Јеховината небесна кола во движење
”А тркалата се викаа, како што чув: кола“ (ЕЗЕКИЕЛ 10:13, ДК).
1. Каков вид превозно средство има Јехова?
ВО ДЕНЕШНОТО време на блескави млазни авиони, светските водачи можеби мислат дека го поседуваат најефикасното средство за патување. Меѓутоа, пред 2 600 години Јехова Бог открил дека тој има врвно средство за транспорт какво што досега не видел ниеден инжењер. Тоа е огромна кола која влева стравопочитување! Дали е чудно што Творецот на вселената се вози на тоа возило слично на кола? Не, затоа што Јеховиното небесно возило сосема се разликува од било кое создадено од човекот.
2. Како е опишана Јеховината небесна кола во 1. поглавје од Езекиел, и на што пророкот прво ни свртува внимание?
2 Во 1. поглавје од Езекеловото пророштво, Јехова е опишан како се вози на една огромна небесна кола. Ова возило со четири тркала кое влева стравопочитување се движи само од себе и може да прави чудесни работи. Езекиел ја видел оваа небесна кола во визија во 613. пр. н. е., кога се наоѓал крај еден од каналите на древниот Вавилон. Пророкот најпрво ни го свртува вниманието на оние кои ја следат Јеховината небесна кола. Додека читаме, да се потрудиме да си го претставиме она што го видел Езекиел.
Четири живи суштества
3. Што означуваат четирите лица на секој од четирите херувими?
3 Езекиел известува: ”И видов: ете, бурен ветар доаѓаше од север и голем облак во него, а околу оган сјаеше; (. . .) во средината негова, пак, видов призраци на четири животни“ (Книга пророк Језекиил 1:4, 5). Секое од овие четири живи суштества или херувими имало четири крилја и четири лица. Имале лавовско лице, што ја означува Јеховината правда; лице на бик, кое ја претставува Божјата сила; и орловско лице што ја означува Јеховината мудрост. Имале и човечко лице, кое ја означува Јеховината љубов (5. Мојсеева 32:4; Јов 12:13; Исаија 40:26; Езекиел 1:10; 1. Јованово 4:8, NW).
4. Зошто херувимите имаат четири лица, и колкава била нивната брзина?
4 Секој херувим имал лице кое гледало во еден од четирите правци. Според тоа, херувимите веднаш можеле да го променат правецот и да одат таму кадешто сакаат и кадешто е свртено некое лице. Колку брзи биле тие херувими? Можеле да се движат со брзина на молња! (Езекиел 1:14). Ниедно возило кое го направиле луѓето никогаш не постигнало таква брзина.
5. Како Езекиел ги опишува тркалата на колата и нивните обрачи?
5 Одеднаш се појавуваат тркалата на колата. Колку се необични! Во 16. и 18. стих се вели: ”Според нивниот изглед и градбата беа исто како едно тркало да се наоѓаше во средината на другото. Што се однесува до нивните обрачи, имаа таква висина што влеваа страв; а нивните обрачи наоколу беа полни со очи“ (NW). Тркалото покрај секој херувим би ги насочувало сите четири тркала во четири наведени правци. Тркалата биле сјајни како хризолит, проѕирен, провиден жолт или зелен камен. Тоа ѝ додава светлина и убавина на оваа величествена визија. Бидејќи обрачите на тркалата имале ”очи секаде наоколу“, не оделе слепо во било кој правец. А тркалата биле страшно високи, така што можеле да поминат голема далечина со само едно завртување на оската. И тие, како и четирите херувима, можеле да се движат брзо како молња.
Тркала во тркалата
6. (а) Како колата имала тркала во тркалата? (б) Според што тркалата го насочувале својот правец на движење?
6 Уште нешто било необично. Секое тркало имало тркало во себе — со ист дијаметар, вметнато попреку по основата на тркалото. Само затоа за тркалата можело да се каже дека ”одат во сите четири правци“ (стих 17.). Тркалата веднаш можеле да го променат правецот, бидејќи во секој правец била свртена една страна од тркалото. Тркалата го прилагодувале својот правец на движење според правецот на движење на четирите херувими. На тие четири тркала Божјата кола можела да се движи со невидлива потпора, слично на силен брод, кој со помош на воздушен јастук се лизга по површината на водата.
