Книга за која повеќето млади не покажуваат интерес
„ОД КАДЕ да знам дали Библијата е навистина реч Божја? Како книга, таа не ме интересира“, забележала една млада жена по име Беате.
Во Германија, каде што живее таа, повеќето млади луѓе го делат нејзиното мислење; значи, му придаваат мала важност на читањето на Библијата. Една неодамнешна анкета таму откри дека речиси 1 процент од младите луѓе ја читаат Библијата многу често, 2 процента често, 19 проценти ретко и скоро 80 проценти никогаш не ја читаат. Бројките веројатно би биле слични и во другите земји, можеби и таму каде што живееш ти. Јасно, Библијата е книга за која повеќето млади не покажуваат интерес.
Тогаш, не е ни чудо тоа што неписменоста за Библијата е толку распространета кај помладата генерација! Во почетокот на 2000 година, весникот Lausitzer Rundschau известил за резултатите од една анкета во врска со тоа колку луѓе биле запознати со Десетте заповеди и ги користеле како патоказ во животот. Кај генерацијата со старост над 60 години, 67 проценти ги знаеле заповедите и се воделе според нив; кај оние што биле на возраст под 30 години, бројката изнесувала само 28 проценти. Да, за многу млади луѓе речта Божја е непознато поле.
Некои имаат поинакво гледиште
Од друга страна, пак, низ целиот свет има милиони млади луѓе за кои речта Божја има извонредна вредност. Александар, на пример, има 19 години и ја чита Библијата секое утро пред да оди на работа. „Не би можел да си замислам подобар почеток на денот“, забележува тој. Сандра има обичај да чита по еден дел од Библијата секоја вечер. „Тоа стана дел од мојата секојдневна рутина“, објаснува таа. А Јулија, 13-годишна, веќе има развиено образец пред да си легне да прочита најмалку по едно поглавје од Библијата. „Навистина уживам во неа и сакам да продолжам со таа навика и во иднина.“
Кое гледиште е исправно и мудро? Дали навистина се исплати да се чита Библијата? Дали е вредна и важна за помладата генерација? Што мислиш ти?