ПОГЛАВЈЕ 55
Еден ангел го заштитил Езекија
Асирците го освоиле царството Израел, кое се состоело од 10 племиња. Потоа Сенахирим, царот на Асирија, сакал да го заземе и царството Јуда, кое го сочинувале две племиња. Тој почнал да ги поразува градовите еден по еден. Но, најмногу сакал да го освои Ерусалим. Сепак, Сенахирим не знаел дека Јехова го штити овој град.
Езекија, царот на Јуда, му платил на Сенахирим многу пари за да се откаже од Ерусалим. И покрај тоа што ги зел парите, Сенахирим ја испратил својата моќна војска да го нападне градот. Луѓето биле многу уплашени бидејќи Асирците се приближувале сѐ повеќе и повеќе. Затоа Езекија им рекол: „Не плашете се. Асирците се многу силни, но Јехова ќе ни даде поголема сила дури и од нивната“.
Сенахирим го испратил рапшакот, кој му бил гласник, да оди во Ерусалим за да ги понижи и заплаши луѓето. Рапшакот застанал пред ѕидовите на градот и на сет глас рекол: „Јехова не може да ви помогне. Нека не ве лаже Езекија. Ниту еден бог не може да ве спаси од нас!“
Езекија го прашал Јехова што да прави. Јехова му одговорил: „Не плаши се од она што го вели рапшакот. Сенахирим нема да го освои Ерусалим“. Потоа Езекија добил писма од Сенахирим. Во нив пишувало: „Откажи се, Езекија. Јехова не може да те спаси“. Езекија се помолил: „Јехова, те молам спаси нѐ. Сите нека знаат дека само ти си вистинскиот Бог“. Јехова му рекол: „Царот на Асирија нема да влезе во Ерусалим. Јас ќе го заштитам мојот град“.
Сенахирим бил уверен дека за кратко време Ерусалим ќе биде негов. Но, една ноќ Јехова испратил ангел кај војниците кои спиеле во шатори близу градот. Ангелот убил 185.000 војници! Цар Сенахирим ги изгубил своите најдобри војници. Немал што да прави — доживеал голем пораз и морал да се врати дома. Јехова ги заштитил Езекија и Ерусалим токму како што ветил. Да живееше ти во тоа време, ќе имаше ли доверба во Јехова?
„Ангел Јеховин стои улогорен околу оние што се бојат од Бог, и ги избавува“ (Псалм 34:7)