Коринт — „господар на две пристаништа“
АКО ја погледнеш картата на Грција, ќе забележиш дека поголемиот дел од оваа земја се состои од еден полуостров и има уште еден дел што личи на голем остров на југ. Овие два дела ги поврзува еден тесен појас земја, кој е широк околу 6 километри во неговиот најтесен дел. Наречен Коринтски теснец, овој дел ги поврзува полуостровот Пелопонез на југ и копнениот дел од оваа земја на север.
Овој теснец е важен и од една друга причина. Наречен е мост на морето затоа што на источната страна е Саронидскиот Залив, кој е отворен кон Егејското Море и источниот Медитеран, а на западната страна е Коринтскиот Залив, кој води во Јонското и Јадранското Море и западниот Медитеран. Среде овие локации се наоѓа градот Коринт, една важна станица на мисионерските патувања на апостол Павле. Во древниот свет овој град бил познат по своето богатство, луксуз и разврат.
Град со идеална положба
Градот Коринт лежи во близина на западниот раб на ова важно парче земја. Има излез на две пристаништа, по едно на секоја страна од теснецот — Лехеја на запад и Кенхреја на исток. Од оваа причина, грчкиот географ Страбон го опишал Коринт како „господар на две пристаништа“. Поради својата многу поволна положба, градот Коринт станал крстопат на меѓународната трговија — како на копнената трговија во правец север-југ така и на поморската трговија во правец исток-запад.
Уште од стари времиња, бродовите од исток (Мала Азија, Сирија, Феникија и Египет) и од запад (Италија и Шпанија) пристигнувале овде со својот товар, биле растоварани во едното пристаниште и товарот се пренесувал неколку километри по копнен пат на другата страна на теснецот. Таму товарот се пренесувал на други бродови и продолжувал понатаму. Помалите бродови биле влечени низ теснецот по еден пат наречен диолкос. (Види ја рамката на страница 27.)
Зошто морнарите повеќе сакале да го користат копнениот пат преку теснецот? Затоа што ги поштедувал од ризиците на опасното патување долго 320 километри по разбеснетите мориња околу карпестото крајбрежје на јужен Пелопонез, каде што дуваат силни ветришта. Морнарите особено го избегнувале ’ртот Малеа, за кој луѓето велеле: „Кој ќе тргне накај ’ртот Малеа жив дома не се враќа“.
Кенхреја — откриено е едно потонато пристаниште
Пристаништето Кенхреја, кое се наоѓа на околу 11 километри источно од Коринт, било последната станица на поморските патишта што тргнувале од Азија. Денес е до половина под вода поради разорните земјотреси што го погодиле кон крајот на 4 век од н.е. Страбон ја опишал Кенхреја како прометно и богато пристаниште, а римскиот филозоф Лисиј Апулеј ја нарекол „големо и значајно пристаниште во кое доаѓаат бродови од најразлични земји“.
Во римско време, ова пристаниште имало две платформи што се спојувале во морето како потковица, со што се формирал влез широк 150-200 метри. Во него можеле да допловат бродови долги и до 40 метри. Со археолошките ископувања на југозападната страна пронајдени се делови од еден храм за кој се смета дека бил светилиште на божицата Изида. Еден комплекс згради на спротивната страна од пристаништето веројатно бил светилиште на Афродита. Овие две божици се сметале за заштитнички на морнарите.
Веројатно затоа што во Коринт доаѓале многу трговски бродови, апостол Павле можел да работи овде како изработувач на шатори (Дела 18:1-3). Во една книга стои: „Кога се приближувала зимата, изработувачите на шатори во Коринт, кои правеле и едра, имале речиси повеќе работа отколку што можеле да постигнат. Бидејќи двете пристаништа биле преполни со бродови усидрени да ја поминат зимата и да им се направи ремонт додека била затворена сезоната за пловење, трговците со опрема за бродови во Лехеја и Кенхреја мора да имале работа за речиси секој човек што знаел да зашие парче платно за едра“ (По стапките на апостол Павле — In the Steps of St. Paul).
Откако останал во Коринт подолго од 18 месеци, Павле отпловил од Кенхреја за Ефес некаде во 52 год. од н.е. (Дела 18:18, 19). Отприлика во следните четири години, во Кенхреја било основано христијанско собрание. Библијата ни кажува дека Павле ги замолил христијаните во Рим да ѝ помогнат на една христијанка по име Фива, која била од „собранието во Кенхреја“ (Римјаните 16:1, 2).
Денес, посетителите на заливчето во Кенхреја пливаат во кристално чистите води среде остатоците од едно потонато пристаниште. Ретко кој од нив знае дека пред многу векови ова место вриело од активности, како меѓу христијаните така и меѓу трговците. Истото важи и за другото пристаниште на Коринт, Лехеја, кое се наоѓа на западната страна на овој теснец.
Лехеја — врата кон запад
Една поплочена улица наречена Лехејски пат тргнувала директно од агората, односно пазарот на Коринт, и водела до западното пристаниште, Лехеја, оддалечено околу 2 километри. Градителите ископале еден дел од крајбрежјето за да го изградат пристаништето, а шутот го насобрале на брегот за да ги штити усидрените бродови од силните ветрови што дувале од заливот. Во минатото, ова било едно од најголемите пристаништа на Медитеранот. Археолозите откопале остатоци од еден светилник, статуа на Посејдон со пламен во рацете.
Покрај Лехејскиот пат, кој бил заштитен со двојни ѕидови, имало тротоари, државни згради, храмови и колонади со продавници. Овде Павле сигурно сретнувал зафатени купувачи, бадијалџии, дуќанџии, робови, трговци и други луѓе на кои слободно можел да им проповеда.
