ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • bt погл. 19 стр. 148-155
  • „Зборувај и немој да молчиш!“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Зборувај и немој да молчиш!“
  • ,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „По занимање беа изработувачи на шатори“ (Дела 18:1-4)
  • „Многу Коринќани... поверуваа“ (Дела 18:5-8)
  • „Имам многу народ во овој град“ (Дела 18:9-17)
  • „Ако биде Јеховина волја“ (Дела 18:18-22)
  • Акила и Прискила — примерна двојка
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Јас сум „чист од крвта на сите“
    ,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
  • Избрани стихови од книгата Дела
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Коринт — „господар на две пристаништа“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
bt погл. 19 стр. 148-155

ДЕВЕТНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Зборувај и немој да молчиш!“

Павле работи за да се издржува, но сепак ја става службата на прво место

Се темели на Дела 18:1-22

1-3. Зошто апостол Павле дошол во Коринт, и со кои предизвици се соочил?

ПЕДЕСЕТТАТА година од н.е. полека изминува. Апостол Павле е во Коринт, богат трговски град во кој живеат многу Грци, Римјани и Евреи.a Но, тој не е дојден овде да купува или да продава, ниту пак да бара работа. Павле е во Коринт од една многу поважна причина — да им сведочи на луѓето за Божјето Царство. Сепак, мора да живее некаде, а решен е да не му биде никому на товар. Не сака некој да си мисли дека, затоа што ја проповеда Божјата Реч, очекува да живее на туѓа сметка. Што ќе стори?

2 Павле има занает — знае да изработува шатори. Тоа не е лесно, но тој е спремен да се издржува работејќи со сопствени раце. Ќе најде ли работа во овој прометен град? Ќе најде ли соодветно место за живеење? Иако се соочува со овие предизвици, Павле не ја занемарува својата главна задача — тој е дојден тука за да проповеда.

3 На крајот, останал во Коринт доста време, и неговата служба таму имала одлични резултати. Што учиме од она што го правел Павле во Коринт, и како тоа може да ни помогне темелно да сведочиме за Божјето Царство на нашето подрачје?

КОРИНТ — ГОСПОДАР НА ДВЕ МОРИЊА

Древниот Коринт лежел на еден провлак што ги поврзувал копнениот дел на Грција и полуостровот Пелопонез на југ. На најтесниот дел, провлакот бил широк нешто помалку од 6 километри, па затоа Коринт имал две пристаништа. Во Коринтскиот Залив се наоѓала Лехеја, која служела како пристаниште на поморскиот пат кој водел на запад до Италија, Сицилија и Шпанија. Во Саронидскиот Залив, пак, Кенхреја служела како пристаниште за бродовите што пловеле од и до островите во Егејското Море, Мала Азија, Сирија и Египет.

Бидејќи било опасно да се плови покрај јужниот брег на Пелопонез поради силните ветрови, морепловците повеќе сакале да се укотват во едното коринтско пристаниште, да го истоварат бродот, да го пренесат товарот по копнен пат и да го натоварат на друг брод во другото пристаниште. Малите бродови дури можеле да се префрлат преку провлакот на некој вид носач кој се движел во жлебови направени во поплочениот пат кој водел од едното до другото пристаниште. На тој начин, поради својата положба, градот играл важна улога во поморската трговија, како и во копнената трговија меѓу северот и југот. Со трговијата, во овој прометен град не се слевало само богатство туку и разни пороци кои биле вообичаени за многу пристанишни градови.

Во времето на апостол Павле, Коринт бил главен град на римската провинција Ахаја и претставувал важен административен центар. Освен тоа, во него имало храм каде што бил обожаван императорот, разни жртвеници и храмови посветени на бројни грчки и египетски божества, како и еврејска синагога. Сето ова е показател дека во овој град имало многу религии (Дела 18:4).

Во блискиот Истам, секоја втора година се одржувале атлетски натпревари, кои по важност биле веднаш по Олимписките игри. Апостол Павле престојувал во Коринт кога се одржувале натпреварите во 51 год. од н.е. Затоа, во еден библиски речник се вели дека „воопшто не е случајно што тој првпат користи споредба со атлетски натпревар во писмо што им го напишал на Коринќаните“ (1. Кор. 9:24-27).

„По занимање беа изработувачи на шатори“ (Дела 18:1-4)

4, 5. а) Каде живеел Павле додека бил во Коринт, и што работел за да се издржува? б) Од каде веројатно научил Павле да изработува шатори?

4 Некое време откако пристигнал во Коринт, Павле се запознал со една гостољубива брачна двојка — со Акила, кој бил роден Евреин, и со неговата жена Прискила, или Приска. Тие се населиле во Коринт затоа што императорот Клавдиј донел одредба со која им наредил на „сите Евреи да го напуштат Рим“ (Дела 18:1, 2). Акила и Прискила го примиле Павле да живее во нивната куќа, но и да работи заедно со нив. Читаме: „Бидејќи се занимаваа со истиот занает, [Павле] остана кај нив и работеше со нив. По занимање беа изработувачи на шатори“ (Дела 18:3). Тој живеел во домот на оваа гостољубива двојка во текот на целата своја служба во Коринт. Додека бил кај Акила и Прискила, веројатно напишал некои од писмата што подоцна станале дел од Библијата.b

5 Од каде Павле — човек школуван „пред нозете на Гамалиел“ — знаел да изработува шатори? (Дела 22:3). Очигледно на Евреите во првиот век не им било под чест да им дадат занает в рака на своите деца, дури и ако подоцна додатно ги школувале. Бидејќи бил родум од Тарс во Киликија, област прочуена по едно платно од козји влакна наречено киликиум, кое се користело за изработка на шатори, Павле веројатно го научил овој занает како млад. Што правел еден изработувач на шатори? Тој го ткаел платното или го сечел и го шиел грубиот, крут материјал. Како и да е, овој занает не бил лесен.

6, 7. а) Како гледал Павле на правењето шатори, и што покажува дека Акила и Прискила имале слично гледиште? б) Како денешните христијани го следат примерот на Павле, Акила и Прискила?

6 Но, изработката на шатори не му била на Павле главното занимање во животот. Тој го работел ова само за да се издржува во службата и да ја објавува добрата вест „без никаква наплата“ (2. Кор. 11:7). Како гледале Акила и Прискила на својот занает? Како христијани, тие сигурно гледале на оваа световна работа исто како Павле. Всушност, кога Павле си заминал од Коринт во 52 год. од н.е., Акила и Прискила собрале сѐ што имале и отишле со него во Ефес, каде што во нивната куќа се одржувале состаноците на тамошното собрание (1. Кор. 16:19). Подоцна се вратиле во Рим, а потоа повторно отишле во Ефес. Овие ревносни сопружници го ставиле Царството на прво место и спремно се трошеле за да им служат на другите, а за тоа им биле благодарни „сите собранија од другите народи“ (Рим. 16:3-5; 2. Тим. 4:19).

7 Денешните христијани го следат примерот на Павле, Акила и Прискила. Ревносните Божји слуги во нашево време напорно работат за да не му бидат товар никому (1. Сол. 2:9). Пофално е што многу полновремени објавители на Царството работат со скратено работно време или сезонски за да се издржуваат додека ја извршуваат својата главна задача, христијанската служба. Освен тоа, исто како Акила и Прискила, многу гостољубиви Јеховини слуги ги примаат покраинските надгледници во своите домови. Оние што на таков начин го слушаат советот да бидат гостољубиви, почувствувале на своја кожа колку големо охрабрување и освежување носи ова (Рим. 12:13).

ВДАХНОВЕНИ ОХРАБРУВАЧКИ ПИСМА

Во текот на својот 18-месечен престој во Коринт (меѓу 50 и 52 год. од н.е.), апостол Павле напишал најмалку две писма што станале дел од Христијанските грчки списи — Првото и Второто послание до Солуњаните. Во истиот период, или нешто подоцна, го напишал и своето Послание до Галатите.

Првото послание до Солуњаните е првото писмо што Павле го напишал под водство на светиот дух. Тој престојувал во Солун околу 50 год. од н.е., додека бил на своето второ проповедничко патување. Набрзо откако било основано, тамошното собрание се соочило со противење, па затоа Павле и Сила биле принудени да си заминат од градот (Дела 17:1-10, 13). Бидејќи бил загрижен за доброто на ова ново собрание, Павле двапати се обидел да се врати таму, но Сатана го спречил. Затоа го испратил Тимотеј за да ги утеши и да ги зајакне браќата. Веројатно кон крајот на 50 год. од н.е., Тимотеј пак му се придружил во Коринт и му донел добри вести за собранието во Солун. Потоа Павле им го напишал ова писмо (1. Сол. 2:17 — 3:7).

Второто послание до Солуњаните веројатно било напишано кратко по првото, можеби во 51 год. од н.е. И во двете писма, Тимотеј и Силван (наречен Сила во Дела) им испраќаат поздрави на Солуњаните заедно со Павле, но нема друг запис каде што се вели дека тие тројца повторно биле заедно откако Павле си заминал од Коринт (Дела 18:5, 18; 1. Сол. 1:1; 2. Сол. 1:1). Зошто го напишал Павле ова второ писмо? По сѐ изгледа, добил уште некои вести за собранието во Солун, веројатно преку оној што им го однел неговото прво писмо. Овие вести го поттикнале Павле не само да ги пофали браќата за нивната љубов и истрајност туку и да го исправи мислењето на некои од нив што сметале дека присутноста на Господарот само што не започнала (2. Сол. 1:3-12; 2:1, 2).

Од посланието на Павле до Галатите се гледа дека тој бил кај нив најмалку двапати пред да им го напише писмото. Во 47 и 48 год. од н.е., Павле и Варнава ги посетиле писидиска Антиохија, Иконија, Листра и Дерва — сите во римската провинција Галатија. Во 49 год. од н.е., Павле се вратил во истиот крај со Сила (Дела 13:1 — 14:23; 16:1-6). Тој го напишал ова писмо бидејќи поборниците за Законот, кои го следеле секој негов чекор, поучувале дека христијаните мора да бидат обрежани и да го држат Мојсеевиот закон. Без сомнение, Павле им пишал на Галатите веднаш штом слушнал за ова лажно учење. Веројатно им пишал од Коринт, но исто така е можно да им пишал од Ефес, каде што накратко запрел додека се враќал за сириска Антиохија, или пак од самата Антиохија (Дела 18:18-23).

„Многу Коринќани... поверуваа“ (Дела 18:5-8)

8, 9. Што направил Павле кога Евреите почнале да му се противат, и каде проповедал потоа?

8 Значи, световната работа му помагала на Павле само да продолжи да си ја врши службата, и ова станало очигледно кога Сила и Тимотеј пристигнале од Македонија со великодушни дарови (2. Кор. 11:9). Павле веднаш му се посветил потполно „на проповедањето на речта“ (Дела 18:5). Но, кога почнал во поголема мера да им сведочи на Евреите, наишол на големо противење. Поради тоа што еврејските противници ја отфрлиле животоважната порака за Христос, Павле повеќе не се чувствувал должен да им проповеда на тие луѓе, па затоа ја истресол својата облека и им рекол: „Вашата крв на вашите глави! Јас сум чист. Отсега ќе одам кај незнабошците“ (Дела 18:6; Езек. 3:18, 19).

9 Но, каде проповедал Павле потоа? Вратите на својот дом му ги отворил еден човек по име Тициј Јуст, кој веројатно бил преобратеник во еврејската вера и чија куќа се наоѓала веднаш до синагогата. Така Павле повеќе не проповедал во синагогата, туку во куќата на Јуст (Дела 18:7). Иако продолжил да живее кај Акила и Прискила додека бил во Коринт, куќата на Јуст станала главно место каде што овој апостол ја извршувал својата служба.

10. Што покажува дека Павле не бил решен да им проповеда само на незнабошците?

10 Дали тоа што Павле рекол дека ќе оди кај незнабошците значело дека веќе воопшто нема да им сведочи на Евреите и на преобратениците во еврејската вера, дури и ако некој од нив покажел интерес за пораката? Сигурно не било така. На пример, во извештајот пишува: „Крисп, настојникот на синагогата, поверува во Господарот заедно со сите во својот дом“. Очигледно, имало и други од синагогата што му се придружиле на Крисп, бидејќи Библијата вели: „Многу Коринќани кои слушаа, поверуваа и се крстија“ (Дела 18:8). Така куќата на Тициј Јуст станала место каде што се собирало новооснованото христијанско собрание во Коринт. Ако Лука го напишал овој извештај во Дела по хронолошки редослед, како што обично пишувал, тогаш до преобраќањето на тие Евреи или на други луѓе што ја имале прифатено еврејската вера дошло откако Павле ја истресол својата облека. Доколку е така, оваа случка истакнува колку приспособлив човек бил овој апостол.

11. Како Јеховините сведоци денес го следат примерот на Павле кога им сведочат на луѓето што се изјаснуваат како христијани?

11 Во многу земји денес, црквите на христијанскиот свет одамна пуштиле длабоки корени и имаат силно влијание врз своите членови. Во некои земји и на некои острови, мисионерите од овие цркви успеале да преобратат многу луѓе. Оние што тврдат дека се христијани обично се држат за традициите, исто како што било случај со Евреите во Коринт во првиот век. Сепак, слично на Павле, ние како Јеховини сведоци ревносно им сведочиме на таквите лица и се трудиме да им помогнеме подобро да ја разберат Библијата. Дури и кога ни се противат и кога нивните верски водачи нѐ прогонуваат, не губиме надеж. Меѓу оние што „ревносно се трудат да му угодат на Бог, но не знаат точно што е неговата волја“ веројатно има многу кротки лица кои треба да ги бараме и да ги најдеме (Рим. 10:2).

„Имам многу народ во овој град“ (Дела 18:9-17)

12. Какво уверување добил Павле во едно видение?

12 Ако Павле се мислел дали да продолжи да проповеда во Коринт, му станало сосема јасно што треба да прави ноќта кога Господарот Исус му се јавил во видение и му рекол: „Не плаши се, туку зборувај и немој да молчиш! Јас сум со тебе и никој нема да те нападне и да ти нанесе зло, бидејќи имам многу народ во овој град“ (Дела 18:9, 10). Колку охрабрувачко видение! Самиот Исус го уверил Павле дека ќе го штити од зло и дека во тој град има многу искрени луѓе. Што направил Павле по ова видение? Читаме: „Се задржа таму една година и шест месеци, поучувајќи меѓу нив за Божјата реч“ (Дела 18:11).

13. На која случка можеби се потсетил Павле додека се приближувал кон судиската столица, но зошто можел да очекува поинаков исход?