7. Што е извор на сила на тркалата?
7 Откаде тркалата добивале таква сила за ускладување со сите движења на четирите херувими? Од светиот дух на Семоќниот Бог. Во стих 20. пишува: ”Каде што духот сакаше да оди, натаму одеа и тие (. . .) бидејќи духот на животните беше во тркалата“. Истата невидлива делотворна Божја сила која била во херувимите, била и во тие тркала.
8. Какво се наречени тркалата, и зошто?
8 Тркалата се означени со името ”кола“ (Езекиел 10:13, ДК). Повод за тоа очигледно е она што секое тркало го прави — се тркала или се врти. Означувањето на овој дел од небесната кола со такво име го свртува вниманието на брзината со која се движи небесната кола. Иако тркалата се движеле толку брзо, секогаш можеле да видат каде одат затоа што биле полни со очи.
9. Како Езекиел го опишува она што се наоѓа над четирите тркала од колата?
9 Но, да погледнеме сега што се наоѓа над тие застрашувачки високи, брзи тркала. Во 22. стих од 1. поглавје од Езекиел, се вели: ”Над главите од животните имаше нешто слично на сводот небески, како проѕирен кристал издигнат одозгора над нивните крилја“. Тоа пространство, иако било цврсто, било провидно ”како проѕирен кристал“. Се сјаело како илјадници дијаманти кога ги осветлува сонцето. Навистина глетка која влева стравопочитување!
Величествениот Возач на колата
10. (а) Како е опишан престолот и Оној кој се наоѓа на престолот? (б) Што значи тоа што Возачот на колата е обвиен со слава?
10 Очигледно колата се запира за да може Возачот да му зборува на Езекиел. Над пространството има нешто што личи на престол и изгледа како камен сафир со темно сина боја. На престолот има некој кој изгледа како земски човек. Човечкиот облик најдобро можело да му помогне на Езекиел да ја цени оваа божествена појава. Но таа човечка фигура била обвиена со слава, така што сјаела како сјајна легура на сребро и злато. Каква треперлива убавина! Од појасот на тоа човечка фигура се ширела таа преубава слава нагоре и надолу, така што целата фигура е опкружена со слава. Тоа укажува дека Јехова е неописливо славен. Освен тоа, Возачот на колата го придружува прекрасно виножито. Каков мир и спокојство настапува кога ќе се појави виножито после бура! Со таквиот став на смиреност, Јехова ги држи во совршена рамнотежа своите особини на мудрост, правда, моќ и љубов.
11. Како влијаела на Езекиел визијата на Јеховината кола и престол?
11 Јеховината кола и престол се опкружени со светлост и прекрасни бои. Каква спротивност е тоа на Сатана, кнезот на темнината и на мрачните сили! А како влијаело сето тоа на Езекиел? ”Кога го видов тоа“, вели тој, ”паднав ничкум, и го чув гласот на Оној, Кој ми зборуваше“ (Езекиел 1:28).
Што претставува колата
12. Што е преставено со Јеховината небесна кола?
12 Што е прикажано со оваа прекрасна кола? Небесната организација на Јехова Бог. Таа се состои од сите негови свети духовни суштества кои се во тоа невидливо подрачје — серафими, херувими и ангели. Бидејќи Јехова Бог е Највишиот Бог, сите негови духовни суштества му се подложни, и тој управува со нив во смисла што благонаклоно владее со нив и ги употребува според неговата намера (Псалми 103:20, NW).
13. (а) Зошто може да се каже дека Јехова управува со својата организација? (б) Како влијае на тебе визијата на Јеховината кола со четири тркала која е во движење?
13 Да, Јехова управува со оваа организација како со кола, и предизвикува да се движи каде што неговиот дух ја тера. Тоа не е диво, бесцелно движење без контрола или без разумно надгледување. Бог не ја пушта својата организација да оди во секој правец за кој е расположена, туку ги следи Јеховините упатства. Сите заедно и обединето се движат напред до потполно исполнување на Божјите намери. Каква прекрасна небесна организација се открива во оваа визија на Јеховината небесна кола во движење на четири тркала! Во согласност со тоа, Јеховината организација е прикажана како четириаголна, во совршена рамнотежа.
Поставен за стражар
14. Кој е претставен со пророкот Езекиел?
14 Но, кого го претставува пророкот Езекиел? Од историските факти е очигледно дека телото на помазаните со дух Сведоци на Јехова е поврзано со небесната кола. Затоа Езекиел добро го претставува помазаниот остаток на Јеховините сведоци од 1919. Во духовна смисла, Божјата небесна организација таа година дошла во допир со помазаниот остаток за да ги оживе како Сведоци на Јехова за целиот свет. (Спореди Откровение 11:1-12.) Таа организација слична на кола биле во движење тогаш, а се движи и денес. Всушност, нејзините тркала на напредокот се вртат побрзо од било кога. Јехова брзо вози напред!
15. Што говори гласот на Возачот на небесната кола, и какво ополномоштување добива Езекиел?
15 Езекиел сакал да знае зошто небесната кола се довезла пред него и запрела. Утврдил дека до него допира глас од Оној кој седи на колата. Совладан од овој спектакл кој влева стравопочитување, Езекиел паднал ничкум. Гласот на Возачот на небесната кола говори: ”Сине човечки, стани на нозе, и Јас ќе говорам со тебе“ (Книга пророк Језекиил 2:1). Јехова потоа го ополномоштува Езекиел да биде стражар и да го опомене бунтовниот дом Израелов. Дури е ополномоштен да зборува во Божје име. Името на Езекиел значи ”Бог зајакнува“. Затоа Бог ја зајакнувал класата на Езекиел и ги испратил, ги поставил за стражар на т. н. христијанство.
16, 17. (а) Од каква корист е визијата на небесната кола за Езекиел? (б) Како во наше време на класата на Езекиел и на големото мноштво влијаело разбирањето на визијата на небесната кола?
16 Визијата на небесната кола за пророкот Езекиел не се покажала отрезнувачка и запрепастувачка, туку и го подготвила за задачата што ја добил какао стражар да го разгласи предупредувањето за претстојното уништување на Ерусалим. Исто било и со класата на стражарот денес. Разбирањето на визијата на Јеховината небесна кола во движење имало големо влијание на помазаниот остаток. Во 1931. повеќе сознале за визијата на Езекиел, како што е прикажано во првиот том од книгата Оправдување (Vindication). Биле исполнети со толку сериозно ценење, што од 15. октомври 1931. па сѐ до 1. август 1950. на насловната страна од списанието Стражарска кула во горниот десен агол се појавувала уметничка замисла на Езекиеловата визија на небесната кола. Така класата на Езекиел дејствувала во склад со ополномоштувањето кое го добила и служела како стражар, разгласувајќи го божественото предупредување. Никогаш не било поблиску времето за огненото уништување на т. н. христијанство од Јехова, кој е поставен на престолот на својата небесна кола!
17 Денес ”големо мноштво“ луѓе слични на овци се здружени со помазаниот остаток (Откровение 7:9). Заедно го разгласуваат предупредувањето за претстојното уништување на т. н. христијанство и на овој целокупен ѓаволски систем. Тоа дело на предупредување брзо се шири, и како што е покажано во Откровение 14:6, 7, ангелите го поддржуваат.
Движење со небесната кола
18. Што треба да се прави за да и понатаму се добива поддршката од ангелите, и за што треба да бидеме приемливи?
18 Понизните ангели се движат во склад со Божјата небесна организација додека им помагаат на Јеховините земски слуги во исполнувањето на нивното овластување да ги објават предупредувањата за божествениот суд. Ако сакаме и понатаму да нѐ заштитуваат и водат овие моќни ангелски Божји слуги, и ние мораме да се движиме во склад и да одиме во чекор со симболичната кола. Освен тоа, како дел од Јеховината видлива организација која се движи паралелно со небесната кола, мораме да бидеме приемливи за водството од Божјиот дух. (Спореди Филипјаните 2:13.) Ако сме Јеховини Сведоци, мораме да се движиме во истата насока како и небесната кола. Сигурно дека не смееме да постапуваме спротивно на нејзините намери. Кога нѐ насочува каде треба да одиме, треба да ја следиме таа насока. На тој начин собранието не е поделено (1. Коринтјаните 1:10).