Лехеја не била само трговско пристаниште туку и главна поморска база за воени бродови. Некои сметаат дека триремата, еден од најефикасните воени бродови во старо време, за првпат била направена на бродоградилиштата на Лехеја од страна на коринтскиот бродоградител Аминокле, некаде околу 700 год. пр.н.е. Атињаните ги искористиле добрите страни на триремата во нивната одлучувачка победа над персиската морнарица кај Саламис во 480 год. пр.н.е.
Она што некогаш било прометно пристаниште денес е само „редица од црни лагуни обраснати со трски“. По ништо не се познава дека пред многу векови овде се наоѓало едно од најголемите пристаништа на Медитеранот.
Коринт — предизвик за христијаните
Освен тоа што биле трговски центри, коринтските пристаништа имале и улога на порти преку кои навлегувале силни влијанија што ги прифаќале луѓето во градот. Една работа е што овие пристаништа биле многу поволни за трговија и биле извор на богатство. Коринт се збогатил наплатувајќи високи пристанишни такси, како и патарини за превоз на товар и бродови по копнениот пат од едната до другата страна на теснецот. Овој град вовел и давачки за копнениот сообраќај. Некаде кон крајот на 7 век пр.н.е., државните приходи насобрани од даноците добиени од градските пазари и од употребата на неговите пристаништа овозможила да се укинат дури и граѓанските даноци.
Коринт добивал дополнителни приходи од трговците што останувале подолго во него. Многу од нив оделе на луксузни и развратни пијанки. И морнарите масовно се собирале во Коринт и го богателе. Како што забележува географот Страбон, лесно си ги трошеле парите во овој град. Во него им се нуделе многу услуги, вклучувајќи и поправка на бродовите.
Во времето на Павле, градот веројатно имал околу 400.000 жители, помалку само од Рим, Александрија и Сириска Антиохија. Во Коринт живееле Грци, Римјани, Сиријци, Египќани и Евреи. Неговите пристаништа постојано вриеле од патници, посетители на атлетските игри, уметници, филозофи, трговци и други луѓе. Сите тие оставале подароци во храмовите и им принесувале жртви на боговите. Од овие причини Коринт станал динамична, напредна метропола — но тоа морал скапо да го плати.
Во книгата По стапките на апостол Павле стои: „Коринт, сместен помеѓу две такви пристаништа, станал космополитски град во кој се вовлекле пороците на странските народи чии бродови доаѓале во неговите пристаништа“. Слабостите и пороците на Истокот и Западот се сретнале и се споиле во овој град. Затоа, Коринт станал морално расипан, бесрамно луксузен — најразвратниот град во древна Грција. Кога ќе се речело дека некој живее како Коринќанин, значело дека живее развратно.
Ваквата клима на материјализам и неморал претставувала опасност за духовноста на христијаните. Исусовите следбеници во Коринт требало да бидат опоменати да задржат добро име пред Бог. Соодветно е што во своите писма до Коринќаните Павле остро ги осудил алчноста, изнудувањето и моралната нечистота. Додека ги читаш тие вдахновени писма, ќе го почувствуваш расипаното влијание со кое морале да се борат христијаните во тој град (1. Коринќаните 5:9, 10; 6:9-11, 18; 2. Коринќаните 7:1).
Сепак, тоа што Коринт бил космополитски град си имало и свои добри страни. Во него постојано се ширеле нови идеи. Неговите жители биле со поотворен ум од луѓето во другите градови во кои одел Павле. „Во ова древно пристаниште Истокот се среќавал со Западот“, вели еден библиски изучувач, „изложувајќи ги неговите жители на секакви нови идеи, филозофии и религии што можел да ги понуди светот.“ Од таа причина се толерирале различни религии, а тоа очигледно му олеснило на Павле да проповеда таму.
Двете пристаништа на Коринт — Кенхреја и Лехеја — придонеле тој да стане богат и прочуен град. Но, истите овие пристаништа им го отежнале животот на христијаните во Коринт. Слично е и во денешниов свет. Расипаните влијанија, како што се материјализмот и неморалот, претставуваат духовна опасност за богобојазливите лица. Затоа, и ние ќе треба да внимаваме на вдахновените совети што Павле им ги дал на христијаните во Коринт.
[Рамка/слика на страница 27]
ДИОЛКОС — „ПЛОВЕЊЕ“ ПО КОПНО
Некаде кон крајот на 7 век пр.н.е., кога се изјаловиле плановите за изградба на канал, Перијандар, владетелот на Коринт, смислил еден генијален начин како да се „плови“ по теснецот.a Била направена патека од камени плочи и длабоки бразди во кои биле поставени дрвени шини подмачкани со маст. Оваа патека била наречена диолкос, што значи „лизгалка“. Стоките од бродовите што пристигнувале во едното пристаниште се истоварале, се ределе на колички со тркала, а потоа робовите ги туркале по патеката до друго пристаниште. И помалите бродови, кои понекогаш сѐ уште го носеле својот товар, биле влечени преку истата дрвена пруга.
[Фуснота]
a Нешто повеќе за изградбата на денешниот канал можеш да прочиташ во статијата „Приказната за Коринтскиот канал“ во англиското издание на Разбудете се! од 22 декември 1984 год., страници 25-27.
[Карта на страница 25]
(Види во публикацијата)
ГРЦИЈА
Коринтски Залив
Лехеја
Древниот Коринт
Кенхреја
Коринтски теснец
Саронидски Залив
Пелопонез
ЈОНСКО МОРЕ
’Ртот Малеа
ЕГЕЈСКО МОРЕ
[Слика на страница 25]
Товарни бродови минуваат низ Коринтскиот канал денес
[Слика на страница 26]
Пристаништето Лехеја
[Слика на страница 26]
Пристаништето Кенхреја
[Извор на слика на страница 25]
Todd Bolen/Bible Places.com