ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • od погл. 1 стр. 6-11
  • Организирани за да ја вршиме Јеховината волја

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Организирани за да ја вршиме Јеховината волја
  • Организирани за да ја вршиме Јеховината волја
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • НЕБЕСНИОТ ДЕЛ ОД ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА
  • ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА СЕ ДВИЖИ НАПРЕД
  • ,Проценете што е најважно‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Остани безбеден како дел од Божјата организација
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Јеховината небесна кола во движење
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Да се оди во чекор со Јеховината небесна кола
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
Повеќе
Организирани за да ја вршиме Јеховината волја
od погл. 1 стр. 6-11

ПОГЛАВЈЕ 1

Организирани за да ја вршиме Јеховината волја

ВО СВЕТОТ постојат многу религиозни, политички, трговски и општествени организации со различни обележја, цели, гледишта и идеи. Но, има една организација која се издвојува од сите други. Тоа се Јеховините сведоци. Тие се разликуваат од другите затоа што се држат за библиските начела во сѐ што прават.

2 Убаво е што сега и ти си дел од Јеховината организација. Откако си се уверил која е Божјата волја, се трудиш да живееш во склад со неа (Пс. 143:10; Рим. 12:2). Имаш чест да служиш рамо до рамо со твоите браќа и сестри од целиот свет меѓу кои владее љубов (2. Кор. 6:4; 1. Пет. 2:17; 5:9). Токму како што ветил Бог во својата Реч, ова ти носи големи благослови и неизмерна среќа (Изр. 10:22; Мар. 10:30). Со тоа што верно ја извршуваш Јеховината волја денес, се подготвуваш за прекрасната иднина која лежи пред тебе (1. Тим. 6:18, 19; 1. Јов. 2:17).

3 Нашиот Творец има уникатна меѓународна организација која е водена на теократски начин. Тоа значи дека ја води Јехова, кој е Глава на сѐ. Ние имаме потполна доверба во него. Тој е наш Судија, Законодавец и Цар (Иса. 33:22). Бидејќи е Бог на редот, нѐ организирал за да можеме да соработуваме со него додека ја исполнува својата намера (2. Кор. 6:1, 2).

4 Како што се приближува крајот на овој свет, продолжуваме верно да служиме под власта на Исус Христос, кого Јехова го поставил за Цар (Иса. 55:4; Отк. 6:2; 11:15). Самиот Исус прорекол дека неговите следбеници ќе прават поголеми дела од оние што ги правел тој во текот на својата служба на Земјата (Јован 14:12). Тој знаел дека тие ќе ја објавуваат добрата вест подолго време, ќе бидат во поголем број и ќе проповедаат на поголемо подрачје. Пораката за Царството ќе се раширела до сите краеви на Земјата (Мат. 24:14; 28:19, 20; Дела 1:8).

5 Ова навистина и се случило. Сепак, Исус јасно кажал дека добрата вест ќе се проповеда сѐ до времето што го одредил Јехова. Пророштвата од Божјата Реч покажуваат дека Јеховиниот голем и страшен ден е многу близу (Јоил 2:31; Соф. 1:14-18; 2:2, 3; 1. Пет. 4:7).

Треба уште повеќе да се трудиме да го правиме она што Бог го бара од нас. За таа цел, важно е да бидеме добро запознаени со начинот на кој функционира Божјата организација

6 Бидејќи знаеме која е Јеховината волја во ова време на крајот, треба уште повеќе да се трудиме да го правиме она што Бог го бара од нас. За таа цел, важно е да бидеме добро запознаени со начинот на кој функционира Божјата организација и потполно да соработуваме со неа. Организацијата се води по начелата, заповедите, законите, наредбите, одредбите и учењата кои се запишани во Божјата Реч под водство на светиот дух (Пс. 19:7-9).

7 Кога Јеховините слуги цврсто се држат за Библијата, живеат и соработуваат во мир и единство (Пс. 133:1; Иса. 60:17; Рим. 14:19). Што е тоа што ги обединува и зближува Божјите слуги од целиот свет? Љубовта. Таа е главниот мотив за сѐ што правиме (Јован 13:34, 35; Кол. 3:14). Со тоа што живееме на ваков начин, држиме чекор со небесниот дел од Јеховината организација.

НЕБЕСНИОТ ДЕЛ ОД ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

8 Пророците Исаија, Езекиел и Даниел имале виденија за небесниот дел од Јеховината организација (Иса. погл. 6; Езек. погл. 1; Дан. 7:9, 10). И апостол Јован имал видение за небесниот дел од Јеховината организација кое е запишано во книгата Откровение. Тој го видел Јехова како седи на славен престол во придружба на ангели кои извикуваат: „Свет, свет, свет е Јехова Бог, Семоќниот, кој беше и кој е и кој доаѓа!“ (Отк. 4:8). Јован исто така видел дека „покрај престолот... стои Јагне“ — Божјето Јагне, Исус Христос (Отк. 5:6, 13, 14; Јован 1:29).

9 Ова видение во кое е прикажано како Јехова седи на престол укажува дека тој е оној што ја води оваа организација. Во врска со него и со неговата возвишена положба, во 1. Летописи 29:11, 12 пишува: „Твои се, Јехова, величието и моќта и убавината и возвишеноста и честа, зашто твое е сѐ што е на небото и на земјата. Твое е царството, Јехова, ти си возвишен како поглавар на сите. Од тебе се богатството и славата, ти владееш над сѐ. Во твоја рака се силата и моќта, во твоја рака е да возвишиш и да им дадеш сила на сите“.

10 Како Божји соработник, Исус Христос има голема власт и висока положба на небото. Всушност, Бог му подложил сѐ под нозете и го направил глава над сѐ за доброто на собранието (Еф. 1:22). Во врска со Исус, апостол Павле кажал: „Бог го возвиши и му подари име кое е над секое друго име, за во Исусово име да се свитка секое колено на оние што се на небото и на оние што се на земјата и на оние што се под земјата, и секој јазик јавно да го признае Исус Христос за Господар, на слава на Бог, Таткото“ (Фил. 2:9-11). Затоа, можеме да имаме целосна доверба дека Исус праведно ја води Божјата организација.

11 Пророкот Даниел имал видение во кое Прадревниот седел на својот небесен престол и безброј ангели му служеле и стоеле пред него (Дан. 7:10). Во Библијата пишува дека оваа војска ангели „се духови чија должност е да служат и кои се испратени да им служат на оние што ќе наследат спасение“ (Евр. 1:14). Овие духовни суштества имаат разни задолженија, односно се поставени на различни положби — престоли, управи, влади и власти (Кол. 1:16).

12 Ако одвоиме време да размислуваме за овие обележја на небесниот дел на Јеховината организација, ќе можеме да ја разбереме реакцијата на Исаија кој во видение го видел Јехова како седи на висок и возвишен престол и како над него стојат серафими. Исаија рекол: „Тешко мене! Ќе загинам, зашто сум човек со нечисти усни и живеам во народ со нечисти усни, а моите очи го видоа Царот, Јехова над војските!“ Кога сфатил колку е голема и величествена Јеховината организација, Исаија почувствувал длабока страхопочит. Ова видение имало толку силно влијание врз него што, кога од небото чул повик за една посебна задача — да ја објави Јеховината осуда — Исаија извикал: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Иса. 6:1-5, 8).

13 И Божјите слуги денес реагираат на сличен начин кога ќе сфатат колку величествена е Јеховината организација и колку голема чест е да се биде дел од неа. Додека организацијата се движи напред, ние даваме сѐ од себе за да бидеме во чекор со неа. Освен тоа, се трудиме да покажуваме доверба во Јеховината организација.

ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА СЕ ДВИЖИ НАПРЕД

14 Во првото поглавје од пророштвото на Езекиел, Јехова е прикажан како управува со една огромна небесна кочија. Оваа кочија го претставува невидливиот дел од Јеховината организација. Тој со љубов ја управува таа кочија и ја користи за да ја исполни својата намера (Пс. 103:20).

15 Во секое тркало на оваа кочија има уште едно тркало со иста големина. Двете тркала се со средиште во иста точка, но меѓусебно се поставени под прав агол. Токму затоа тркалата можат „да одат на сите четири страни“ (Езек. 1:17). Тие можат да го сменат правецот во секој момент. Сепак, тоа не значи дека кочијата се движи без контрола или без некој мудро да ја управува. Јехова не дозволува неговата организација да се движи во одреден правец без негово водство. Во Езекиел 1:20 пишува: „Каде што ги водеше духот, таму одеа“. Значи, Јехова преку светиот дух ја води својата организација каде што сака. Прашањето што секој од нас треба да си го постави е: „Дали јас сум во чекор со неа?“

16 За да бидеме во чекор со Јеховината организација, не е доволно само да одиме на состаноци и во служба. Пред сѐ, многу е важно да созреваме и да напредуваме во духовен поглед. Треба да проценуваме што е најважно и редовно духовно да се храниме (Фил. 1:10; 4:8, 9; Јован 17:3). Освен тоа, мора да имаме на ум дека, за една организација добро да функционира, треба да има ред и соработка. Затоа е важно на најдобар можен начин да го користиме сето она што ни го дал Јехова — нашето време, сила, таленти и материјални средства — за да го вршиме неговото дело. Кога се трудиме да држиме чекор со Јеховината небесна кочија, живееме во склад со пораката што ја објавуваме.

17 Јеховината организација ни помага уште подобро да ја вршиме Божјата волја. Да не заборавиме дека Јехова е тој што управува со оваа небесна кочија. Според тоа, кога одиме во чекор со неговата кочија, покажуваме дека го почитуваме Јехова и дека имаме доверба во него (Пс. 18:31). Библијата ни ветува: „Јехова ќе му даде сила на својот народ. Јехова ќе го благослови својот народ со мир“ (Пс. 29:11). Поради тоа што сме дел од Јеховината организација, Јехова ни дава сила и мир. Нема ни трошка сомнеж дека тој ќе продолжи обилно да нѐ благословува додека ја вршиме неговата волја сега и во сета вечност.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели