Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (ЕВРЕИТЕ 13:18).

1, 2. Зошто Јехова се радува кога гледа дека се трудиме да бидеме чесни? Дај пример.

ЕДНА мајка излегува со своето синче од продавницата. Одеднаш, детенцето застанува, а на лицето му се чита запрепастеност. Во раката држи мала играчка што ја зело од продавницата. Заборавило да ја врати на рафтот или, пак, да ја замоли мајка си да му ја купи. Со растревожен глас, бара од мајка му да направи нешто. Таа го смирува и го носи пак во продавницата за да ја вратат играчката и за да може малиот да се извини. Додека тој се извинува, мајката се топи од радост и од гордост. Зошто?

2 На родителите им е мило кога гледаат дека нивните деца сфаќаат колку е важно да се биде чесен. Истото е случај и со нашиот небесен Татко, ‚Богот на вистината‘ (Псалм 31:5). Додека нѐ набљудува како растеме духовно, многу се радува затоа што се трудиме да бидеме чесни. Бидејќи сакаме да го радуваме и да ја зачуваме неговата љубов, и ние го мислиме истото што го напишал апостол Павле: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18). Сега ќе разгледаме четири многу важни подрачја на кои понекогаш ни е особено тешко да бидеме чесни. Потоа ќе видиме кои се наградите за чесноста.

ЧЕСНИ СО САМИТЕ СЕБЕ

3-5. а) Какво предупредување ни дава Божјата Реч во врска со тоа колку е опасно да се лажеме себеси? б) Што ќе ни помогне да бидеме искрени и чесни со самите себе?

3 Првиот проблем на кој наидуваме е да научиме да бидеме чесни и искрени со самите себе. Како несовршени луѓе, многу лесно паѓаме во замката да се лажеме себеси. На пример, Исус им рекол на христијаните во Лаодикија дека се залажуваат себеси кога мислат дека се богати, зашто, всушност, биле ‚сиромашни и слепи и голи‘ во духовен поглед — крајно жалосна состојба (Откровение 3:17). Со тоа што живееле во заблуда само уште повеќе си ја влошиле ситуацијата.

4 Можеби ќе се сетиш и на предупредувањето од ученикот Јаков: „Ако некој мисли дека го почитува Бог на исправен начин, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговото почитување е залудно“ (Јаков 1:26). Ако си мислиме дека можеме да зборуваме недолично и Јехова сепак да ја прифати нашата служба, само се лажеме себеси. Сѐ што правиме во службата за Јехова би било залудно, сосема безвредно. Што ќе ни помогне да не тргнеме по тој опасен пат?

5 Во претходните стихови Јаков ја споредува вистината од Бог со огледало. Тој нѐ советува да се погледнеме преку совршениот Божји закон и да се поправаме таму каде што треба. (Прочитај Јаков 1:23-25.) Библијата може да ни помогне искрено да се преиспитаме и да видиме што треба да смениме кај себе (Плач Еремиин 3:40; Агеј 1:5). Исто така, можеби ќе треба да го молиме Јехова и тој да нѐ испита за да ни помогне да сфатиме каде грешиме и да се поправиме (Псалм 139:23, 24). Нечесноста е подмолна слабост, и мораме да гледаме на неа како што гледа нашиот небесен Татко. Во Изреки 3:32 пишува: „На Јехова му е одвратен расипаниот човек, а близок е со справедливите“. Јехова може да ни помогне да имаме ист став како него и да се видиме онака како што нѐ гледа тој. Да се вратиме на зборовите на Павле: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“. Точно, сега не можеме да бидеме совршени, но вистински сакаме и со сите сили се трудиме да бидеме чесни.

ЧЕСНИ ВО СЕМЕЈСТВОТО

Еден женет човек гледа нешто на Интернет доцна навечер

Чесноста ни помага да не направиме ништо скришно

6. Зошто брачните другари мораат да бидат искрени и чесни еден со друг, и од кои опасности се чуваат на тој начин?

6 Чесноста треба да биде главно обележје на едно христијанско семејство. Според тоа, мажот и жената мораат да зборуваат отворено и чесно еден со друг. Во еден христијански брак нема место за никакви штетни, нечисти постапки како што се флертување со некое трето лице, одржување тајни врски на Интернет или гледање порнографија. Некои венчани христијани тргнале по таков лош пат, криејќи го тоа од својот брачен другар. Ова воопшто не е чесно. Забележи што рекол верниот цар Давид: „Не седам со луѓе што зборуваат невистина и не одам кај оние што прикриваат какви се“ (Псалм 26:4). Ако си во брак, никогаш немој да правиш нешто што може да те доведе во искушение да криеш од својот брачен другар каков си навистина!

7, 8. Кои библиски примери можат да им помогнат на децата да научат да ја ценат чесноста?

7 Кога родителите ги поучуваат своите деца да ја ценат чесноста, добро е да користат примери од Библијата. Некои лоши примери се Ахан, кој украл и се обидел да го скрие тоа. Потоа Гиезиј, кој излажал за да се збогати. А тука е и примерот на Јуда, кој крадел и кажал пакосни лаги за да му наштети на Исус (Исус Навин 6:17-19; 7:11-25; 2. Царевите 5:14-16, 20-27; Матеј 26:14, 15; Јован 12:6).

8 Но, во Библијата се запишани и примери на луѓе кои биле чесни. Таков бил Јаков, кој ги натерал своите синови да ги вратат парите што ги нашле во вреќите затоа што мислел дека веројатно биле ставени во нив по грешка. Друг пример се Јефтај и неговата ќерка, која го исполнила заветот на татка си, иако тоа било голема жртва за неа. И, секако, тука е примерот на Исус, кој пред една гневна толпа луѓе смело кажал кој е и што е за да ги исполни пророштвата и да ги заштити своите пријатели (1. Мојсеева 43:12; Судиите 11:30-40; Јован 18:3-11). Ова се само неколку примери што им покажуваат на родителите колку скапоцени поуки има во Божјата Реч кои можат да им помогнат да ги поучат своите деца да ја сакаат и да ја ценат чесноста.

9. Што не треба да прават родителите ако сакаат да им дадат добар пример на децата за тоа што значи да се биде чесен, и зошто е важно тоа?

9 Но, кога ги учат децата на чесност, тоа става сериозна одговорност и врз родителите. Апостол Павле напишал: „Зарем ти, кој учиш други, не се учиш самиот себе? Зарем ти, кој проповедаш: ‚Не кради‘, крадеш?“ (Римјаните 2:21). Некои родители ги збунуваат своите деца со тоа што, од една страна, ги учат да бидат чесни, а од друга, самите тие не се чесни. Честопати, кога ќе украдат нешто ситно или кога ќе излажат, си наоѓаат изговори, како: „Па тие знаат дека сите си земаат по нешто“, или „Ништо страшно, тоа е само мала лага“. Но, факт е дека крадењето е крадење, без разлика колку е вреден украдениот предмет, и лажењето е лажење, без разлика што е излажано и колку е излажано.a (Прочитај Лука 16:10.) Децата многу брзо ја забележуваат дволичноста и тоа може многу лошо да влијае врз нив (Ефешаните 6:4). Меѓутоа, ако од примерот на родителите научат што значи да се биде чесен, и тие најверојатно ќе израснат во луѓе што го слават Јехова во овој нечесен свет (Изреки 22:6).

ЧЕСНИ ВО СОБРАНИЕТО

10. На што мораме да внимаваме кога разговараме со соверниците?

10 Дружењето со сохристијаните ни дава многу прилики да научиме да бидеме чесни. Како што видовме во 12. поглавје, мораме да внимаваме како зборуваме, особено кога сме со нашите духовни браќа и сестри. Секојдневните разговори многу лесно можат да прејдат во оговарање, па дури и во клеветење! Ако прераскажеме некои работи за кои не сме сигурни дека се точни, можеби ќе помогнеме да се рашират лаги, па затоа најдобро е да си молчиме (Изреки 10:19). Од друга страна, можеби знаеме дека нешто е точно, но тоа не значи дека треба да го кажуваме на сите. Можеби тоа воопшто не е наша работа или не е убаво да го раскажуваме (1. Солуњаните 4:11). Некои луѓе ги кажуваат работите многу грубо и безобѕирно, а потоа се правдаат велејќи дека само се искрени. Но, нашите зборови секогаш треба да бидат пријатни и љубезни. (Прочитај Колошаните 4:6.)

11, 12. а) Како само уште повеќе ги влошуваат работите некои што направиле сериозна грешка? б) Кои се некои од лагите што ги раширил Сатана за тешките гревови, и како да се бориме против нив? в) Како ќе покажеме дека сме чесни со Јеховината организација?

11 Особено е важно да бидеме искрени со оние што предводат во собранието. Некои што направиле сериозни грешки уште повеќе ги влошуваат работите кога се обидуваат да го скријат тоа и ги лажат собраниските старешини кога ќе ги прашаат нешто во врска со таа работа. Почнуваат да живеат двоен живот — од една страна се преправаат дека му служат на Јехова, а од друга страна продолжуваат сериозно да грешат. Но, на тој начин живеат во лага (Псалм 12:2). Други, пак, им кажуваат на старешините само некои информации, а ги кријат важните факти (Дела 5:1-11). Честопати, овие лица покажуваат таква нечесност бидејќи веруваат во лагите што ги шири Сатана. (Види ја рамката „Лагите што Сатана ги раширил за тешките гревови“.)

ЛАГИТЕ ШТО САТАНА ГИ РАШИРИЛ ЗА ТЕШКИТЕ ГРЕВОВИ

Во врска со тешките гревови, има некои опасни лаги во кои Сатана би сакал да веруваш. За среќа, христијаните ги знаат „Ѓаволовите сплетки“ (Ефешаните 6:11). Да разгледаме три такви лаги.

  • „Гревовите може да се скријат.“ Вистината е дека Јехова гледа сѐ што правиме. „Сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13). Бидејќи Јехова ги знае фактите и бидејќи мораме да поднесеме сметка пред него, зошто само да си наметнуваме уште поголема вина со тоа што ќе се обидуваме да скриеме некој тежок грев од неговите слуги на Земјата? (Види и 2. Самоилова 12:12.)

  • „На старешините не може да им се верува, затоа не им кажувај ништо.“ Злобниот цар Ахав му рекол на Илија: „Непријателу мој“ (1. Царевите 21:20). Како пророк на Јехова во Израел, Илија можел да му помогне на Ахав да му биде простено. Во христијанското собрание, Исус поставил старешини, кои се „како дарови“ (Ефешаните 4:8). Иако се несовршени, старешините „бдеат“ над нас, односно се грижат за нашето духовно добро (Евреите 13:17). Тие не ни се непријатели. Напротив, преку нив Јехова ни помага.

  • „Ќе го заштитиш пријателот ако ги криеш неговите гревови.“ Вистината е, всушност, дека со тоа само ќе му направиме поголема штета. Тешките гревови се знак дека некој има сериозни проблеми со своето духовно здравје. Кога ги криеме, тоа е како да криеме сериозни симптоми од лекарот (Јаков 5:14, 15). Оној што згрешил можеби се плаши да не бидат преземени дисциплински мерки, но укорот е доказ дека Јехова го сака, а можеби тоа ќе му го спаси и животот (Изреки 3:12; 4:13). Освен тоа, грешникот што продолжува да греши може да претставува опасност за другите во собранието. Сакаш ли и ти да бидеш одговорен што се шират неговите погрешни ставови кои го навеле да направи грев? (3. Мојсеева 5:1; 1. Тимотеј 5:22). Ако не сакаш, охрабри го оној што згрешил да им го каже тоа на собраниските старешини.