19. (а) Како што тркалата на небесната кола наоколу имаат очи, на што мора да биде буден Јеховиниот народ? (б) Што би требало да биде наша цел во овие бурни времиња?
19 Очите околу тркалата на Божјата кола укажуваат на будност. Како што небесната организација е будна, така мораме и ние да бидеме будни за да ѝ пружаме поддршка на Јеховината земска организација. Во собранието таа подршка можеме да ја покажеме така што ќе соработуваме со старешините (Евреите 13:17). Во овие немирни времиња христијаните треба што поцврсто да се држат за Јеховината организација. Не сакаме на свој начин да ги толкуваме настаните, зашто во тој случај не би се движеле заедно со Јеховината небесна кола. Секогаш да се прашуваме: ’Во кој правец се движи небесната кола?‘ Ако одиме напред со Божјата видлива организација, исто така ќе се движиме со невидливата организација.
20. Каков прекрасен совет дава апостол Павле во Филипјаните 3:13-16?
20 Во врска со тоа Павле напишал: ”Браќа, јас не мислам за себе дека веќе сум дофатил; но постои едно: заборавајќи го она што е зад мене и пружајќи се кон она што е напред, се стремам кон целта, кон наградата на горниот Божји позив преку Христос Исус. Затоа, сите ние кои сме зрели да бидеме со овој став на мислите; и ако во било кој поглед сте поинаку мисловно настроени, Бог ќе ви го открие горенаведениот став. Секако, до мерката до која сме напредувале, да одиме и понатаму уредно по истиот утврден ред“ (Филипјаните 3:13-16, NW).
21. Со следењето на кој утврден ред е можно духовно да се напредува во Божјата организација?
21 Овде изразот ”утврден ред“ не означува некој лош пат од кој не можеме да се извлечеме. Јеховините слуги имаат добро утврден ред во смисла на нивниот духовен напредок. Тој утврден ред се постигнува преку личното проучување на Библијата, посетување на собраниските состаноци, редовно проповедање на добрата вест за Царството и одразување на особините на Божјата небесна организација. Таквиот утврден ред ни овозможува да го следиме водството на Јеховината небесна организација налик на кола. Ако го сочуваме тој став, ќе ја постигнеме својата цел, било да е тоа наградата на бесмртен живот на небото или вечен живот на рајската Земја.
22. (а) Што мора да се стори за да помазаниот остаток и големото мноштво од други овци бидат обединето организирани? (б) Што не може да му избегне на Јеховиното внимание?
22 Како што покажува Јован 10:16, ”другите овци“ и класата на Езекиел ќе бидат обединето организирани. Затоа е од оресудна важност сите во Јеховината организација во потполност да ја сфатат смислата и значењето на визијата запишана во 1. поглавје од Езекиел ако сакаат да се движат во склад со Божјата небесна кола. Визијата ни помага да ја цениме потребата да се движиме во согласност со Божјата видлива и невидлива организација. Исто така да имаме на ум дека Јеховините очи ’ја пребаруваат земјата за да ја покаже својата сила во корист на оние чие срце е целосно спрема него‘ (2. Дневници 16:9). Ништо не останува незабележано од Јехова, особено што се однесува до неговата намера да се оправда себеси како Универзален Суверен.
23. Што мораме да правиме со оглед на Јеховината небесна кола во движење?
23 Денес Јеховината небесна кола сѐ уште е во движење. Наскоро сѐ ќе биде доведено во слава во склад со Оној кој е славен и кој управува со колата — а сѐ за оправдување на него како Суверен Господ на вселената. Неговите серафими, херувими и ангели ни даваат подршка во нашето големо дело на проповедање ширум светот. Затоа, да се движиме напред со Јеховината небесна организација. Но, како можеме да одиме во чекор со таа брза небесна кола?
Како би одговорил?
◻ Какви особини се прикажани со четирите живи суштества кои ги видел Езекиел?
◻ Што претставува Јеховината небесна кола?
◻ Кој е предочен со Божјиот пророк Езекиел?
◻ Како разбирањето на Јеховината небесна кола влијаело на класата на Езекиел и на големото мноштво?