13 Откако поминал една година во Коринт, Павле добил уште еден доказ дека Господарот е со него. Читаме: „Евреите сложно станаа против Павле и го одведоа пред судиската столица“, наречена вима (Дела 18:12). Некои сметаат дека тоа бил подиум направен од синкав и бел мермер, богато украсен со резби. Оваа судиска столица веројатно била поставена некаде во средината на плоштадот во Коринт. Неоградениот простор пред неа бил доволно голем за да собере прилично многу народ. Археолошките откритија покажуваат дека судиската столица веројатно била на само неколку чекори од синагогата, па според тоа, и од куќата на Јуст. Додека Павле се приближувал кон неа, можеби се потсетил на каменувањето на Стефан, за кого понекогаш се вели дека е првиот христијански маченик. Павле, кој тогаш бил познат како Савле, го одобрувал неговото убиство (Дела 8:1). Дали истото сега ќе му се случи и нему? Не, бидејќи Исус му ветил: „Никој нема... да ти нанесе зло“ (Дела 18:10).

Галион го затвора случајот на Павле пред разбеснетата толпа. Римските војници се обидуваат да ја држат толпата под контрола.

„И ги истера од пред судиската столица“ (Дела 18:16)

14, 15. а) Кое обвинение го изнеле Евреите против Павле, но зошто Галион брзо го затворил случајот? б) Што му се случило на Состен, но што можеби станало со него?

14 Што се случило кога Павле застанал пред судиската столица? Во тие денови, судија бил проконзулот на Ахаја, кој се викал Галион и бил постар брат на римскиот филозоф Сенека. Евреите го изнеле следново обвинение против Павле: „Овој ги наговара луѓето да го почитуваат Бог на начин спротивен на законот“ (Дела 18:13). Евреите, всушност, рекле дека тој незаконски го преобраќа народот. Сепак, Галион сфатил дека Павле не направил никаква „неправда“ и дека не бил виновен за никакво „опако злодело“ (Дела 18:14). Овој судија немал намера да се меша во расправиите на Евреите. Всушност, уште пред Павле да отвори уста да каже нешто во своја одбрана, Галион го затворил случајот! Обвинителите збеснале. Својот бес го истуриле врз Состен, кој веројатно го заменил Крисп како настојник на синагогата. Тие го фатиле Состен и почнале „да го тепаат пред судиската столица“ (Дела 18:17).

15 Зошто Галион не го спречил мноштвото да го натепа Состен? Можеби мислел дека тој е водач на насилната толпа која го довлечкала Павле, па затоа си го добил она што си го заслужил. Како и да е, можно е оваа случка да имала добар исход. Во своето прво писмо до собранието во Коринт, кое го напишал неколку години подоцна, Павле спомнал еден брат кој се викал Состен (1. Кор. 1:1, 2). Дали ова бил истиот човек кого мноштвото го натепало во Коринт? Ако да, тогаш ова болно искуство можеби му помогнало и самиот да стане христијанин.

16. Што значат за нашата служба зборовите на Господарот: „Зборувај и немој да молчиш! Јас сум со тебе“?

16 Сети се дека Господарот Исус му се јавил на Павле откако Евреите почнале да се противат на неговото проповедање, и му го дал следново уверување: „Не плаши се, туку зборувај и немој да молчиш! Јас сум со тебе“ (Дела 18:9, 10). Добро е да ги имаме овие зборови на ум, особено кога луѓето не сакаат да ја слушаат нашата порака. Никогаш не заборавај дека Јехова ги чита срцата и ги привлекува искрените кон себе (1. Сам. 16:7; Јован 6:44). Какво силно охрабрување е ова за нас да продолжиме да проповедаме! Секоја година, неколку стотини илјади лица се крштаваат — значи, стотици секој ден. На оние што ја слушаат заповедта да прават „ученици од луѓето од сите народи“, Исус им го дава следново уверување: „Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:19, 20).

„Ако биде Јеховина волја“ (Дела 18:18-22)

17, 18. За што можеби размислувал Павле додека испловувал за Ефес?

17 Не се знае точно дали ставот на Галион кон обвинителите на Павле му донел период на мир на новооснованото христијанско собрание во Коринт. Сепак, знаеме дека Павле останал во овој град „уште доста денови“ пред да се збогува со тамошните браќа. Пролетта 52 год. од н.е., тој решил да отплови за Сирија од пристаништето Кенхреја, кое се наоѓало на десетина километри источно од Коринт. Но, пред да замине од Кенхреја, Павле се истрижал кратко, зашто имал заветc (Дела 18:18). Потоа ги зел со себе Акила и Прискила и заминал со брод за Ефес, во Мала Азија, на другата страна од Егејското Море.

18 Додека бродот ја напуштал Кенхреја, Павле веројатно размислувал за времето што го поминал во Коринт. Тој имал многу убави спомени од овој град и навистина имал причини да се радува. Во последната година и пол, неговата служба таму дала одлични резултати. Во Коринт било основано првото собрание, кое одржувало состаноци во куќата на Јуст. Јуст, Крисп и неговото семејство, како и многу други, станале верници. Бидејќи им помогнал да станат христијани, Павле многу ги засакал тие нови верници. Подоцна им напишал дека тие се писмо со препорака напишано на неговото срце. И нам ни се блиски оние на кои имаме чест да им помогнеме да му служат на Бог на исправен начин. Тие живи „писма со препораки“ ни носат неопислива радост! (2. Кор. 3:1-3).

19, 20. Што сторил Павле откако стигнал во Ефес, и што учиме од него во врска со остварувањето на духовните цели?

19 Штом стигнал во Ефес, Павле не губел време — веднаш влегол во синагогата и расправал со Евреите (Дела 18:19). Но, таму останал само кратко. Иако го молеле да остане подолго, тој не се согласил. Кога се збогувал со Ефешаните, им рекол: „Пак ќе се вратам кај вас, ако биде Јеховина волја“ (Дела 18:20, 21). Павле сигурно сфатил дека во Ефес треба многу да се проповеда. Тој имал намера да се врати, но сепак ги оставил работите во Јеховини раце. Зарем ова не е добар пример што можеме да го имаме на ум? Точно е дека треба први да преземеме чекори за да ги оствариме своите духовни цели. Сепак, мора секогаш да се потпираме на водството од Јехова и да се трудиме да постапуваме во склад со неговата волја (Јак. 4:15).

20 Откако испловил од Ефес, оставајќи ги таму Акила и Прискила, Павле пристигнал во Цезареја. По сѐ изгледа, оттаму отишол „горе“, очигледно во Ерусалим, и го поздравил тамошното собрание (Дела 18:22, фус.). На крајот се вратил во сириска Антиохија, од каде што и тргнал. Така успешно го завршил и своето второ мисионерско патување. Но, што го чекало на неговото последно мисионерско патување?

ЗАВЕТОТ НА ПАВЛЕ

Во Дела 18:18 се вели дека, кога бил во Кенхреја, Павле се истрижал кратко, зашто имал завет. За каков завет станува збор?

Обично, заветот е свечено ветување што некој доброволно му го дава на Бог дека ќе направи нешто, ќе принесе некој дар или ќе му служи на некој посебен начин. Некои сметаат дека Павле се истрижал кратко за да исполни назарејски завет. Сепак, треба да се забележи дека, според Библијата, откако ќе му завршел периодот на посебна служба за Јехова, назареецот требало да ја избричи својата глава „на влезот во шаторот на средбата“. Според тоа, се чини дека едно такво барање можело да се исполни само во Ерусалим, а не во Кенхреја (4. Мој. 6:5, 18).

Извештајот во Дела не кажува ништо за тоа кога Павле го дал својот завет. Можно е да го дал уште пред да стане христијанин. Не е кажано ништо ни за тоа дали Павле барал нешто конкретно од Јехова. Според една книга, можеби Павле се истрижал кратко „во знак на благодарност кон Бог за Неговата заштита, поради која можел да ја исполни својата служба во Коринт“.

a Види ја рамката „Коринт — господар на две мориња“.

b Види ја рамката „Вдахновени охрабрувачки писма“.

c Види ја рамката „Заветот на Павле“.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели