Колку добро ја познаваш Библијата?
’Книгата на Тома? Се разбира, тоа е во Библијата. Но, книгата од Јона не е. Родното место на Христос? Аха, па тоа е Ерусалим — или можеби тоа беше Назарет? Не сум баш сигурен дали книгата на Исаија беше во првиот или вториот дел од Библијата. Бројот на апостолите? Навистина не знам.‘
”ВАКВИТЕ одговори можеби не би нѐ изненадиле ако овие податоци би биле собирани само меѓу нехристијаните“, вели списанието Christianity Today (Христијанството денес). ”Она што изненадува — и вознемирува — е големината на непознавањето на Писмото кое е забележано меѓу повторно родените христијани.“
На пример, 22 процента од анкетираните таканаречени христијани мислеле дека книгата на Тома навистина постои во Библијата, додека 13 проценти не биле сигурни. За Јона 27 проценти велат дека не постои во Библијата, а 12 проценти немаат поим. Шест проценти не можат ниту да претпостават каде е роден Христос, додека 16 проценти го наведуваат Ерусалим, а 8 проценти велат дека тоа бил Назарет. Цели 13 проценти немаат поим каде во Библијата се наоѓа книгата на Исаија, додека 11 проценти ја сместуваат во Христијанските грчки списи (во ”Новиот завет“). И додека повеќето знаеле дека биле 12 апостоли, 12 проценти од анкетираните наведуваат друг број, од 2 до преку 20, а 10 проценти воопшто немаат поим за тоа.
Прашање кое донело најмногу неволји било дали изреката ”Помогни си и Бог ќе ти помогне“ се наоѓа во Библијата или не. Само 38 проценти од анкетираните ”христијани“ знаеле дека тоа не може да се најде никаде во Библијата, додека голем број, 42 процента мислеле дека тоа е библиски цитат. Останатите не знаеле.
”Зошто толку многу незнаење за Библијата?“, прашува списанието Christianity Today. ”Најверојатно, тоа е поради премалото читање на Библијата. Половина од сите Американци не ја читаат Библијата. Повеќето од повторно родените христијани ја читаат Библијата еднаш или двапати неделно, или воопшто не. Не е ни чудно што толку многу христијани знаат толку малку за Писмото!“