12 Многу е важно да бидеме чесни со Јеховината организација и кога пополнуваме некои формулари. На пример, во извештајот за служба не треба да даваме неточни податоци. Слично на тоа, кога пополнуваме молба за некоја служба, никогаш не треба да даваме погрешни информации за нашето здравје или за што и да било друго. (Прочитај Изреки 6:16-19.)

13. Како ќе покажеме чесност ако имаме деловни врски со некој соверник?

13 Треба да бидеме чесни со соверниците и во деловните зделки. Понекогаш, браќата и сестрите може да стапат во некои деловни врски. Кога се во Салата на Царството или во службата на проповедање, мораат да внимаваат разговорите да не им тргнат во правец на работата. Можеби едниот е работодавец а другиот вработен кај него. Ако вработиме некој брат или сестра, треба да бидеме чесни со нив и да им плаќаме навреме и онолку колку што сме се договориле, како и да им ги даваме сите бенефиции што законски им следуваат (1. Тимотеј 5:18; Јаков 5:1-4). И обратно, ако сме вработени кај некој брат или сестра, треба вредно да работиме (2. Солуњаните 3:10). Не очекуваме посебен третман само затоа што сме духовни браќа, како нашиот работодавец да мора да ни дава слободни денови и некои други повластици што не им следуваат на останатите вработени (Ефешаните 6:5-8).

14. Кои мерки треба да ги преземат христијаните што се вклучени во некој заеднички деловен потфат, и зошто?

14 Што ако се работи за некој заеднички деловен потфат, можеби за инвестиција или за заем? Библијата ни дава едно важно и практично начело во врска со ова: Направете писмен договор! На пример, кога Еремија купил парче земја, направил два примерока од купопродажниот договор, го заверил пред сведоци и го зачувал во случај да му притреба во иднина (Еремија 32:9-12; види и 1. Мојсеева 23:16-20). Ако сите детали од зделките со соверниците внимателно ги ставиме на хартија и потоа го потпишеме документот пред сведоци, не значи дека немаме доверба во сохристијаните. Напротив, тоа помага да не дојде до недоразбирања, разочарување, па дури и до кавги што можат да предизвикаат поделби во собранието. Кога христијаните се вклучени во некои заеднички деловни зделки, треба да имаат на ум дека за ниеден деловен потфат не вреди да се нарушат единството и мирот во собраниетоb (1. Коринќаните 6:1-8).

ЧЕСНИ ВО ОДНОСИТЕ СО СВЕТОТ

15. Како гледа Јехова на нечесните тактики во бизнисот, и како гледаат христијаните на таквите тактики?

15 Од еден христијанин не се очекува да биде чесен само во собранието. Павле рекол: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18). Нашиот Творец очекува да бидеме чесни и во деловните односи со светот. Само во книгата Изреки неколку пати се укажува на тоа дека вагата мора да биде праведна (Изреки 11:1; 20:10, 23). Во древни времиња, во деловните зделки се користеле ваги и тегови за да се измерат купената стока и парите со кои е платена. Нечесните трговци користеле два комплета тегови и неточна вага за да ги мамат и да ги крадат муштериите.c Таквите работи му се одвратни на Јехова! За да ја зачуваме неговата љубов, не смееме да се служиме со никакви нечесни тактики во бизнисот.

16, 17. Какви нечесни работи се вообичаени во светот денес, и на што се решени вистинските христијани?

16 Бидејќи Сатана е владетелот на овој свет, не нѐ изненадува тоа што на секој чекор гледаме нечесност. Секој ден може да се најдеме на искушение и ние да направиме нешто нечесно. Кога луѓето поднесуваат молба за работа, честопати лажат и ги преувеличуваат работите, наведувајќи квалификации и работно искуство што ги немаат. Кога пополнуваат документи за престој во странска земја, даночни пријави, полиси за осигурување и слично, обично даваат лажни податоци за да го добијат она што го сакаат. Многу ученици препишуваат на писмените задачи или кога треба да направат некој состав, одат на Интернет, копираат информации од таму и потоа лажат дека самите го напишале. А кога луѓето имаат некоја работа со подмитливи службеници, честопати им даваат мито за да им ја завршат работата. Сосема е нормално да очекуваме вакви работи во свет во кој мнозина се „себељубиви, алчни за пари... без љубов кон добротата“ (2. Тимотеј 3:1-5).

17 Вистинските христијани се решени да немаат ништо со ваквите нечесни работи. Но, зошто понекогаш е тешко да се биде чесен? Па, затоа што се чини дека оние што прават такви нечесни работи успеваат во животот (Псалм 73:1-8). Од друга страна, христијаните можеби имаат финансиски проблеми затоа што сакаат да останат чесни „во сѐ“. Тогаш, дали вреди да се биде чесен? Апсолутно! Но, зошто? Какви награди носи чесноста?

НАГРАДИ ЗА ЧЕСНОСТА

18. Зошто многу вреди да бидеш познат како чесен човек?

18 Малку работи во животот вредат колку тоа да бидеш на глас дека си чесен човек во кого може да се има доверба. (Види ја рамката „Колку сум чесен?“.) А секој може да си стекне таков глас! Тоа не зависи од нашите таленти, богатство, изглед, место во општеството или од кој и да било друг фактор над кој немаме влијание. Сепак, мнозина ја пропуштаат шансата да стекнат добар глас. Денес тоа е реткост (Михеј 7:2). Некои можеби и те исмејуваат затоа што си чесен, но други ќе го ценат тоа и ќе те наградат со својата доверба и почит. Многу Јеховини сведоци увиделе дека чесноста им помогнала дури и во финансиски поглед. Си ја задржале работата кога нечесните работници биле отпуштени или, пак, нашле работа кога некој работодавец барал чесни работници.

КОЛКУ СУМ ЧЕСЕН?

Начело: „О Јехова, кој ќе биде гостин во твојот шатор?.. Оној што живее беспрекорно и постапува праведно и ја зборува вистината во своето срце“ (Псалм 15:1, 2).

Прашања за размислување

  • Зошто е важно секогаш да ја кажувам вистината? (Изреки 6:16, 17).

  • Како можам ‚да ја отфрлам лагата‘ кога поднесувам даночни пријави, кога поднесувам правни документи, кога правам некоја писмена задача и слично? (Ефешаните 4:25; Исаија 28:15; Матеј 22:17-21; Римјаните 13:1-7).

  • Како можам со говорот и со постапките да покажам дека сум чесен работник? (Изреки 11:1; Ефешаните 4:28; Колошаните 3:9, 10).

  • Ако парите ми станат слабост, како може тоа да ми отежне да бидам чесен? (Псалм 37:21; 1. Тимотеј 6:9, 10).

19. Како може чесноста да влијае врз нашата совест и врз нашиот однос со Јехова?

19 Без разлика дали и тебе ќе ти се случи такво нешто или не, ќе видиш дека чесноста носи уште поголеми награди. Ќе имаш чиста совест. Павле напишал: „Уверени [сме] дека имаме чиста совест“ (Евреите 13:18). Освен тоа, нашиот добар небесен Татко ја забележува твојата чесност, а тој ги сака чесните. (Прочитај Псалм 15:1, 2; Изреки 22:1.) Да, со тоа што ќе бидеме чесни во сѐ, ќе ја зачуваме Божјата љубов, а поголема награда од тоа нема. Сега да разгледаме една друга слична тема: како гледа Јехова на работата.

a Во собранието, ако некој има навика бесрамно, злонамерно да лаже — со очигледна цел да им наштети на другите — старешините може да покренат правна постапка против него.

b Во врска со тоа што да се прави ако дојде до проблеми во некоја деловна зделка, можеш да прочиташ нешто повеќе во Додатокот под темата „Како да се решаваат деловните спорови“.

c Еден комплет тегови користеле кога купувале, а друг кога продавале. Така и во двата случаја имале корист. Исто така, веројатно користеле вага на која едниот крак ѝ бил подолг или потежок од другиот за да можат да ги мамат муштериите при зделките.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели