Се исплаќа да си чесен
НЕЧЕСНОСТА постои уште од Еденската градина. И покрај тоа, во многу култури и општества чесноста многу се цени, а лажењето и измамата се сметаат за непожелни и срамни. Човек што е достоен за доверба може да се гордее со тоа. Но, сѐ почесто се слуша дека, за да преживееш во денешниот свет, мора да си нечесен. Што мислиш ти за ова? Дали вреди човек да е чесен? Кои се твоите мерила за тоа дали некое однесување е чесно или нечесно?
Ако сакаме да му угодиме на Бог, мора да бидеме чесни и во нашиот говор и во начинот на кој живееме. Апостол Павле ги поттикнал сохристијаните: „Зборувајте ја вистината секој на својот ближен“ (Ефешаните 4:25). Тој исто така напишал: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18). Ние не сакаме да бидеме чесни за луѓето да нѐ фалат. Чесни сме затоа што го почитуваме нашиот Творец и сакаме да му угодиме нему.
Немој да криеш кој си
Во многу земји, луѓето лажно се претставуваат со цел да извлечат некоја корист. Набавуваат лажни документи, дипломи и лични карти за да влезат во некоја земја на незаконски начин или да добијат работа или положба за која не се квалификувани. Некои родители ги фалсификуваат изводите од матичната книга на родените на своите деца за да можат да им го продолжат школувањето.
Меѓутоа, доколку сакаме да му угодиме на Бог, не смееме да мамиме. Библијата вели дека Јехова е ‚Богот на вистината‘ и тој очекува оние што му се блиски да бидат вистинољубиви (Псалм 31:5). Ако сакаме да бидеме блиски со Јехова, не можеме да бидеме како ‚луѓето што зборуваат невистина‘ и „што прикриваат какви се“ (Псалм 26:4).
Вообичаено е луѓето да ја кријат вистината и тогаш кога постои можност да бидат казнети поради некој престап. Дури и некој во христијанското собрание може да се најде на искушение да го стори ова. На пример, еден младич им признал на старешините во едно собрание дека направил некои гревови. Но, не им признал и дека крадел, иако имало доволно докази што укажувале на тоа. На крајот бил откриен и морало да биде исклучен од собранието. Зар не би било помудро да бил потполно чесен и да добиел помош за да го поврати својот скапоцен однос со Јехова? Всушност, Библијата вели: „Не омаловажувај го укорот од Јехова и не губи сила кога тој те опоменува, зашто кого Јехова го сака, него и го укорува“ (Евреите 12:5, 6).
Одвреме-навреме, можеби некој брат што сака да има поголеми одговорности во собранието ќе се обиде да скрие некои лични проблеми или некој престап од минатото. На пример, кога пополнува молба за некоја посебна служба, можеби нема да даде целосни одговори на прашањата поврзани со здравјето и моралот, мислејќи си дека ако ја каже вистината во врска со тие работи можеби неговата молба нема да се усвои. Можеби си мисли: ‚Па јас, всушност, не лажам‘. Но, дали е навистина отворен и искрен? Размисли за она што е запишано во Изреки 3:32: „На Јехова му е одвратен расипаниот човек, а близок е со справедливите“.
Пред сѐ, да се биде чесен значи да се биде чесен со себеси. Честопати веруваме во она во што сакаме да веруваме наместо во она што е исправно и вистинито. Колку е лесно да ја префрлиме вината врз другите! На пример, царот Саул се обидел да ја оправда својата непослушност така што ги обвинил другите. Како резултат на тоа, Јехова го отфрлил да не биде повеќе цар (1. Самоилова 15:20-23). Колку спротивно постапил цар Давид, кој му се молел на Јехова: „Конечно ти го признав гревот и не ја прикрив вината. Реков: ‚Ќе му ги признаам на Јехова своите престапи‘. И ти ја прости вината за моите гревови“ (Псалм 32:5).
Чесноста носи благослови
Чесноста, или нечесноста, влијае врз тоа што другите ќе мислат за нас. Ако луѓето сфатат дека си ги измамил макар само еднаш, ќе ја изгубат довербата во тебе и тешко потоа повторно да ја стекнат. Но, ако си вистинољубив и чесен, ќе стекнеш глас на честит човек достоен за доверба. Јеховините сведоци имаат стекнато такво добро име. Да разгледаме неколку примери.
Еден директор открил дека многу од неговите вработени вршат проневера во фирмата и го пријавил тоа во полиција. Кога разбрал дека полицајците уапсиле и еден вработен што е Јеховин сведок, отишол во полиција и ги замолил веднаш да го ослободат Сведокот. Зошто? Затоа што директорот знаел дека тој човек е чесен работник и дека е невин. Сведокот ја задржал работата, а другите биле отпуштени. Неговите соверници се радувале затоа што неговото однесување му донело чест на Јеховиното име.
Доброто однесување не поминува незабележано. Во едно место во Африка имало потреба да се поправи еден мост кој се протегал над широк јаз. Причината била тоа што некои од дрвените греди биле украдени. Локалните жители решиле да соберат пари за да стават нови греди, но кому да му го доверат ракувањето со тие средства? Сите се сложиле дека парите мора да му се доверат на некој Јеховин сведок.
Кога една африканска земја ја зафатиле политички и етнички немири, еден Сведок што работел како книговодител за меѓународна фирма бил преместен од фирмата затоа што животот му бил во опасност. Неговата фирма средила тој со месеци да работи во друга земја, и тоа на нивни трошок, сѐ додека ситуацијата не се смирила. Зошто? Бидејќи пред тоа одбил да соработува со оние што направиле заговор за проневера на фирмата. На раководителите им била позната неговата беспрекорна чесност. Дали ќе биле спремни да му помогнат на овој вработен ако го биел глас дека е нечесен?
„Праведникот живее непорочно“, стои во Изреки 20:7. Чесниот човек е непорочен. Тој никогаш не го лаже и не го мами својот ближен. Зар не сакаш и ти другите да се однесуваат со тебе на ваков начин? Чесноста лежи во основата на чистото обожавање. Таа е израз на нашата љубов кон Бог и кон ближниот. Ако сме чесни, покажуваме дека сакаме да го следиме начелото што го кажал Исус: „Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12; 22:36-39).
Се разбира, да се биде чесен во сѐ си има своја цена, но чистата совест што ја поседува чесното лице вреди многу повеќе од која и да било цена што мора да се плати. На долги патеки, најмногу се исплаќа човек да е чесен и праведен. Всушност, добриот однос со Јехова е бесценет. Зошто да си го нарушиме со тоа што ќе бидеме нечесни за да си го зачуваме образот или да извлечеме некоја корист на незаконски начин? Сеедно со каков предизвик ќе се соочиме, можеме да имаме доверба во зборовите на псалмистот: „Среќен е човекот што ја полага довербата во Јехова и не гледа на луѓе дрски ниту на оние што отпаѓаат и кон лаги се свртуваат“ (Псалм 40:4).
[Слики на страница 18]
Вистинските христијани не набавуваат и не користат лажни документи