ПОГЛАВЈЕ 15
Како ни користи начелото за поглаварство?
АКО сакаме организирано да ја вршиме Јеховината волја, мора да му бидеме подложни на Бог, нашиот Севишен Владетел. Мора да го прифатиме Христос како глава на собранието и да го почитуваме начелото за поглаварство во други аспекти од животот. Тоа што се држиме за ова начело ни користи на сите.
2 Уште во рајската градина, луѓето биле запознаени со идејата за подложност кон авторитет. Ова го дознаваме од Божјите заповеди во 1. Мојсеева 1:28 и 2:16, 17. Животните требало да им бидат подложни на луѓето, а Адам и Ева на Бог. Доколку луѓето се подложеле на Божјиот авторитет, на Земјата ќе имало ред и мир. Начелото за поглаварство подоцна било запишано во 1. Коринќаните 11:3. Апостол Павле напишал: „Сакам да знаете дека глава на секој маж е Христос, а глава на жената е мажот, а глава на Христос е Бог“. Од ова јасно се гледа дека, освен Јехова, сите други треба да се подложат некому.
3 Повеќето луѓе денес не го разбираат ниту го прифаќаат начелото за поглаварство. Проблемот започнал кога Адам и Ева намерно се побуниле против Божјата врховна власт (1. Мој. 3:4, 5). Но, со тоа не добиле поголема слобода. Напротив, тие паднале под власта на злобното духовно суштество, Сатана Ѓаволот. Побуната на првите луѓе го отуѓила човештвото од Бог (Кол. 1:21). Поради тоа, поголемиот дел од луѓето денес се под власта на Злобниот (1. Јов. 5:19).
4 Со тоа што сме ја дознале вистината од Божјата Реч и живееме во склад со неа, ние не сме веќе под влијание на Сатана. Како крстени Сведоци, му го заветувавме својот живот на Јехова и го прифативме како наш Севишен Владетел. Исто како цар Давид, веруваме дека Јехова е „поглавар на сите“ (1. Лет. 29:11). И ние како псалмистот понизно велиме: „Знајте дека Јехова е Бог. Тој нѐ направи, а не ние самите. Ние сме негов народ и овци на неговото пасиште“ (Пс. 100:3). Признаваме дека Јехова е возвишен и заслужува да му бидеме потполно подложни (Отк. 4:11). Како слуги на вистинскиот Бог, го следиме Исус Христос, кој совршено ни покажал што значи да му се биде подложен на Бог.
5 Што научил Исус од она што го претрпел на Земјата? Одговорот го дознаваме од Евреите 5:8, каде што пишува: „Иако беше Син Божји, се научи на послушност од она што го претрпе“. Исус лојално му се подложувал на својот небесен Татко дури и кога се соочувал со неволји. Освен тоа, ништо не правел на своја рака, не зборувал сам од себе ниту, пак, барал слава за себе (Јован 5:19, 30; 6:38; 7:16-18). За време на својата служба на Земјата, тој со задоволство ја вршел волјата на својот Татко иако поради тоа морал да трпи противење и прогонство (Јован 15:20). Исус му бил подложен на Бог и се понизил до тој степен што умрел на маченички столб. Со тоа што му останал потполно подложен на Јехова, Исус им овозможил на луѓето да добијат спасение, самиот добил возвишена положба и го прославил својот Татко (Фил. 2:5-11; Евр. 5:9).
НА КОИ ПОЛИЊА ОД ЖИВОТОТ ТРЕБА ДА ПОКАЖУВАМЕ ПОДЛОЖНОСТ?
6 Кога му се подложуваме на Бог со тоа што ја вршиме неговата волја, поштедени сме од многу грижи и проблеми кои ги имаат оние што не сакаат да ѝ се подложат на Јеховината власт. Нашиот непријател, Ѓаволот, постојано бара начин да нѐ проголта. Но, тој нема да успее во тоа доколку решително му се спротивставиме и доколку понизно и спремно му се подложиме на Јехова (Мат. 6:10, 13; 1. Пет. 5:6-9).
7 Ја прифаќаме положбата што ја има Исус во христијанското собрание и го прифаќаме авторитетот што тој му го дал на „верниот и разборит роб“. Тоа влијае врз нашиот став и нашето однесување кон другите. Ако сме му подложни на Бог, ќе бидеме поттикнати да се водиме по начелата од Божјата Реч во сите аспекти од нашето обожавање. Во тоа се вклучени службата на проповедање, присуството и учеството на состаноците, односот кон старешините и ставот кон одлуките на организацијата (Мат. 24:45-47; 28:19, 20; Евр. 10:24, 25; 13:7, 17).
8 Со тоа што му се подложуваме на Бог, придонесуваме во собранието да има мир, сигурност и ред. Како слуги на Јехова, се трудиме да ги одразуваме неговите возвишени особини (1. Кор. 14:33, 40). Бидејќи сме дел од Јеховината организација, се чувствуваме како што се чувствувал цар Давид. Откако ја опишал разликата меѓу Јеховините слуги и злобните луѓе, тој радосно изјавил: „Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ (Пс. 144:15).
9 Во бракот и во семејството „глава на жената е мажот“. Меѓутоа, мажот мора да му биде подложен на Христос, а на Христос глава му е Бог (1. Кор. 11:3). Жените треба да им бидат подложни на своите мажи, а децата на своите родители (Еф. 5:22-24; 6:1). Кога секој живее според начелото за поглаварство, во семејството владее мир.
10 Мажот треба да го следи примерот на Исус и со љубов да го спроведува своето поглаварство (Еф. 5:25-29). Ако не бега од својата одговорност и ако не го злоупотребува своето поглаварство, жената и децата со задоволство ќе му се подложуваат. Жената треба да му биде помошничка на мажот, односно негово дополнение (1. Мој. 2:18). Кога стрпливо го поддржува и го почитува својот сопруг, жената му е драга на мажот и му носи слава на Бог (1. Пет. 3:1-4). Доколку мажот и жената се држат за библиското начело за поглаварство, со својот пример ги учат и децата да му бидат подложни на Бог.
Важно е да му бидеме подложни на Бог на сите полиња од животот
11 Тоа што сме му подложни на Бог влијае и врз нашиот став кон властите кои Бог ги поставил на нивната положба (Рим. 13:1-7). Бидејќи како христијани ги почитуваме законите, плаќаме даноци со што му го враќаме цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог (Мат. 22:21). Освен тоа, кога го обработуваме подрачјето, ги земаме предвид законите за заштита на лични податоци кои важат во земјата. Ако сме им подложни и послушни на властите во сето она што не се коси со Јеховините праведни закони, ќе можеме да се сконцентрираме на делото на проповедање (Мар. 13:10; Дела 5:29).
12 Важно е да му бидеме подложни на Бог на сите полиња од животот. Со очите на верата можеме да го видиме денот кога сите луѓе ќе му бидат подложни на Јехова Бог (1. Кор. 15:27, 28). Јехова богато ќе ги благослови и ќе ги награди сите оние кои спремно го прифаќаат како свој Севишен Владетел и кои ќе му останат подложни во сета вечност!